ИНФО                                           
     
  ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО ПО ДВЕ ГОДИНИ?!

Во интервјуто за Радио "Слободна Европа", министерот за одбрана Јован Манасиевски потенцираше дека се надева оти на годинашниот Самит на НАТО, во Рига, Македонија ќе се најде на списокот на земји кои ќе добијат покана за членство по две години.
"Самитот на кој ќе се решава за проширувањето на НАТО е планиран за напролет 2008 година, а годинава Македонија ќе вложува дипломатски напори во завршните документи на Самитот од 2006 година да се најде заклучок сличен на тој од Мадридскиот самит од 1997 година, во кој експлицитно ќе бидат посочени земјите што ќе бидат поканети на наредниот самит", истакнува министерот Манасиевски.
Според него, така ќе биде создаден уште еден механизам или вербална обврска дека тие држави ќе бидат поканети веќе на Самитот во 2008 година, а Македонија, врз основа на досегашната работа, ќе ја заслужи поканата.
 
     
  ГЕНЕРАЛОТ СТОЈАНОВСКИ ОСЛОБОДЕН ОД ОБВИНУВАЊАТА

Предистражните активности на вуковарскиот обвинител Божидар Пиљиќ, кои траеја два месеца, покажале дека обвинувањата против началникот на Генералштабот на АРМ, Мирослав Стојановски, за воени злосторства во Вуковар се неосновани. Тој одлучил дека македонскиот генерал не може да се поврзе со обвинувањата на хрватските логораши дека како припадник на воената полиција на ЈНА учествувал во вуковарските воени злосторства пред 14 години.
Хрватското друштво на логораши не е задоволно од одлуката на обвинителот и најавува приватна тужба против генералот Стојановски. Даниел Рехак, претседател на Друштвото, рече дека се сомнева оти властите во Загреб му наложиле на обвинителот Пиљиќ да ја донесе одлуката.
 
     
  ФОРУМ НА "МАЈКРОСОФТ" ВО ЛИСАБОН

Премиерот Владо Бучковски учествуваше на Форумот на премиери од Европа, кој го организира "Мајкрософт", а се одржа од 30 јануари до 1 февруари во Лисабон, Португалија.
На 1 февруари Бучковски се сретна со Бил Гејтс, основач на "Мајкрософт", а дискутирале за општата економска состојба во Македонија и за соработката со компјутерскиот гигант.
Овој Форум се организира со цел клучните европски политички и деловни лидери да ги разменат своите искуства и визии за улогата на информатичките технологии во управувањето со државите, образованието во т.н. економија базирана на знаење.
Домаќин на годинашниот Форум е португалскиот премиер Хозе Сократес, а гостуваа и Хозе Мануел Баросо, претседател на Европска комисија, Антонио Гутирес, поранешен премиер на Португалија, Мери Робинсон, канцелар на Универзитетот во Даблин и поранешна претседателка на Ирска и сер Ховард Давиес, директор на Лондонската школа за економија.
 
     
  НОВА ПАРТИЈА - ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА

На основачкото Собрание на новата партија Демократска обнова на Македонија, Лилјана Поповска со акламација беше избрана за партиски лидер.
"На Македонија & требаат демократска обнова и демократски средства во дејствувањето, зашто без демократија нема правда, ред, економски просперитет и благосостојба", порача Лилјана Поповска.
Таа вети дека ДОМ ќе понуди реална програма, која ќе се темели на повеќе приоритети - владеење на правото, економски развој, социјална политика, негување на културата, унапредување на образованието и науката и квалитетен здравствен систем. Партијата ќе им посвети особено внимание на активната надворешна политика и на евроинтеграционите процеси.
 
     
 

ПРОМОЦИЈА НА ПРАВОТО НА ПРИСТАПНОСТ

Подобрување на состојбите и поткревање на јавната свест за правото на пристапност кое лицата со хендикеп го имаат како и сите други луѓе, е во фокусот на најновиот партнерски проект на "Полио Плус" и Националниот совет на инвалидски организации на РМ, насловен како "На барикадите - против барикади". Проектот кој е во рамките на Програмата за развој на општините, поддржана од страна на Министерството за финансии на РМ и Светска банка, се однесува на целата територија на Скопје и официјално почна со промотивниот настан на 30.1.2006 година.
Бидејќи битен составен елемент на пристапноста секако се паркинг местата, оваа промоција на правото на пристапност вклучува и друг, за македонската јавност, особено важен момент. Најпристапната општина и најревносната полициска единица кои во текот на кампањата на "Полио Плус" - "Паркинг наречен желба", беа најагилни во промовирањето и практичното спроведување на прописите за почитување на паркинг местата за лицата со хендикеп, во оваа пригода ќе бидат соодветно наградени.
Настанот беше можност вниманието на јавноста да се сврти и на трет важен момент. Во истата прилика беа соопштени и официјалните резултати од несомнено првата успешна граѓанска иницијатива во државата. Да потсетиме, оваа иницијатива за собирање 10.000 потписи од граѓаните на РМ како поддршка за донесување Закон за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп во РМ, "Полио Плус" ја водеше последните триесеттина дена од минатата година и успешно ја реализираше во соработка со 23 невладини организации од земјава, и со голема поддршка и посветеност од медиумите.

