ИНФО                                           
     
  БУЧКОВСКИ: НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБААТ СКАНДИНАВСКИ ИЗБОРИ

Премиерот на Република Македонија Владо Бучковски одржа средба со своите коалициони партнери, лидерите на ЛДП и на ДУИ, Ристо Пенов и Али Ахмети, на која, како што изјави по неа, се разговарало за повеќе теми. Една од нив биле уставните амандмани, при што, како што рече Бучковски, била постигната согласност да се пронајде заеднички компромис со опозицијата, односно да се прифатат дел од нивните забелешки, со што ќе се донесе промена на Уставот, со поголем број гласови, а не само со двотретинско мнозинство.
"Втор приоритет по завршувањето на имплементацијата на уставните амандмани е носењето на новото изборно законодавство. Ние сме подготвени да бараме компромисни решенија и да разговараме со опозицијата во една поширока дебата, се со цел да се пронајдат решенија кои ќе бидат добра основа за организирање фер и демократски избори", изјави Бучковски.
Бучковски, како што потенцираше, на средбата не било разговарано за одржување предвремени избори, бидејќи пред тоа, согласно "авито" треба да бидат донесени пакет закони, односно законот за полиција, кој е дел од Рамковниот договор, потоа воспоставувањето едношалтерски систем, како и донесувањето измени во изборното законодавство, што се претпоставува дека треба да се случи во средината на јануари.
Како особено важен сегмент Бучковски го истакна одржувањето на фер и демократски избори кои, како што рече, мораат да бидат скандинавски, додека за неофицијално најавената реконструкција на Владата, премиерот потенцира дека за тоа би можело да се размислува дури откако Македонија ќе го добие статусот кандидат земја за член на Европската унија, што треба да се случи во декември.
 
     
  РОДНИНИТЕ НА КИДНАПИРАНИТЕ РАЗОЧАРАНИ ОД ИНСТИТУЦИИТЕ

Последиците од воениот конфликт во 2001 година се уште се видливи. Роднините на 12-те киднапирани Македонци од Тетовско за време на воениот конфликт во 2001 година, минуваат низ нови интриги и разочарувања од надлежните институции. Според нив, сите надлежни веќе неколку месеци перфидно молчат за овие злосторства, кои Хашкиот трибунал ги врати во надлежност на македонската судска власт.
Голема огорченост семејствата чувствуваат и кон правобранителката Зоја Лега Станоевска, која ја обжалила неодамнешната судска пресуда за претрпена нематеријална штета на семејствата, кои ги изгубија најблиските. Тие јавно и се исповедаа како се чувствуваат упатувајќи и остри зборови.
Овие луѓе се многу разочарани и од истражниот судија Велче Панчевски, кој ја води истрагата за спорот кој тие приватно го водат против водството на ОНА. Истражниот судија не ги повикал ниту Даут Реџепи Лека, ниту Хазби Лика, ниту Али Ахмети, кои адвокатот ги побарал како сведоци да кажат кој дал наредба да биде блокиран патот Тетово-Јажинце и што знаат за киднапираните.
 
     
  80 ГОДИНИ ОД АТИНСКОТО ОБЈАВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ БУКВАР

На 14 ноември во Македонската академија на науките и уметностите се одржа Свечен собир по повод 80-годишнината од објавувањето на Атинскиот абецедар, прв македонски буквар објавен од грчката Влада. Собирот го отвори академик Зузана Топољинска, а за Абецедарот говореше академик Блаже Ристовски.
"Се работи за извонредно значајно издание објавено во 1925 година од грчката Влада. Го подготвувале еминентни грчки стручњаци, а се појавил под притисок на Друштвото на народите со седиште во Женева, заради реализацијата на националните малцински права на населението во делот кој и припаднал на Грција со Договорот од 1913 година", истакна академик Блаже Ристовски.
 
     
  СОНК СО МАСОВЕН ПРОТЕСТ?

