ИНФО                                           
     
  ДАТУМОТ ЗА ПРЕГОВОРИ ЌЕ ЗАВИСИ ОД РЕФОРМИТЕ

Во интервјуто за "Радио Слободна Европа", амбасадорот на ЕУ во земјава, Ерван Фуере, меѓу другото, истакна дека оваа есен ќе биде разгледан целиот прогрес на Македонија, особено спроведувањето на изборите, а потоа ќе се види до каде е и дали ќе можеме да го видиме датумот за почеток на преговорите со ЕУ.
Според Фуере, Македонија мора да продолжи по патот на реформите, но реформите се многу повеќе од самото донесување закони.
"Реформската агенда е многу детаљна и разбирлива. Секако, ЕУ во своите барања за напредок нема да ги гледа само донесените закони, туку и како тие се имплементираат во практиката", вели Фуере.
Така, според него, воведувањето едношалтерски систем е позитивен развој на настаните, но мора да биде проследен со развој во економскиот сектор.
 
     
  НАГРАДИ ЗА НАЈДОБРИТЕ ОПШТИНИ

Шефот на делегацијата на Европската унија во Скопје, Ерван Фуере, и вицепремиерката Радмила Шекеринска го означија почетокот на Проектот "Награди за општините 2006", со кој македонските општини ќе добијат помош вредна 500.000 евра. Цел на Проектот е да се подобрат услугите кои ги добиваат граѓаните.
Првонаградените три општини ќе добијат грантови за реализација на инфраструктурни проекти во висина од 250.000, 150.000 и од 100.000 евра.
Пред градоначалниците на општините и на градот Скопје детаљно ќе биде презентирана постапката за пријавување и начинот на кој ќе се врши селекцијата. Општините ќе се натпреваруваат со проекти кои ќе бидат почнати по стартот на процесот на децентрализацијата во јули 2005 година.
 
     
  МАКЕДОНСКИОТ КОНЗУЛАТ ВО СОЛУН БЕЗ ИМЕ

Еден македонски граѓанин кој престојувал во Грција и имал потреба да се обрати во Конзулатот на Република Македонија, до Редакцијата на "Макфакс" испратил порака како забележал дека ознаката за Конзулатот на Македонија во Солун, кој се наоѓа на зградата каде што се наоѓаат просториите, нема име на која држава & припаѓа.
На фотографијата која ја испратил овој граѓанин пишувало дека станува збор за "Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи Солун". Текстот е испишан двојазично, на македонски и на грчки јазик.
Објаснувањето од Министерството за надворешни работи на Македонија за "Макфакс" е дека тоа е само делумна вистина и дека овие прашања се решени со Протокол меѓу Македонија и Грција.
За разлика од ваквата состојба со македонскиот Конзулат во Солун, грчкиот Конзулат во Битола, кој беше отворен минатата година, а кој од неодамна почна да издава и визи, го носи целиот назив на државата: "Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи на Грција во Битола", а текстот е испишан на грчки и на англиски, но не и на македонски јазик.
 
     
  СТРУМИЧКИТЕ ТУТУНОПРОИЗВОДИТЕЛИ НА БЛОКАДИ

Револтирани од ниските откупни цени струмичките тутунопроизводители го блокираа меѓународниот пат кон македонско-бугарската граница. Тие бараат по 150 денари за килограм тутун наместо досегашната просечна цена од 80 до 100 денари, која им ја нудат комбинатите "Алијанс" од Виница и "Струмица Табак". Тие очекуваат и по 30 денари за секој килограм откупен тутун, како и исплатата да биде за седум дена, а не за 45 дена по откупот, како што бараат тутунските комбинати.
Тутунопроизводителите се со став дека нема да отстапат од блокадата с# додека Владата не им ги исполни нивните барања. Меѓу тутунарите на блокадата беше и земјоделскиот лидер Вељо Тантаров, кој најави блокади и пред Владата зашто проблеми со откупот има и во Прилеп, Крушево, а делумно и во Битола.
 
