ИНФО                                           
     
  ПАРАДА НА "ДЕНОТ НА РАБОТНИКОТ" ВО МЕЛБУРН

По повод "Денот на работникот", во Мелбурн се одржа парада на повеќе од 100 етнички групи, кои ја презентираа својата култура пред собраниот народ низ улиците на главниот град на Викторија. Во рамките на оваа парада "Мумба 2006", учество зеде и Македонската заедница од Викторија, која беше предводена од групата "Мајовци", КУД "Кочо Рацин" од Скопје и Здруженијата на Македонските културни уметнички друштва од Викторија.
Традиционалната "Мумба", која редовно привлекува повеќе од 100.000 љубители на фолклорот, обичаите и традициите ги пренесуваа австралиските медиуми. Македонската заедница беше официјално претставена со своето име.
Инаку, во рамките на "Деновите на македонската култура во Австралија", "Мајовци", КУД "Кочо Рацин" и Наум Петрески успешно настапија на 2 концерта и на големиот македонски пикник во Македонскиот парк во Мелбурн.
 
     
  ОДБРАНАТА НА БОШКОСКИ ЧЕКА ГАРАНЦИЈА ОД ХРВАТСКА

Минатата седмица одбраната на ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, кој е притворен во Хаг, испратила до хрватското Министерство за правда известување дека случајот "Раштански лозја" е завршен и со второстепена ослободителна пресуда за обвинетите. Досието за финишот на овој судски процес е испратено како дополнување на барањето до хрватската Влада да даде гаранции за пуштање на нејзиниот државјанин Љубе Бошкоски од притвор.
Еден од адвокатите на Бошкоски, Драган Гоџо, информираше дека засега нема одговор од Хрватска, но дека се надева дека наскоро ќе има одлука, а за тоа ќе помогне и известувањето за ослободителната пресуда за "Раштански лозја".
 
     
  ОДБЕЛЕЖАНИ 63 ГОДИНИ ОД ДЕПОРТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ

На 12 март, во дворот на Тутунскиот комбинат, пред споменикот беше положено свежо цвеќе, со што се одбележа 63-годишнината од депортирањето на 7.200 македонски Евреи. Цвеќе положија градоначалникот Трифун Костовски, градоначалничката на Општина Центар, Виолета Аларова, амбасадорите на Израел, САД, Велика Британија, Бугарија, Полска, како и претставници од Еврејската заедница на Македонија.
Тие го посетија и градилиштето во близина на црквата "Св. Димитрија", каде што се гради меморијален центар на Евреите. Заменик-министерот за култура Мелпомени Корнети најави дека меморијалниот центар ќе биде целосно завршен за три години.
 
     
  МРТВИ ПТИЦИ ПРЕДИЗВИКАА СТРАВ КАЈ ДЕБАРЧАНИ

Повеќе денови, во центарот на Дебар, на тротоарот имало неколку мртви гугутки, сe додека работници од ЈКП "Стандард" не ги собрале со другите отпадоци.
Надлежните немаат информации од што пцовисале птиците и мислат дека станува збор за пцовисување поради ниските температури. Мртвите птици предизвикаа загриженост кај дебарчани, особено по веста дека има птичји грип во соседна Албанија.
Во Ветеринарната станица "Медика" неодамна беа донесени една пцовисана птица пронајдена кај ХЕЦ "Шпилје" и еден јастреб од периферијата на градот. Анализите не потврдиле присуство на смртоносниот вирус Х5Н1. По наредба на Ветеринарната управа екипи на станицата имунизираа повеќе од 45.000 живина во општините Дебар и Центар Жупа.
На граничниот премин Евзони на македонско-грчката граница се поставени две дезинфекциони бариери, преку кои мора да поминат сите возила кои влегуваат или излегуваат од соседна Грција.
 
     
 

ПОЛИТИЧКА И КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ОД ЈАКИМОВСКИ?!

Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата (СОНК) бара политичка и кривична одговорност од министерот за труд Стевчо Јакимовски, бидејќи не ја признавал легитимноста на оваа синдикална организација.
Претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски, се повика на изјавата на државниот советник во Министерството за труд, кој го оспорил легитимитетот на овој синдикат.
"Министерот Јакимовски досега не се огради од изјавата на државниот советник иако присуствуваше на преговорите меѓу СОНК и Владата, па дури и на потпишувањето на Спогодбата. Ако смета дека СОНК не е легитимен, зошто не укажал при преговорите", истакна претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски.

