ИНФО                                           
     
  ОБЕШТЕТУВАЊЕ ЗА ЖРТВИТЕ НА НАЦИСТИЧКИОТ РЕЖИМ

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) влегува во последната фаза на имплементација на двете програми под кои се извршува исплатата за обештетување на поранешните робови, присилни работници и други жртви на нацистичкиот режим. Сите преостанати исплати од програмите кои почнаа во 2001 година, ќе бидат задолжително реализирани до септември 2006 година. Ова е рокот до кој истекува правото на жртвите и нивните правни наследници да добијат исплата под Германската програма за обештетување на принудниот труд (GFLCR), кофинансирана од германската Влада и германската индустрија, или под Програмата за обештетување на жртвите на холокаустот (HVAP)/швајцарски банки, финансирана од швајцарската Фондација за обештетување од 1.2 билиони американски долари под администрација на Општинскиот суд за Источната област на Њујорк. Исто така, сите рокови поврзани со обжалување и законските наследници (наследниците), кои не се доставени до 30 септември 2006 година, ќе бидат терминирани /неважечки на истиот датум.
 
     
  СЕ ЧЕКА ЈАСЕН СИГНАЛ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА ВО АЛИЈАНСАТА

По средбата со колегите од Хрватска и од Албанија во Дубровник, премиерот Владо Бучковски изјави дека очекува на претстојниот Самит на НАТО во Рига трите земји да добијат јасен сигнал за интеграција во Алијансата, а во 2008 година покана за членство.
Бучковски, Санадер и Бериша средбата со Чејни ја оценуваат како уште една потврда за американската поддршка за интеграцијата на трите земји во НАТО. Тројцата премиери го известиле Чејни за тоа колку Хрватска, Македонија и Албанија придонесуваат за мировните мисии во светот.
Во билатералните контакти во Дубровник, премиерот Бучковски пред Санадер го отвори прашањето за издавањето писмени гаранции од Хрватска на Хашкиот трибунал за да се брани од слобода поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
 
     
  НЕМА ВЕЌЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНО СЛУЖЕЊЕ ВОЕН РОК

Собранието ги усвои измените во Законот за одбрана со кои се избриша задолжителното служење на воениот рок за македонските државјани. Со измените, од 2007 година во Армијата на Република Македонија ќе служат само професионални војници, а се укинува регрутирањето граѓани. Според најавите, до крајот на годинава треба да бидат примени уште 1.200 професионални војници.
Измена е направена и во одредбите за испраќање македонски војници во мисиите на НАТО во странство. Со новата одлука, на Владата & е овозможено во иднина ексклузивно, без одобрение на Собранието, да испраќа војници на АРМ во странски мисии, како што во моментов е случај со НАТО мисијата во Авганистан и сојузничните сили во Ирак. Законската измена за испраќање на АРМ во странски мисии ќе стапи во сила во 2008 година, кога треба да почнат преговорите за Македонија за влез во Алијансата.
 
     
  ВО ЈУНИ ПРВИОТ НОВ ПАСОШ

Министерот за внатрешни работи, Љубомир Михајловски-Џанго, вети дека првиот нов пасош ќе го покаже во првата половина на јуни и повторно ја убедуваше јавноста дека не се пробиени роковите за изработка на новите лични документи.
Исто така, министерот Михајловски побара од јавноста да не шпекулира ниту околу цената на новите пасоши, која сe уште е непозната.
До пред неколку седмици на адреса на македонското МВР пристигнуваа обвинувања дека значително се доцни со изработката на пасошите и дека победникот на тендерот нема да може да ги запази утврдените рокови. МВР веднаш ги демантираше обвинувањата со тоа дека сe тече според плановите и дека новите пасоши ќе бидат готови до крајот на годината кога е и крајниот рок.
 
     
 

КОГА ЌЕ БИДЕ РЕШЕН СТАТУСОТ НА ЗАГИНАТИТЕ ПОЛИЦАЈЦИ?

