ИНФО                                           
     
  ИЗБОРИ НА 5 ЈУЛИ

И покрај критиките, сите пратенички групи се согласија изборите да се одржат на 5 јули, датум кој им го понудил и претседателот на Собранието Јордановски.
"Ќе беше пологично да беше во јуни, а не во јули. Но, РМ има интерес што побргу да се одржат и да порано да се формира Влада", Никола Груевски - ВМРО - ДПМНЕ.
"СДСМ, за разлика од другите партии кои варираа со датумите, уште пред три месеци рече дека 5 јули е посакуваниот датум", Владо Бучковски - СДСМ.
"Одамна се спомнуваше датумот и ДОМ се подготвуваше за него", Лилјана Поповска - ДОМ.
"Постизборно нема коалицирање со СДСМ. Сите си прават фискултура со мозокот и никој не знае и не може да знае што може да се очекува", Тито Петковски - НСДП.
"Не е најсреќно избран термин, тој најмногу им одговара на владејачките партии", Весна Јаневска - ВМРО - Народна.
"Терминот 5 јули е прифатлив", Мендух Тачи - ДПА.
Собранието ќе работи до почетокот на кампањата.
 
     
  ММФ ПРОТИВ ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈЦИ И ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК

ММФ се заканува со замрзнување на аранжманот поради предизборно донесените два закона, за стечајците и измените во законот за осигурување во случај на невработеност. Владата итно се состана по оваа драматична вест. Шефот на монетарците Марк Грифитс испратил писмо до министерот за финансии Поповски, во кое бара одговор, од каде Владата мисли да најде пари за да се спроведат спорните закони.
Пратениците едногласно го поддржаа Законот за стечајци. Владата се изјасни против бидејќи тоа се коси со расходната буџетска политика и нема пари за такви операции, таа нема ниту точна проценка колку лица ќе ги користат привилегиите. Извори во владиниот кабинет велат дека масовни можат да бидат и злоупотребите со овие закони, односно секој ќе може да основа фирма и да ја однесе во стечај, а потоа да падне на државен товар, што би било незамисливо за нашето стопанство.
 
     
  ПРОТЕСТНА НОТА ОД МНР

Скопје и врачи официјален протест на Софија поради инцидентот кај Роженскиот манастир во Бугарија, кога Македонците во земјата беа спречени да се поклонат пред споменикот на Јане Сандански.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Михо Михов, беше повикан во МНР за да објасни зошто на бугарските националисти им се дозволува секоја година да го попречуваат чествувањето на Сандански и зошто Бугарија не ја почитува Европската конвенција за човекови права која, меѓу другото ги гарантира правата на малцинствата.
Михов се распрашувал како се одвивале подготовките за настанот во Рожен, и ветил дека ќе го пренесе протестот.
И лани, за чествувањето на Сандански, МНР упатило протест до официјална Софија. Иако ветија, од таму не ги коментираа причините за инцидентот.
Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур неодамна ја осуди Бугарија за тоа што ја не ја регистрира ОМО Илинден Пирин како партија и за тоа што им оневозможува јавни собири на Македонците кои живеат таму. Ефекти од таквата одлука досега нема.
 
     
  БОШКОСКИ САМ ДА СИ ЈА ПЛАТИ ОДБРАНАТА!

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Хашкиот трибунал на 13 април го известил Љубе Бошкоски дека трошоците за неговата одбрана ќе мора самиот да си ги покрие.
"Имајќи предвид дека Љубе Бошкоски беше министер за внатрешни работи на Владата на Република Македонија, а инкриминиран е за дело кое го вршел додека ја извршувал својата функција, ВМРО-ДПМНЕ бара од Владата на Република Македонија итно да одвои средства, со кои ќе биде обезбедено непречено функционирање на неговата одбрана", истакна на одржаната прес- - конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски. Тој посочи дека неговата партија во изминатиот период повеќе пати упатувала апели до Владата многу поактивно да се ангажира во однос на прашањето за соработката со Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија.
 
