ИНФО                                           
     
  ПТИЧЈИ ГРИП ВО СОСЕДСТВОТО

По веста дека во Бугарија, Грција и во Италија се појавил смртоносниот вирус на птичји грип, на 12 февруари Македонија воведе привремена забрана за увоз на пилиња и на производи од живинско месо од овие земји, истакнаа од Ветеринарната управа.
Надлежните укажуваат дека пилешкото месо кое е во продажба, а кое досега се увезуваше од трите земји, може да се употребува. Засега на граничните премини не се врши дезинфекција на возилата кои влегуваат во земјава од Грција и од Бугарија.
Меѓу другото, директорот на Ветеринарната управа, Слободан Чокревски, истакна: "Не можеме да воведеме постојана забрана за увоз на секаков вид живина - пилиња и производи од ова месо од трите земји додека таа не се објави во 'Службен весник на РМ'. Тоа ќе го направиме откако од Европската комисија ќе добиеме официјална потврда дека станува збор за смртоносниот вирус Х5Н1.
 
     
  НАДЕЖ ДЕКА ДЕЛЕГАЦИЈАТА ОД ХАГ НЕМА ДА СЕ ВРАТИ СО ПРАЗНИ РАЦЕ

"Случајот со киднапирањето на Македонците е воено злосторство со смртни последици и затоа барам да се врати што побрзо во земјава и да почне судскиот процес", рекол премиерот Владо Бучковски на средбата со роднините на Македонците киднапирани во војната во 2001 година.
Според Бучковски, предметот "Малтретирање мавровски работници" Трибуналот го третира како тортура врз цивилно население додека, пак, предметот "Липковска брана" има политички карактер и нивното враќање можеби ќе се одложи за неколку години, но не и случајот за киднапираните Македонци.
Во извештајот на Трибуналот за случајот на киднапирањето на дванаесеттемина Македонци пишува дека има елементи за злосторство против цивилно население со насилна смрт, и роднините се надеваат дека делегацијата која треба да замине во Хаг, составена од претставници на Министерството за правда и на Јавното обвинителство, нема да се врати со празни раце.
 
     
  ВО ГРЦИЈА ОТКРИЕНА ГРОБНИЦА НА МАКЕДОНСКИ БЛАГОРОДНИЦИ

Грчки археолози објавија дека ја откриле најголемата подземна древна грчка гробница во Пела, Северна Грција, родното место на Александар Македонски. Гробницата датира од периодот по смртта на Александар, период кој е одбележан со големи борби и интриги во кралското семејство и меѓу генералите на Александар Македонски, кои се бореле да преземат контрола над неговото кралство.
Оваа гробница имала осум простории, богата со бојосани скулптури и датира од хеленистичкиот период меѓу III и II век пред новата ера и на научниците им нуди редок увид во животот на благородниците во времето по смртта на Александар Македонски.
 