Независниот синдикат на образованието, науката и културата СОНК во петокот добил писмо од министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски, со кое тој ги упатува да одат на суд со СОНК на Веселинка Трајковска, за да докажат кој е легитимен да ги застапува интересите на вработените во овие дејности. Ова писмо, според Дојчин Цветановски, била единствената причина поради која одлучиле да и дадат рок на Владата да им одговори дали ќе ги продолжи преговорите за утврдување на најниската плата. Доколку не се случи тоа, СОНК на прес-конференцијата се закани со масовен социјален протест, кој ќе биде на 23 овој месец.
На протестот синдикалците ќе бараат и неотповиклива оставка на министерот Јакимовски.
 
     
 

ТУТУНАРИТЕ БЕЗ ПОДДРШКА

Во Буџетот на државава за идната година не е предвидена стимулација за тутунопроизводителите. Државни пари ќе се трошат само за нови сорти тутун. Владата потенцираше дека и во Буџетот за идната година не предвидела пари за директна помош на производителите на тутун. Ништо од најавените 10 милиони евра, кои преку новиот Закон за тутун требаше да се вратат директно кај тутунопроизводителите. Според владините пресметки, со овие пари кои треба да влезат во Буџетот, со новото поскапување на цигарите од 10 отсто ќе се финансира целото земјоделство, а не само тутунот.
На ова реагираа производителите. На терен тутунот е веќе подготвен за продажба. Тутунарите се задоволни од родот, но не знаат колку ќе им биде вреднуван трудот. Од тутунските комбинати најавија дека за годинашниот род ќе важат минатогодишните цени.

 
     
  КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР НАЈАВУВА ШТРАЈК

"Доколку управата на Клиничкиот центар и Министерството за здравство не одговорат позитивно на барањето за стопроцентно зголемување на платите, вработените на клиниките ќе го обноват штрајкот", информираат од Синдикатот. Според најавите, се очекува да се обноват преговорите со Андреја Арсовски, директор на Клиничкиот центар и од нивниот исход ќе зависи одлуката за активирање на штрајкот.
Во текот на минатиот месец управата понудила зголемување од 5-6 проценти што, според синдикалците, е многу малку. За штрајкот кој се одржа минатиот месец, на 260 вработени Управата им скратила по 5 дневници, повикувајќи се на одредби од Законот за работни односи.
 
     
  ТРАЈАНОВ И ДАУТОВСКИ НА ПАРИСКИОТ ГАЛА-КОНЦЕРТ

Во чест на шестдеценискиот јубилеј на УНЕСКО, кој се одржа на 16 ноември годинава во Париз, свој настап на овој гала-концерт имаа и македонскиот оперски пејач Борис Трајанов и музичарот Драган Даутовски.
Борис Трајанов испеа две оперски арии од Верди, додека Даутовски настапи со Светскиот оркестар на традиционални инструменти и со оркестарот на Париската филхармонија.
На овој јубилеј Трајанов и Даутовски настапија заедно со уметници со светско реноме - рускиот пијанист Сергеј Маркаров и јапонскиот сопран Рие Хамада.
Инаку, во јануари годинава Борис Трајанов ја доби престижната титула уметник на мирот на УНЕСКО, и тој е единствениот уметник од Македонија и еден од малкумина во светот кои го добиле вакво признание.
Се очекува по концертот во Париз, Трајанов да настапи во продукцијата на операта "Тоска" во Италија.
 
     
  130 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ВОЈДАН ПОП ГЕОРГИЕВ ЧЕРНОДРИНСКИ

Денес, во организација на Културниот центар "Скрб и утеха" на сцената на Факултетот за драмски уметности ќе се одржи централната прослава на 130-годишнината од раѓањето на македонскиот театарски апостол Војдан Поп Георгиев Чернодрински. На оваа манифестација ќе биде промовиран романот на Тихомир Стојановски "Лицето на Бога", од страна на поетот и писателот Петре Башески, а делови од романот ќе глаголат актерите Александар Џуровски и Страшко Милошевски. Исто така, ќе бидат изведени делови од повеќе претстави на театарот "Скрб и утеха" во чест на роденденот на Чернодрински.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ТЕТ-А-ТЕТ СРЕДБА БУЧКОВСКИ-ЈАНША