 
     
  IN MEMORIAM

На 28 јануари почина претседателот на Советот за радиодифузија и долгогодишниот новинар Ѓорѓи Варошлија, кој беше погребан на Градските гробишта "Бутел". На комеморацијата присуствуваше и претседателот на државата Бранко Црвенковски, а премиерот Владо Бучковски изрази сочуство до членовите на семејството.
 
     
  ОТВОРЕНА ГРУПНАТА ИЗЛОЖБА "СОНЦЕ ЗА СИТЕ" ВО БЕРЛИН

На 27.1.2006 година во галеријата "Prima Center Berlin" беше отворена групната изложба "Сонце за сите" на македонските автори Ице Теодосиевски, Роберт Чонев, Јован Балов и групата "ОПА". Ице Теодосиевски го претстави циклусот "Сето сонце за сите", составен од десеттина слики и објекти. Теодосиевски живее и работи во германскиот град Ахен, каде што има сопствена галерија "Ателје 21".
Роберт Чонев има завршено ликовна академија, отсек сликарство во Нирнберг, а од неодамна живее и работи во Берлин. На оваа изложба тој претстави дел од сликарскиот циклус "Метафори". Јован Балов прв пат го изложи комплетно циклусот слики и објекти "Берлински портали".
Истата вечер, во концертната сала "Гласкастен", "Prima Center Berlin" заедно со македонската Амбасада во Берлин и уметничкото здружение "Kolonie Wedding" организираше гала концерт на македонската интернационално афирмирана група "Драган Даутовски Квартет".
 
     
  МАКЕДОНСКИ СРЕДБИ ВО ДУХОТ НА ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ

Во организација на Културниот центар "Скрб и утеха", на 24 и 25 февруари 2006 година, ќе се случат "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино-салата на Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Семакедонски средби на театар, книги, беседи, фолклор, сликарство, копаничарство и филм. Средби на македонската култура од Македонија, како и на македонската култура во соседните земји од Голо Брдо, Преспа, Гора, Пирин, Родопите, Егеј, како и гостување на Македонците со својата култура од Романија и од Турција. Да го урнеме последниот европски македонски ѕид, не со омраза и убивања туку со слободна македонска култура. Слобода за европската и слобода за македонската култура. Европа без граници - Македонија без граници. Дојдете да ги видите и да ги доживеете возобновените свети македонски слави и прослави, култните - Дионисови чествувања...
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ ВЛАДО БУЧКОВСКИ СЕ СРЕТНА СО БИЛ ГЕЈТС

Премиерот Владо Бучковски денеска во рамките на Форумот на лидери на влади во Лисабон имаше средба со основачот на "Мајкрософт" Бил Гејтс.
Бучковски и Гејтс, како што јавува известувачот на МИА, разговараа за општата економска состојба во регионот, а посебно се осврнаа на ситуацијата во Македонија од аспект на добиениот кандидатски статус за членство во Европската унија.
Тие се согласија дека информатичката технологија може да ја направи Македонија лидер во регионот и да претставува катализатор на нејзиниот развој.
Бучковски и Гејтс констатираа дека резултатите од стратешкото партнерство со "Мајкрософт" се извонредно позитивни.
Основачот на "Мајкрософт" беше позитивно зачуден од фактот дека Македонија е прва земја во регионот целосно покриена со безжичен интернет. Во тој контекст, Гејтс нагласи дека Македонија е одличен пример за мала држава со применливи функционални ИТ решенија.
Бучковски го информира Гејтс за успешното реализирање на владините проекти од Договорот за стратешко партнерство со "Мајкрософт". Според Гејтс, тоа потврдува дека мала држава може да продуцира добри ИТ решенија и да изготви функционални решенија. Всушност и порталот www.uslugi.gov.mk на македонската Влада е кандидирана за светската witca награда.
На средбата беше најавена можна соработка за реализирање проект со решенија за работата на локалната самоуправа - технологијата би ја изработиле локални македонски фирми, општините би го добивале тоа како услуга, а Владата би помогнала при имплементација.
Бучковски порача дека Македонија смета на поддршката од "Мајкрософт" во создавањето имиџ на земја која има потенцијал за работа со високи технологии".
Во македонската делегација што се сретна со Бил Гејтс покрај премиерот Бучковски, беа и Јани Макрадули, претседател на владината Комисија за ИТ, Снежана Станковиќ, генерален секретар на Владата, и Илијанчо Гаговски, директор на "Мајкрософт" во Македонија.

ПОТОНА ИНДОНЕЗИСКИ ТРАЕКТ - СПАСЕНИ 113, ИСЧЕЗНАТИ 47 ЛИЦА

Источно од брегот на Индонезија денеска потона траект, од кој досега индонезиската морнарица спасила 113 од 160-те патници, а 47 се водат како исчезнати.
Според бродската листа на патници, на траектот "Ситра Мандала Бахари" имало 82 лица, но пристанишните власти тврдат дека имало повеќе од 160.
Потонатиот брод сообраќал на четиричасовна релација меѓу пристаништето Капунг и островот Рот во источна Индонезија. Два часа по испловувањето, на властите во пристаништето капетанот на бродот најавил враќање поради невреме и триметарски бранови.
Бродскиот превоз е единствен начин да се стигне до голем број населени острови во тој дел на Индонезија. Несреќите на линиските бродови се многу чести, зашто тие, главно, превезуваат повеќе патници отколку што е дозволено.