     
  ПРОМОВИРАН РЕЧНИК НА МАКЕДОНСКИ ГОВОРИ ВО ТОРОНТО

Во Торонто, на иницијатива на литературното друштво "Григор Прличев", беше промовирана книгата "Речник на македонски говори во југоисточниот егејски дел" од професор Коста Пеев. Според зборовите на професор Пеев, Речникот има цел да го документира и да го зачува од заборав материјално-културното живеење на македонскиот народ во југоисточниот Егејски дел на Македонија. Досега се излезени три тома од ова капитално дело.
На промоцијата беа прочитани и делови од книгата "Кукушкиот говор", чиј автор, исто така, е проф. Пеев. Во книгата се содржани судбините на бегалците од Балканските војни, запишани на автентичен кукушки дијалект. Овие потресни сведоштва ги читаше Драгица Белчевска, уредник и водител на радиопрограмата "Глас од Македонија". Воведен збор за значењето на делото на проф. Коста Пеев имаше Одисеј Белчевски, кој се занимава со истражување на корените на македонскиот јазик.
На овој важен културен настан за македонската заедница во Онтарио присуствуваа и генералниот конзул на РМ во Торонто, Слободан Трајковски, и конзулот Бранко Трајковски. Поздравно писмо до проф. Пеев и присутните на промоцијата испрати и амбасадорот на РМ во Канада, Сашко Насев, а за делото на проф. Пеев зборуваше и публицистот од Македонија, Славе Николовски Катин.
Исто така, на промоцијата присуствуваа и двајца професори на Катедрата за славистика на Универзитетот во Торонто, Кристина Крамер и Џозеф Шалерт.
"Професор Пеев и неговите колеги извршиле една многу важна и интересна работа патувајќи во многу села низ Македонија и собирајќи драгоцен јазичен материјал. Јазикот на Македонците од Егејска Македонија има особено историско значење, бидејќи тој е продолжение на јазикот на Светите браќа Кирил и Методиј. Роден во Струмица, Коста Пеев посебно ги оценува егејските говори како длабок извор на историјата на македонскиот јазик. Во неговите книги 'Кукушкиот говор' и тритомниот речник 'Македонските говори во југоисточниот егејски дел', ние го гледаме плодот на неговата долготрајна дејност. Со овие трудови Коста Пеев не само што го проширува етимолошкото богатство на сите сродни јазици, туку му прави голема услуга на македонскиот народ, бидејќи го спасил тој драгоцен и изворен материјал од заборав", рече професор Шалерт.
Во реализирањето на овие дела на професор Пеев, значаен придонес има дадено и неговата сопруга Танка Пеева, професор по македонски јазик, чии предци потекнуваат токму од кукушкиот крај.
 
     
 

СЕ ПРИЈАВУВААТ НЕВРАБОТЕНИ САМО ЗА СИНИ КАРТОНИ

Според последните анкети на Агенцијата за вработување, 72.000 лица се пријавуваат како невработени само за да добијат здравствено осигурување, и тие ќе бидат симнати од списокот на невработени. На тој начин официјалната бројка на невработени Владата ќе ја намали на 280.000.
Главно тоа се лица кои работат на црно и не се пријавени, па за нив работодавачите не плаќаат придонеси за здравствено осигурување.
"Здравственото осигурување е загарантирано со Устав и затоа тие мора да го добиваат. Но, во преговори сме овие лица да ги префрлиме во секторот здравство. Дополнително треба да се прецизира дали ќе влезат директно во Фондот за здравство или ќе станат дел од Министерството", вели директорката на Агенцијата за вработување, Јасминка Делчева Диздаревиќ.

 
     
  ОТВОРЕН 33. СНЕЖЕН ГРАД ВО МАВРОВО

Снежните фигури кои ги направија околу 180 деца од саботата се отворени во 33. "Снежен град", кој се организира во Бунец, Маврово. На свеченото отворање присуствуваше и министерот за труд и социјална работа, Стевчо Јакимовски, кој истакна дека Владата и натаму ќе продолжи да ја поддржува оваа манифестација.
На годинашново издание свое учество земаа 15 екипи, составени од ученици од Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Скопје и Маврови Анови.
Манифестацијата ќе продолжи и во следните десеттина дена со традиционалниот "Снежен карван", со кој во Бунец ќе дојдат деца од цела Македонија.
 
     
  МАКЕДОНСКИ СРЕДБИ ВО ДУХОТ НА ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ

Во организација на Културниот центар "Скрб и утеха", на 24 и 25 февруари 2006 година, ќе се случат "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино-салата на Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Семакедонски средби на театар, книги, беседи, фолклор, сликарство, копаничарство и филм. Средби на македонската култура од Македонија, како и на македонската култура во соседните земји од Голо Брдо, Преспа, Гора, Пирин, Родопите, Егеј, како и гостување на Македонците со својата култура од Романија и од Турција. Да го урнеме последниот европски македонски ѕид, не со омраза и убивања туку со слободна македонска култура. Слобода за европската и слобода за македонската култура. Европа без граници - Македонија без граници. Дојдете да ги видите и да ги доживеете возобновените свети македонски слави и прослави, култните - Дионисови чествувања...
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЛЕБЕДОТ ВО ОХРИД НЕМА ПТИЧЈИ ГРИП

