ИНФО                                           
     
  ЗА НЕСРЕЌАТА НА КИНГЕРОТ ЌЕ ИСТРАЖУВААТ АМЕРИКАНСКИ АДВОКАТИ

На веб-страницата на американската фирма "Лиф Кабрасер Хајман и Бернштајн ЛЛП" (една од најголемите фирми која застапува клиенти во правни процеси поврзани со авијацијата), е објавено дека американска адвокатска фирма ги застапува семејствата на неколку жртви во несреќата на владиниот авион на 26 февруари 2004 година, во која загинаа претседателот Борис Трајковски, осумина членови на делегацијата и пилотите. На сајтот не е објавено кои семејства одлучиле да дојдат до вистината за несреќата со американска правна помош.
Правниот тим на оваа фирма ги застапува клиентите во судски процеси кои се водат каде било во светот, без адвокатски надоместок ако процесот не се добие.
За авионската несреќа на претседателовиот авион, Основното јавно обвинителство во Скопје одлучи дека се должи на пропусти на екипажот, сторени во процедурата на приоѓање на аеродромот Мостар во услови на густа магла и облачност.
 
     
  МОНИТОРИРАЊЕ И НА ИЗБОРНИТЕ ПАРТИСКИ ШТАБОВИ

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, на Економскиот факултет во Скопје, на конференцијата "Европски зимски универзитет 2006", истакна дека мониторирањето на претстојните парламентарни избори во земјава ќе ги опфати и изборните партиски штабови, и дека тоа е дел од напорите за спроведување фер и демократски избори.
Тој изјави дека ЕУ и меѓународните партнери, особено ОБСЕ, кои се главни институции за мониторирање на изборите, процениле дека следните избори ќе бидат клучни и оти земјата треба да покаже дека има капацитети и определба да обезбеди одржување избори според европските стандарди, со цел да се елиминираат сите нерегуларности кои беа забележани минатиот пат.
Фуере најави внимателно и детаљно набљудување на подготвителната фаза на претстојните избори, на напорите кои ги презема секоја политичка партија за да ја привлече јавноста, политичките лидери и локалната самоуправа.
 
     
  ВИЗНО ОЛЕСНУВАЊЕ САМО ЗА ДРЖАВИ СО ЕВРОПСКИ ПАСОШИ

Од дводневниот состанок во Виена на министрите за правда и внатрешни работи на земјите-членки и кандидати за членство во ЕУ, на кој прв пат се најде и Македонија со министрите Мери Младеновска-Ѓорѓиевска и Љубомир Михајловски, најинтересен заклучок за нас бил дека ако ги исполниме стандардите и барањата со кои ќе & помогнеме на Европа да си го зачува редот, дури тогаш визниот режим за македонските граѓани може да биде олеснет. Според шефот на кабинетот на Михајловски, Горан Павловски, во глобалната дискусија која се однесуваше за сите претставници на состанокот, јасно беше кажано дека визниот режим кон државите-кандидатки за ЕУ, кај кои се уште постои, може да биде олеснет само ако до крајот на 2006 година граничните премини целосно се компјутеризираат и се поврзат во мрежа. Натаму, за визно олеснување ќе се размислува само за држави со европски пасоши и за држави кои склучиле што е можно поголем број договори за реадмисија.
 
     
  ЛЕКОВИ САМО СО РЕЦЕПТИ

Од идниот месец аптеките нема да смеат да издаваат лекови без рецепт. Правилото ќе важи и за државните и за приватните аптеки. Неважно дали станува збор за "бесплатните" лекови кои се на товар на државата или препаратот оди на приватно, фармацевтот ќе може да го издаде само доколку пациентот има лекарска белешка. Иако оваа обврска и досега, според Националната стратегија за лекови и законската регулатива, требаше да се почитува, сепак со години наназад лековите се издаваат без рецепт. Но, староновата одлука повторно ќе се активира и поради воведувањето рецепти во три бои, кои ќе се разликуваат во зависност од тоа кој ги издал и дали се со партиципација или се купени од свој џеб.
Со сините рецепти, кои ќе ги препишува матичниот лекар, и зелените, кои ќе ги потпишуваат само специјалисти или супспецијалисти, ќе се добиваат лекови кои се на товар на државата, додека оние медикаменти кои пациентите ги плаќаат од свој џеб ќе се издаваат со бела лекарска белешка.
 