     
 

СОЖМ СЕ ЗАКАНИ СО ПАРТИЈА

Жените се заканија дека ќе формираат политичка партија доколку пратениците не го изгласаат членот од Изборниот законик, со кој се предвидува на парламентарните избори во 2006 година во Македонија 30 отсто од кандидатите да бидат застапени од лица од женски пол. Членството на СОЖМ прави план Б, со кој по секоја цена ќе го зголеми бројот на жените кои ќе се вклучат во политиката.
"Имаме решение, ако не го изгласаат предлогот за учество на жените на листите од 30 отсто. Прво, има иницијатива за формирање партија, и второ, не е исклучена можноста на изборите жените да излезат со независна листа. На оваа листа можат да се најдат и некои мажи, како што е заменик-министерот за труд и социјална политика, Ибраимовски, кој беше единствениот политичар кој дојде на нашите состаноци и ни го поддржа барањето", истакна претседателката на Сојузот на организации на жените, Савка Тодоровска.

 
     
  ТРПЧЕСКИ УСПЕШНО ДЕБИТИРАШЕ ВО СИНГАПУР

По настапите во Токио и успешната турнеја низ Јапонија, Симон Трпчески со успех дебитираше и во Сингапур.
Настапот на македонскиот пијанист во Сингапур беше најавен со големи билборд-постери низ градот, а оркестарот е исклучително задоволен од соработката со Трпчески.
На настапите тој не пропушти и да ја промовира својата земја со изведбата на "Прелудиум" и "Пајдушка" од Живоин Глишиќ, како една од двете бис-изведби.
Следна дестинација на македонскиот културен амбасадор е Сиетл, САД. Откако одржа семинар на Универзитетот Вашингтон, на 24 овој месец Трпчески имаше и соло-рецитал во рамките на престижните "претседателски серии", на кој изведе дела од Брамс, Дебиси, Скрјабин и од Шопен.
 
     
  МАЛКУ ПАРИ ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Иако Министерството за култура сe уште не ја објави програмата за проектите кои годинава ќе ги финансира, веќе е познато колку пари од Буџетот се издвоени за институциите од областа на заштитата на културното наследство - 154.189.000 денари. Сумата не се однесува само на реализацијата на проектите, туку во неа се вклучени и платите и надоместоците за вработените, разни трансфери, комунални услуги и друго. По распределбата на Буџетот, Министерството за култура доби вкупно 1.235.305.000 денари.
Управата за заштита на културното наследство годинава ќе располага со 37.195.000 денари. Според директорот на институцијата, Јован Ристов, со парите ќе може да се извршуваат само елементарни работи.
 
     
  МАКЕДОНСКИ СРЕДБИ ВО ДУХОТ НА ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ

Во организација на Културниот центар "Скрб и утеха", на 24 и 25 февруари 2006 година, ќе се случат "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино-салата на Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Семакедонски средби на театар, книги, беседи, фолклор, сликарство, копаничарство и филм. Средби на македонската култура од Македонија, како и на македонската култура во соседните земји од Голо Брдо, Преспа, Гора, Пирин, Родопите, Егеј, како и гостување на Македонците со својата култура од Романија и од Турција. Да го урнеме последниот европски македонски ѕид, не со омраза и убивања туку со слободна македонска култура. Слобода за европската и слобода за македонската култура. Европа без граници - Македонија без граници. Дојдете да ги видите и да ги доживеете возобновените свети македонски слави и прослави, култните - Дионисови чествувања...
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ЦРВЕНКОВСКИ: ЗАМИНУВАЊЕТО НА РУГОВА НЕ ТРЕБА ДА ЈА БЛОКИРА ДЕМОКРАТИЗАЦИЈАТА НА КОСОВО