Денот на полицијата 7 мај беше одбележан со положување свежо цвеќе на Споменикот на загинатите припадници на МВР, во кругот на Министерството во Скопје. Во состав на одбележувањето на Денот на полицијата, делегација на МВР и министерот Љубомир Михајловски се сретнаа со роднините на загинатите полицајци и го посетија Домот за деца без родители "11 Октомври" во Скопје.
На настанот родителите на загинатите полицајци јавно прашаа кога конечно ќе биде решен статусот на загинатите.
"Правата кои ги имаме добиено се во посебен закон, но има и права кои не ни се остварени. Особено сме засегнати од нерешениот статус на нашите деца. Да знаеме дали тие херои, дали се бранители? И бараме да се направи еден заеднички споменик за сите во Скопје, за да се знае дека тие се првите жртви кои загинаа во суверена Македонија", истакнуваат родителите на загинатите полицајци.

 
     
  СВЕЧЕН КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА МОЦАРТ

По повод 250 години од раѓањето на еден од најголемите гении во историјата на човештвото Волфганг Амадеус Моцарт, ДМБУЦ "Илија Николовски- Луј", одржа свечен концерт при што се придружи на сеопштото интернационално чествување на Моцарт. Во свечената програмата учениците од "Илија Николовски-Луј" изведоа познати дела од овој генијален композитор. Спонзори на концертот беа министерствата за образование и наука, за култура, Советот на град Скопје итн.

***

Со Вердиевата "Аида" на 9 мај започнаа мајските оперски вечери. Операта ја изведе домашна екипа предводена од Весна Ѓиновска-Илкова а диригент беше Јапонецот Тошио Јанагисава. Во улогата на Радамес настапи Цветан Стојановски а Амнерис ја изведуваше Ирена Кавкалевска. Во улогата на Рамфис настапи Игор Дурловски. Во другите улоги, во солистичките партии настапија: Владимир Саздовски (Фараон) Горан Начевски (Амоносро), Александра Лазаревска (Свештеничка) и Зоран Даскаловски (Гласник).
Ова дело Верди го напишал по порачка и се поклопило со пуштањето на Суетскиот канал.
 
     
  OДБЕЛЕЖАН ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ПРЕТПРИЕМАЧОТ

Република Македонија е иницијатор и промотор на низа активности за унапредување на економската соработка во регионот, а токму во оваа насока е и развојот и ширењето на претприемништвото - истакна премиерот Владо Бучковски на отворањето на Европскиот ден на претприемачот – манифестација, која прв пат се организира во државава.
"Сега не треба само да го европеизираме домашното производство, туку сите ние и јавната администрација и приватниот сектор мораме да ги имплементираме европските стандарди, вредности и критериуми во сите сфери на нашето работење, порача Бучковски. Според него, Европскиот ден на претприемачот е манифестација, која ќе овозможи промоција на претприемништвото не само на локално, туку и на регионално и меѓународно ниво", потенцира Бучковски.
Специјалниот претставник на Европската унија во Македонија Ерван Фуере побара поголема поддршка на претприемничкиот дух, како и воспоставување амбиент којшто ќе го промовира претприемништвото. На отворањето на Европскиот ден на претприемништвото говореше и скопскиот градоначалник Трифун Костовски, кој им порача на учесниците дека Градот Скопје е отворен за сите видови соработка и реализација на иницијативи за водење бизнис. Во текот на оваа манифестација се одржува Саем на претприемништво за ЈИЕ. На Саемот учествуваат 50 - ина компании од Македонија, Србија и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
 