     
 

МАКЕДОНСКИ СРЕДБИ ВО ДУХОТ НА ЕВРОПА БЕЗ ГРАНИЦИ

Во организација на Културниот центар "Скрб и утеха", на 24 и 25 февруари 2006 година, ќе се случат "Дионисови чествувања - Мину Угриновска", во кино-салата на Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Семакедонски средби на театар, книги, беседи, фолклор, сликарство, копаничарство и филм. Средби на македонската култура од Македонија, како и на македонската култура во соседните земји од Голо Брдо, Преспа, Гора, Пирин, Родопите, Егеј, како и гостување на Македонците со својата култура од Романија и од Турција. Да го урнеме последниот европски македонски ѕид, не со омраза и убивања туку со слободна македонска култура. Слобода за европската и слобода за македонската култура. Европа без граници - Македонија без граници. Дојдете да ги видите и доживеете возобновените свети македонски слави и прослави, култните - Дионисови чествувања...

 
     
  "ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА ВО АВСТРАЛИЈА"

По повод манифестацијата "Денови на македонската култура во Австралија", во градот Волонгонг, од 13 јануари 2006 година, ќе биде претставена светски познатата збирка на теракотни икони од Виничко Кале - Виница. Изложбата е насловена "Македонски христијански корени" и е проследена со посебен каталог. Автор на изложбата и каталогот е археологот Цоне Крстевски, кустос советник во Музејот на Македонија.
На отворањето на изложбата, со пригоден говор, на присутните ќе им се обратат директорот на НУ Музеј на Македонија, Гордан Николов, како и директорот на Галеријата на град Волонгонг, Питер О'Нил. По Волонгонг, изложбата ќе биде презентирана и во градот Мелбурн, а ќе следуваат и натамошни презентации на ова исклучително археолошко културно богатство.
На изложбата ќе бидат презентирани 25 теракотни икони, кои се поделени во четири циклуси: Старозаветни теми, Давидови псалми, Христолошки теми и Претстави на светители. Поточно ќе бидат претставени 12 мотиви од познатата колекција на Виничките теракоти. Како што е познато, целата колекција брои повеќе од 50 цели и 100 фрагменти, кои потекнуваат од VI и од VII век. Експонатите ќе ги дополнува и илустративен материјал, односно фотографии од ископувањата на археолошкиот локалитет Виничко Кале во изминатите 20 години.
Оваа изложба досега е презентирана во повеќе од 25 европски метрополи, како Москва, Минхен, Париз, Рим, Лисабон, Анкара, Варшава и многу други. За ова исклучително движно наследство, во домашната и во странската културна јавност постои мислење дека претставува најрепрезентативен културен производ, покрај иконите и фреските од нашите древни цркви и манастири.
 
     
  ВЕВЧАНСКАТА ЦЕРЕМОНИЈА ЗАВРШИ НА ВЕВЧАНСКИТЕ ИЗВОРИ

Според старата традиција, цела ноќ спроти Василица па се до утрото, маскираните вевчански василичари одеа од куќа до куќа, посетувајќи го секое смејство во Вевчани, каде што беа дарувани од домаќините, а церемонијата заврши на Вевчанските извори.
Новата година, според стариот календар, вевчанци ја пречекуваат со масовен карневал кој, според нив, е стар 1.400 години. Се темели на пагански елементи со еротска содржина, но секогаш има и групни маски со политички пораки.
На големата карневалска сцена на отворено годинава продефилираа падобранци со македонските политичари, колите со магариња за влез во ЕУ, македонската фаланга и други војски, специјалистите за птичји грип.
На Вевчанскиот карневал заедно со македонските министри присуствуваше и претставникот на ЕУ во Македонија, Ирецот Ерван Фуере. По карневалот домаќините го однесоа на традиционална македонска трепеза во ресторанот "Домаќинска куќа" во Вевчани, каде што вевчанци му испеаја многу песни како наши, така и странски. На трпезата со Фуере, како домаќин беше министерот за одбрана Јован Манасиевски со сопругата, локалните вевчански политичари и организаторите на карневалот.
 
     
  ИЗЛОЖБА "ИНТЕРНАЦИОНАЛНА НОВА ГРАДБА1927/2002"

Во музејот на современа уметност од 19 јануари до 25 февруари 2006 година ќе биде отворена изложбата "Интернационална нова градба 1927/2002".
Изложбата е посветена на појавата на модерната архитектура на почетокот на 20-тите године на дваесеттиот век преку современите градби во Европа и Америка.
Претставените 105 проекти од страна на 66 архитекти или групи, како Mies van der Rohe, Le Corbuser, J.J.P Oud, Hans Scharoun, Walter Gropius и Frank Lioyd Wright покажуваат нова форма на искажување, нови стилови и нови просторни концепции, во целокупната архитектура.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  БОГОЈАВЛЕНИЕ - ВОДИЦИ