     
 

ПАДНАА ПОТПОРНИ ЅИДОВИ НА САМУИЛОВАТА ТВРДИНА

Поради лизгање на земјиштето, предизвикано од дождовите, се урна дел од бедемот, односно потпорните ѕидини на северниот дел од Самуиловата тврдина во Охрид. Урнатите камења на стрмниот дел од тврдината, кон месноста Лабино, повлекле и дрвја кои се стркалале во езерото.
Охридскиот археолог Паско Кузман потврди дека причината за одрон на бедемот е не само забот на времето, туку и дождовите во изминатиот период. Тој вели дека веќе 200 години не е интервенирано во заштита при реставрацијата на бедемот. Работите на заштитата на охридската тврдина, поради немање пари, беа прекинати во 2002 година.
Инспекторите од Управата за заштита на културното наследство направиле увид на штетата од уривањето. Според Јован Ристов, од оваа Управа, урнатиот ѕид нема културно-историска вредност и од информациите од инспекторот за културно наследство од самото место се констатира дека се работи за обрушување на периметралниот ѕид, едно ѕидче кое е надвор од делот на тврдината.

 
     
  МАНИФЕСТАЦИЈА ЗА ЗАЖИВУВАЊЕ НА ЧАРШИЈАТА

Минатиот викенд новоформираниот Градски оркестар ја отвори манифестацијата "Звуците на чаршијата", дефилирајќи низ уличките на Старата чаршија, каде што ги пречекаа насмеани скопјани од сите генерации.
Иницијативата за заживување на чаршијата ја реализираа Младинскиот културен центар, Музејот на Град Скопје и Детскиот културен центар "Карпош".
На отворањето присуствуваше и градоначалникот Трифун Костовски.
Во Капан-ан настапи мандолинскиот оркестар при МКЦ, а во Музејот на Македонија беа прикажани документарни филмови од Елизабета Конеска. Турскиот театар ја изведе претставата "Евнух" во режија на Коле Ангеловски, а студенти од Факултетот за драмски уметности читаа турска поезија.
 
     
  ЈУБИЛЕЕН КОНЦЕРТ НА МАЕСТРО БОРИС ТРАЈАНОВ

На 27 април, во Универзалната сала во Скопје, најдобриот оперски пејач во Македонија, маестро Борис Трајанов, со јубилеен спектакуларен концерт ги прославува своите 20 години на оперската сцена, на што ќе присуствуваат бројни почесни гости од земјава и од странство, меѓу кои и светските фудбалски ѕвезди Жан Пјер Папин, Ерик Кантона, Паскал Олмета и други. Генерален покровител на јубилејниот концерт е Министерството за култура, а со концертот ќе диригира меастро Фабрицио Карминати од Италија. Меѓу многубројните учесници-гости се и Есма Реџепова-Теодосиевска, Весна Ѓиновска-Илкова, групата "Синтезис", хорот "Св. Злата Мегленска", Ристо Самарџиев, Катерина Кипровска, Билјана Каленикова и многу други.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО И ОФИЦИЈАЛНО ГИ РАСПИША ИЗБОРИТЕ ЗА 5-ТИ ЈУЛИ

Претседателот на Собранието Љупчо Јордановски денеска и официјално ги распиша парламентарните избори, кои ќе се одржат на 5 јули 2006 година.
"Претседателот на Собранието на Република Македонија Љупчо Јордановски денеска врз основа на член 67, став 4 од Уставот на република Македонија и член 12 став 1 од Изборниот законик донесе решение за распишување на избори за партеници во Собранието", соопшти Собранието на Република Македонија.
Решението влегува во сила со денот на објавувањето во "Службен весник на Република Македонија". Од тој ден почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија, кои ќе ги спроведуваат Државната изборна комисија и општинските изборни комисии.