Дојдовме да му оддадеме почит на починатиот косовски претседател Ибрахим Ругова и во исто време да пренесеме сочувство до граѓаните и институциите на Косово, изјави денеска во Приштина македонскиот претседател Бранко Црвенковски, кој присуствува на погребот на Ругова.
Шефот на македонската држава, како што јави известувачот на МИА од Приштина, пред погребот на Ругова имаше средби со шефот на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК) Сорен Јесен Петерсен, со косовскиот премиер Бајрам Косуми, германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана и со еврокомесарот за проширување Оли Рен.
"На сите средби што ги имавме стекнав впечаток дека смртта на косовскиот претседател нема да предизвика никакво стопирање или блокирање на веќе почнатите демократски процеси и оти процесот на стабилизација на Косово ќе продолжи, што е многу битно за неговите граѓани, но и за нас како непосредни соседи", рече Црвенковски.
Тој бил информиран дека најавените преговори за иднината на Косово по смртта на Ругова ќе бидат само за кус период пролонгирани. "Тие ќе почнат, според најавите, веќе во текот на февруари и се надевам дека ќе течат во мирна и продуктивна атмосфера и оти во текот на 2006 ќе се резултираат со финално решение", истакна македонскиот претседател.
На средбите со Петерсен и со Косуми, како што рече Црвенковски, бил информиран за потезите што треба да се повлечат во наредниот период со цел да се надмине вакуум состојбата по смртта на Ругова, за нивните очекувања и за билатералната соработка со Македонија.
Во разговорите, пак, со Штајнмаер, со Солана и со Рен станало збор за состојбите во Македонија. Црвенковски ги информирал за процесите што се во тек, за реформите кои се почнати или наскоро ќе почнат, за изборното законодавство и за, како што посочи, она што посебно ги интересирало - подготовките за претстојните парламентарни избори.
"Добивме уште една директна потврда за поддршката што ја има Република Македонија. Од нас се очекува во наредниот период со спроведување на реформите што беа посочени во авито на Европската комисија да покажеме и докажеме дека го заслужуваме следниот чекор во нашето интегрирање во ЕУ, а тоа е одредување на датумот и почнување на преговорите за членство”, изјави претседателот Бранко Црвенковски.
Предвидено е македонскиот претседател за време на погребната церемонија да положи венец на гробот на косовскиот претседател Ибрахим Ругова на гробиштата во населбата Веланија во Приштина.
На закопот присуствуваат претставници на четириесетина земји и меѓународни организации, меѓу кои и посредникот на ОН во преговорите за идниот статус на Косово Марти Ахтисари, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, еврокомесарот за проширување Оли Рен, американскиот заменик државен секретар Николас Барнс, албанскиот претседател Алфред Мојсиу и премиерот Сали Бериша.
На погребот присуствуваат и претставници на неколку политички партии од Македонија.

"ЏОНСОН КОНТРОЛС" ЗАДОВОЛНИ ОД СРЕДБАТА СО БУЧКОВСКИ, КОНЕЧНАТА ОДЛУКА ЗА ТРИ НЕДЕЛИ

Премиерот Владо Бучковски денеска се сретне со претставници на корпорацијата "Џонсон Контролс Инк", заради заинтересираноста на корпорацијата за значајна инвестиција во Европа во производството на електронска опрема.
Беда Болзениус, извршен потпретседател и генерален менаџер за Европа, Јужна Африка и Јужна Америка кој ја предводи делегацијата, по разговорите изјави дека имале мошне добра, пријателска и ефикасна средба.
"Со Владата разговаравме за поддршката за инвестицијата, за условите овде за таква инвестиција и она што го најдовме е исклучителен интерес за ова прашање", подвлече Болзениус.
Во однос на дилемата дали да инвестираат во Полска или во Македонија и за тоа кој нуди подобри услови, Болзениус рече дека не се работи за едоставен одговор, бидејќи земјите не се споредливи една со друга.
"Полска се соочува со други проблеми во однос на бизнис-ситуацијата во Македонија. Се работи за постигнување на балансирана оценка во однос на понудата во двете земји, а конечните бројки ќе не донесат до одлуката", рече претставникот на корпорацијата.
На средбата било разговарано за условите за отстапување на земјиште, транспортните и трошоците за логистика и состојбата на инфраструктурата, податоци кои треба да бидат споредени на меѓународно ниво.
Се разговарало и за вложувања во слободната екононска зона "Бунарџик".
Според портпаролот на Владата, Сашо Чолаковски, Владата искажала подготвеност да ги субвенционира вработувањата за период до три години што е во рамките на законот. Според експертите една од предностите на полската понуда е и условот да ги субвенционира вработувањата за пет години.
"Џонсон Контролс" се заинтересирана за изградба на фабрика за производство на внатрешна електронска опрема за автомобили со што би се отвориле 600 нови работни места.
Конечната одлука дали ќе инвестира во Македонија или во Полска, раководството на "Џонсон Контролс" се очекува да ја донесе за две до три недели.