Дваесет и едногодишниот Ацо Пешевски од населбата Илинден е најсреќниот меѓу 44-та верници кои скокнаа во водите на реката Вардар по крстот што го фрли архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан од Камениот мост во Скопје.
Пешевски, кој е студент на Филолошкиот факултет во Скопје, изјави дека втор пат учествувал во фаќањето на крстот во Скопје и оти очекува тоа да му донесе лична среќа, како и среќа на сите граѓани на Македонија.
"Скопје со Вардар и сите наши води денеска се Јордан. Денешното ваше учество, е наше учество во покајувањето и просветувањето наменето за сите луѓе во сите времиња", рече поглаварот на МПЦ обраќајќи им се верниците што скокнаа по крстот во водите на Вардар.
Годинашниот кум Војо Настевски на Пешевски му врчи телевизор, коорганизаторот на манифестацијата "Вечер" му подари ДВД, градоначалникот на град Скопје златник со нумизматичка вредност од пригодната колекција на НБРМ изработен во чест на 30-годишнината од автокефалноста на МПЦ, а градоначалничката на општина Центар Виолета Аларова икона. За сите ученици беа обезбедени бањарки.
Кумството за наредната година го презеде семејството Крстевски.
Охриѓанецот Јован Бабаче роден 1979 година, пак, го фати осветениот крст што во водите на Охридското Езеро, кај пристаништето, го фрли митрополитот дебарско-кичевски и плаошки г. Тимотеј. Бабаче беше најсреќен меѓу 200-те пливачи кои запливаа во студентите езерски води. Тој претходно уште трипати го фатил осветениот крст за Водици.
На денешното фрлање на крстот во Охрид присуствуваа околу 10.000 граѓани од Охрид и од Македонија, меѓу кои и претседателот Бранко Црвенковски и амбасадорот на Европската унија Ерван Фуере.
Кумот на манифестацијата, градоначалникот на Охрид Александар Петрески на Бабаче му подари икона во резба, владиката Тимотеј златен крст, а организаторот "Богојавление" 20.000 денари.
Богојавление - Водици е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век. Конкретно е поврзан со крштевањето на Исус Христос од свети Јован Крстител, големиот пророк, предходник на христијанството. Тој проповедал морална чистота и покајание непосредно пред појавувањето на спасителот Исус Христос од Назарет. Свети Јован имал многу следбеници, кои, за очистување од гревот ги крштевал во водите на реката Јордан. Крштевањето на Исус во Јордан од свети Јован е моментот што денеска се слави како Богојавление.
Водици се одбележува и низ сите други градови во Македонија.

КОМЈУТЕРИ И ИНТЕРНЕТ ЗА 60 ЗДРАВСТВЕНИ ИНСТИТУЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА

Шеесет медицински институции во Македонија преку проектот "Здравство на Интернет" ќе добијат донација во компјутери со АДСЛ-Интернет врска. Проектот заеднички го реализираат АД "Македонски телекомуникации", Унгарската амбасада во Македонија и Министерството за здравство за што денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Во проектот МТ донира 60 нови компјутери, обезбедува АДСЛ инсталации и едногодишно хостирање на веб-страница за 60 институции во вредност од 70.000 евра.
Министерството за надворешни работи на Унгарија ќе ја финансира АДСЛ-Интернет употребата за овие здравствени институции за период од една година во рамки на својата Меѓународна програма за развој и соработка.
"Денешниот Меморандум е значаен за унапредување на македонското здравство бидејќи техничко-технолошкото унапредување е значаен сегмент од реформите во здравството со што ќе се овозможи единствен унифициран информатички систем за брз, ефикасен и навремен проток на информации кои ќе бидат основа за следење и анализа на севкупната состојба во здравството", истакна по потпишувањето на Меморандумот министерот за здравство Владо Димов.
Димов укажа дека со донацијата компјутерски ќе се опремат медицински институции од примарната, секундарната и терцијалната здравствена заштита. Донацијата воедно го означува почетокот на реализацијата на целите што се поставени на светскиот Самит за информатичко општество за Интернет поврзување на здравствените институции за развој на информатичката култура.
Според унгарскиот амбасадор во Македонија Ференц Пока, модернизацијата на сите институции, а пред се на здравствениот сектор е нешто што го бара Европската унија од своите нови членки, а во таа насока е осовременувањето на работењето на медицинските институции во земјава со компјутерска опрема.
Извршниот директор на МТ Атила Сендреи укажа дека донацијата е само продолжување на долгорочните заложби на компанијата за поддршка на Интернет комуникацијата. "Информацијата е важен дел од секојдневниот живот на секој граѓанин, а наша мисија е да ја направиме достапна до сите", потенцира Сендреи.