ВЛАДАТА НАЛОЖИ ПОВТОРУВАЊЕ НА СУДСКАТА ПОСТАПКА ЗА СЛУЧАЈОТ "БАЧИЛО"

Владата на Република Македонија се сомнева дека исплатата на штета за бачило на лицето Иснифарис Џемаили е случај на корупција и организиран криминал и ги задолжи надлежните институции да ги испитаат сите можности за повторување на судската постапка за тој предмет.
На денешната седница Владата ја разгледа Информацијата за исплатата на штета на лицето Иснифарис Џемаили и препораките и заклучоците на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со овој предмет.
Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Републичкото Јавно обвинителство и Одделението за организиран криминал да ги преземат сите мерки за целосно расчистување на случајот и да поведат постапка за утврдување одговорност.
Владата соопшти дека ќе почне постапка за утврдување на објективната одговорност на Јавниот правобранител во предметот за исплатата на штетата.

ЦРВЕНКОВСКИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА СТЕЧАЈЦИТЕ, ДЕМАРКАЦИЈАТА, ПОВТОРНА КАНДИДАТУРА

Претседателот Бранко Црвенковски денеска при посетата на Маврово - Ростуше, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не го потпишал Законот за стечајците, бидејќи имало закани за прекинување на аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд.
"Се закануваа сериозни последици по државата и прекинување на аранжманот со ММФ и работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Со овој потег ќе дадам можност законот да се врати уште еднаш во собраниска процедура и да се изнајде посоодветно решение", истакна Црвенковски.
За демаркацијата на границата со Косово тој смета дека е прашање во чие решавање голема улога има меѓународната заедница, поточно Брисел и Вашингтон.
"Единствен респектибилен фактор по ова прашање се токму тие. Границата треба да биде обележана пред финалниот статус на Косово на што Македонија има поддршка од САД. Само таа има авторитет и влијание да го реализира ваквото решение, да му даде меѓународен легитимитет и гаранција за негово опстојување во наредниот период. Правно гледано, можеби според Резолуцијата 1244 партнер за одбележување на границата е Белград, но и не може да биде присутен на теренот. Од друга страна, косоварите се присутни на теренот, но немаат меѓународен легитимитет. Токму затоа, само меѓуанродната заедница може да биде наш партнер и од неа да бараме поддршка во обележувањето на границата", рече Црвенковски.
Во однос на најавите дека од страна на СДСМ повторно ќе биде кандидиран на следните претседателски избори, Црвенковски рече: "Далеку е 2009 година, но доколку бидам кандидирам секако дека ја очекувам поддршката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија".
Во врска со објавените информации за наводен откуп на земјиште сопственост на косовските граѓани, кое се наоѓа на македонска територија, Црвенковски рече дека тоа го слушнал само од медиумите. "Значи, немам информација од некоја институција во Македонија, од Владата, од министерствата дека такво нешто се разгледувало или дека треба да се пристапи кон реализација на такво нешто. Оттука, мислам дека можеби поподробни информации ќе може да добиете од Владата", рече Црвенковски.
Во однос на информацијата објавена во бањалучки "Фокус" дека Ратко Младиќ се крие во Македонија, а притоа се споменува неговото име и името на премиерот Бучковски во контекст дека ургирале кај босанските власти за заштита на македонските граѓани ако евентуалното апсење се случи во Македонија, претседателот Црвенковски истакна дека станува збор за ноторна глупост.
"Ниту е можно, ниту било можно некој од тие воени злосторници како Ратко Младиќ да се наоѓаат на територијата на Република Македонија", нагласи Црвенковски.
Шефот на државава во Маврово - Ростуше се сретна со градоначалникот на општината Фуад Дурмиши и неколкумина советници, при што беше информиран за работата на локалната самоуправа. Тој ги посети и паралелките од гостиварската гимназија "Панче Поповски", лоцирани во Ростуше.
Посетата на Маврово - Ростуше претседателот Бранко Црвенковски ја заврши со средба со претставници на месната заедница во селото Скудриње, кои го запознаа со проблемот со свлечилиштето и со економските тешкотии со кои се соочуваат.