     
  МАКЕДОНИЈА БЛИСКУ И ДАЛЕКУ ДО ЕВРОПА

Со неодамна стекнатиот кандидатски статус во Унијата, Македонија е блиску, но истовремено и далеку од Европа. Многу едукативни кампањи во земјава го одбележаа 56. европски роденден. Беа организирани трибини посветени на Европа. Државниот врв честиташе, меѓународните претставници ги повторија веќе слушнатите пораки - да се завршат реформите.
"Најдобриот начин да се надмине ваквата ситуација е да се усвојат законите кои ќе ја елиминираат корупцијата", вели Фуере.
"За прв пат во историјата Р Македонија го слави Денот на Европа, како земја кандидат за членство во ЕУ. Ние во Скопје, како и во Виена или во Мадрид, гордо го издигнавме европското знаме", рече Илинка Митрева.
"Реално, мислам дека имаме уште да изодиме од тој пат. Зависи од преговорите", вели Димитар Мирчев.
По повод денешниот европски ден се пошегуваа и интернетџиите. На сметка на балканскиот менталитет тие напишаа текстови дека додека Македонија влезе во Унијата, од неа ќе отстапат нејзините најголеми членки - Франција и Германија.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈЦИТЕ, ДЕМАРКАЦИЈАТА, ПОВТОРНА КАНДИДАТУРА

Претседателот Бранко Црвенковски денеска при посетата на Маврово - Ростуше, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не го потпишал Законот за стечајците, бидејќи имало закани за прекинување на аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд.
"Се закануваа сериозни последици по државата и прекинување на аранжманот со ММФ и работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Со овој потег ќе дадам можност законот да се врати уште еднаш во собраниска процедура и да се изнајде посоодветно решение", истакна Црвенковски.
За демаркацијата на границата со Косово тој смета дека е прашање во чие решавање голема улога има меѓународната заедница, поточно Брисел и Вашингтон.
"Единствен респектибилен фактор по ова прашање се токму тие. Границата треба да биде обележана пред финалниот статус на Косово на што Македонија има поддршка од САД. Само таа има авторитет и влијание да го реализира ваквото решение, да му даде меѓународен легитимитет и гаранција за негово опстојување во наредниот период. Правно гледано, можеби според Резолуцијата 1244 партнер за одбележување на границата е Белград, но и не може да биде присутен на теренот. Од друга страна, косоварите се присутни на теренот, но немаат меѓународен легитимитет. Токму затоа, само меѓуанродната заедница може да биде наш партнер и од неа да бараме поддршка во обележувањето на границата", рече Црвенковски.
Во однос на најавите дека од страна на СДСМ повторно ќе биде кандидиран на следните претседателски избори, Црвенковски рече: "Далеку е 2009 година, но доколку бидам кандидирам секако дека ја очекувам поддршката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија".
Во врска со објавените информации за наводен откуп на земјиште сопственост на косовските граѓани, кое се наоѓа на македонска територија, Црвенковски рече дека тоа го слушнал само од медиумите. "Значи, немам информација од некоја институција во Македонија, од Владата, од министерствата дека такво нешто се разгледувало или дека треба да се пристапи кон реализација на такво нешто. Оттука, мислам дека можеби поподробни информации ќе може да добиете од Владата", рече Црвенковски.
Во однос на информацијата објавена во бањалучки "Фокус" дека Ратко Младиќ се крие во Македонија, а притоа се споменува неговото име и името на премиерот Бучковски во контекст дека ургирале кај босанските власти за заштита на македонските граѓани ако евентуалното апсење се случи во Македонија, претседателот Црвенковски истакна дека станува збор за ноторна глупост.
"Ниту е можно, ниту било можно некој од тие воени злосторници како Ратко Младиќ да се наоѓаат на територијата на Република Македонија", нагласи Црвенковски.
Шефот на државава во Маврово - Ростуше се сретна со градоначалникот на општината Фуад Дурмиши и неколкумина советници, при што беше информиран за работата на локалната самоуправа. Тој ги посети и паралелките од гостиварската гимназија "Панче Поповски", лоцирани во Ростуше.
Посетата на Маврово - Ростуше претседателот Бранко Црвенковски ја заврши со средба со претставници на месната заедница во селото Скудриње, кои го запознаа со проблемот со свлечилиштето и со економските тешкотии со кои се соочуваат.