Пцовисаниот лебед што беше пронајден вчера на брегот на Охридско Езеро кај сливот на Сатеска Река нема птичји грип, покажала анализата направена на Факултетот за ветеринарна медицина.
Екипа составена од Ветеринарната управа и ветеринарната инспекција веднаш го извадила лебедот од езерото и го транспортирала на Факултет за ветеринарна медицина за натамошна анализа. Првичните информации од локалното население биле дека се работи за лебед кој постојано и преку зимата престојувал на брегот на Охридско Езеро.
Ветеринарната управа информира дека постојано ја следи состојба со птичјиот грип. Со редовниот мониторинг досега направени се стотици анализи на угинати птици и не е најдено присуство на вирусот на птичји грип.
Обуката на ветеринарните инспектори за постапување на терен и земање брисови од диви птици е завршена и од денеска заедно со членови од ловечките друштва се врши засилен мониторинг на критичните водни површини.
Екипите веќе се на терен и вршат проверка според утврдениот план. Во плановите се опфатени трите природни езера, речните корита, природните блата и други водни површини каде што се задржуваат миграторни птици.
Состојбата на теренот со птичјиот грип ја следат и дежурни екипи.
Управата за ветеринарство укажува дека засега нема потреба од загриженост од најдени угинати птици кои не се преселници (гулаби, врапчиња, гугутки), бидејќи нема ниту сомнеж за заболена птица од оваа болест.

ВО ХАГ СРЕДБА МЛАДЕНОВСКА-ЃОРЃИЕВСКА И ДЕЛ ПОНТЕ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА ЧЕТИРИТЕ ХАШКИ ПРЕДМЕТИ

Министерката за правда Мери Младеновска - Ѓорѓиевска денеска во Хаг со главната обвинителка Карла дел Понте треба да разговара за начинот и динамиката за натамошно постапување по четирите предмети по кои Хашкиот трибунал досега не постапувал.
Со министерката за правда во Хаг се и двајца претставници на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Хашките иследници во 2002 година почнаа истрага за пет случаи поврзани со конфликтот од 2001 година. Од петте случаи што беа предмет на нивен интерес, формална постапка пред Трибуналот во Хаг е покрената само за случајот "Љуботен" за кој се обвинети поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски и полицискиот инспектор Јохан Тарчуловски.
Преостанатите случаи за кои водеше истрага: затворањето на браната Липково, малтретирањето на работниците од ГП Маврово, за киднапирани Македонци и за раководство на ОНА, Хашкото обвинителство реши да и ги врати на Македонија согласно договорот од средбата на минисерката Младеновска-Ѓорѓиевска и државниот обвинител Александар Прчевски со Карла дел Понте во Хаг на 25 април 2005 година.
Како причина за враќањето на предметите, Дел Понте го наведе барањето на Советот за безбедност на ОН, сите истражни постапки да завршат до крајот на 2004 година, со што единствена преостаната опција за четирите случаи била да бидат вратени во Македонија.

МЕДИЦИНСКИ ТИМ НА АРМ ЗАМИНУВА ВО МИСИЈА ВО АВГАНИСТАН

Во Воената болница во Скопје денеска ќе се одржи свечена церемонија по повод упатувањето на вториот контингент на Армијата на Република Македонија во состав на Здружениот медицински тим на земјите од Јадранската група - Македонија, Албанија и Хрватска, во мисијата ИСАФ во Авганистан, во состав на грчкиот контингент.
Здружениот медицински тим брои 12 лица, во кој секоја од земјите на Јадранската група партиципира со по четири члена. Македонскиот контингент го сочинуваат еден лекар и тројца медицински техничари.
Припадниците на вториот контингент на Здружениот медицински тим ќе ги заменат своите претходници од првиот контингент, кој за успешно завршената мисија доби високи оцени од претпоставената команда. Лидер на првиот медицински тим беше претставникот од македонскиот контингент, а на вториот лидер ќе биде претставник од хрватскиот тим.