 
     
  СПРЕЧЕН ИЛЕГАЛЕН ТРАНСПОРТ НА ДРОГА

Министерството за внатрешни работи работејќи на сузбивањето на организираниот криминал, по преземените оперативно-тактички мерки на терен спречи илегален транспорт на дрога на релација Република Турција - Република Македонија, при што заплени 124 кг опојна дрога - хероин, а по дополнително преземените мерки од страна на полицијата се извршени 4 претреси, при што е пронајдено поголемо количество оружје и муниција.
При тоа од слобода се лишени лицата А.Б. (42) од с. Грушино-Скопје, Р.Н. (45) од с. Морани-Скопје, И.Џ. (40) од с.Студеничани-Скопје и П.М. (62) од Берово.
Преземањето на мерките и на активностите се одвиваше под раководство на Одделението за борба против организираниот криминал и корупција при ЈО на Република Македонија. При преземените мерки е утврдено дека А.Б. во Република Турција од лицето Н.Н. обезбедило поголемо количество наркотична дрога хероин, за што на почетокот на март годинава, го ангажирал Р.Н. да обезбеди и да изврши транспорт на наркотична дрога од Република Турција за Република Македонија. Врз основа на добиени наредби од Истражен судија, извршени се претреси во вкупно три објекти - два во дом во Скопје, еден во угостителски објект "Фонтана", лоциран во Скопје и еден претрес на бачило лоцирано во место викано "Бегова корија", во атарот меѓу селата Грушино и Романовце - Куманово, сопственост на лицето А.Б.
Запленетата дрога достигнува цена околу 370.000 евра. Во тек се мерки и активности за целосно расчистување на случајот, односно откривање на други инволвирани лица, по што ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
 
     
  ПЕКОЛНА СЕДМИЦА ЗА ВЛАДАТА

Четирите компании кои влегоа во трка за купување на мнозинскиот пакет на акции на АД ЕСМ Дистрибуција до 15 март требаше да ги достават своите понуди.
Понудите кои пристигнаа до 16 часот, според информациите од агенцијата "Пристоп", ангажирана од Министерството за економија во делот за односи со јавност во процесот на приватизација, ќе бидат запечатени во посебна кутија во присуство на двајца нотари. Потоа во придружба на претставници од Министерството за економија и еден од нотарите, кутијата ќе биде пренесена во Владата на Република Македонија, каде што ќе бидат сместени во сеф во посебна просторија, која ќе биде запечатена.
Понудите од четирите компании - германската "РВЕ Енерџи", австриската "ЕВН", италијанската "ЕНЕЛ" и чешката "ЧЕЗ", треба да се отворат на 16 март, по што комисијата зад затворени врати ќе продолжи да ја врши оценката на понудите.
Пред Владата на Република Македонија се собраа активистите на "Глас на светлина", со што почна пеколната седмица за Владата, која беше и најавена.
Во средата имаше опсада на Владата и на ЕСМ и блокада на 6 раскрсници во градот. Цел на блокадата на Владата е да не им се дозволи на потенцијалните купувачи на ЕСМ да ги достават понудите.
До затворањето на неделников, за жал, сe уште не се знае за евентуалниот нов газда на АД ЕСМ Дистрибуција.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ОТВОРАЊЕ НА ПОНУДИТЕ ЗА ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА

Во Владата на Република Македонија денеска јавно ќе бидат отворени понудите доставени од чешката ЧЕЗ, италијанската ЕНЕЛ и австриската ЕВН за купување на мнозинскиот пакет акции на АД ЕСМ Дистрибуција.
По отворањето доставените понуди ќе бидат оценети од Комисија, која својот заклучок ќе го достави до Владата што на редовна седница денеска треба да го разгледа и да донесе одлука.
До завршувањето на крајниот рок, вчера понуди од четирите компании кои влегоа во трката не достави само германската РВЕ Енерџи.
Министерот за економија Фатмир Бесими вчера по доставувањето на понудите изрази задоволство од бројот на пристигнатите понуди, при што рече дека недоставувањето понуда од германската компанија било пракса на вакви меѓународни тендери.
"Задоволен сум од бројот на понудите што покажува сериозноста за влез на инвестиции во Македонија", изјави министерот Бесими.
Отворањето на понудите според министерот Бесими не остава простор за манипулација. "Сите постапки и процедури се почитуваат, останува прашањето дали нашите граѓани веруваат во институциите и системот на земјава", истакна Бесими.
Трите понуди запечатени вчера во две кутии беа испратени од Министерството за економија до Владата, каде во посебен сеф ќе бидат сместени до денешното отворање од Комисијата.

РУСКАТА ДУМА УСВОИ ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ХАШКИОТ ТРИБУНАЛ

Руската Државна дума вчера едногласно усвои Декларацијата за укинување на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, во која се оценува дека неговата идна активност е нецелисходна.
Во документот, усвоен по повод смртта на поранешниот претседател на Србија и СРЈ Слободан Милошевиќ, пратениците наведуваат дека Трибуналот треба да се укине, бидејќи не успеал да ја реализира идејата врз чија основа е создаден. Тие додадоа дека донесените одлуки за време на постоењето на Судот се одликувале со "краен степен на политизираност".
Руските пратеници бараат, што е можно поскоро, да бидат завршени сите истражни постапки од Трибуналот, додавајќи дека се неприфатливи фактите за најгрубо кршење на човековите права во Судот, што, според нив, се докажало и со "неукажување медицинска помош која била побарана од Милошевиќ".
Рускиот Парламент смета дека Трибуналот треба да создаде услови за извршување независна меѓународна истрага за причините и состојбата околу смртта на Милошевиќ.
"Виновните за неговата смрт, независно дали тоа било од невнимание или зли намери, треба да бидат пронајдени и исправени пред лицето на правдата", се наведува во Декларацијата.