Република Македонија и натаму може да смета на целосна поддршка и лобирање од Словенија за евро и НАТО интеграциите, било истакнато на тет-а-тет средбата утринава меѓу македонскиот премиер Владо Бучковски и премиерот на Република Словенија Јанез Јанша. Таа е од особено значење со оглед дека доаѓа од земја-членка на Европската унија, а пред претстојниот Самит на Унијата во декември на кој треба да биде потврдена препораката на Европската комисија, Република Македонија да добие статус на земја кандидат за членство. Во тој контекст е и одлуката што Владата на Словенија ја донесе да обезбеди еден милион евра за финансирање на Центар за европски интеграции со цел да се забрза интегрирањето на регионот во Европската унија.
Како што јавува известувачот на МИА, за време на получасовната средба, која е прва на двајцата државници, потврден е континуитетот во пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словенија. Исто така, била потврдена заложбата Словенија да стане еден од најголемите инвеститори во Република Македонија, што е потврдено со интересот на голем број словенечки компании да инвестираат во македонското стопанство.
Премиерот Бучковски му се заблагодарил на словенечкиот премиер Јанша за успешната соработка во твининг програмата во која словенечки експерти ги пренесоа искуствата од нивниот пат кон полноправно членство во Европската унија. Воедно Бучковски изразил благодарност и за словенечката поддршка за позитивното мислење од Европската комисија за апликацијата на Република Македонија за членство во ЕУ со надеж дека Словенија ќе продолжи со лобирањето Македонија да добие кандидатски статус на Самитот на ЕУ во декември.
Македонија доби и конкретна понуда од Владата на Република Словенија одреден број македонски експерти да се обучуваат во Словенија во делот на ЕУ-интеграциите, односно за пристап до фондовите на ЕУ, за изработка на проекти и за допрецизирање на делови од македонската легислатива и нејзино прилагодување кон европската.
Според статистичките податоци, во изминатите 10 години Словенија е на седмо место по вкупниот обем на трговска размена, а на деветто место со вредноста на инвестициите во Република Македонија.
По тет-а-тет средбата премиерот Бучковски придружуван од македонската делегација се прошета низ старото градско јадро на Љубљана.
Предвидени се средби со градоначалникот на Љубљана Даница Симшич, по што македонската делегација ќе биде примена од претседателот на Парламентот на Словенија, Франце Цукјати и од шефот на државата Јанез Дрновшек.
Билатералната средба на македонската и на словенечката делегација ќе следи попладне, а на неа ќе бидат потпишани договорот за промена на Договорот за стопанска соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија, како и декларација за разменување на искуствата во процесот на ЕУ-интеграциите помеѓу царинските управи на Република Словенија и на Република Македонија. Првиот ќе го потпишат шефовите на владите, Бучковски и Јанша, а декларацијата директорите на царинските управи Илија Илоски и Франц Кошиц.

БОРИС ТРАЈАНОВ ДЕНЕСКА НА КОНЦЕРТ ВО ПАРИЗ ВО ЧЕСТ НА УНЕСКО

Македонскиот оперски пејач Борис Трајанов вчера во салата на УНЕСКО во Париз, со две оперски арии, ќе настапи на гала концертот во чест на 60-годишниот јубилеј на оваа организација.
Трајанов е единствен од нашата земја и еден од малкумината уметници во светот кој ја има добиено престижната титула Уметник на мирот на УНЕСКО, што лично му ја врачи генералниот директор, Коичиро Мацура во февруари 2005 во Париз.
На концертот учествуваа и познатиот руски пијанист Сергеј Маркаров, носител на повеќе меѓународни награди и уметник на мирот на УНЕСКО и јапонскиот сопран Рие Хамада, со изведба на композиции од францускиот современ композитор Николас Бахри.
Диригенти се Дионизос Дервиш и Игор Влајнич. Во духот на музичкиот дијалог на цивилизациите, специјално за оваа прилика е изведена Моцартовата синфонија број 35, со учество на класичниот оркестар и оркестарот на традиционални инструменти од целиот свет.
Еден од модераторите на концертот беше холивудската ѕвезда Мариза Беренсон. Настанот е отворен со порака од генералниот директор на УНЕСКО, Коичиро Мацура и директорката на Асоцијацијата на мелодии за дијалог меѓу цивилизациите, Мери Мадаршаи.
По концертот во Париз, Борис Трајанов настапува во продукцијата на операта "Тоска" во Италија, а следува неговиот настап за принцот Алберт од Монако исто во "Тоска" во операта Монте Карло.