ИНФО                                           
     
  БОЛНИТЕ НА "ШТРАЈК" ЗАЕДНО СО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

Министерството за здравство соопшти дека е подготвено да ги продолжи разговорите со Синдикатот на Клинички центар, иако според нив штрајкот на вработените кој е во тек, претставува уцена и не е метод за решавање на настанатите проблеми, односно дека единствено со разговор и по законски пат можат да се решат проблемите лоцирани во Колективниот договор.
Во своето соопштение Министерството за здравство потсетува дека претставниците на Синдикатот ги примил министерот Владо Димов, но не се посочува дали нешто е договорено. Од Министерството истакнуваат дека досега од Синдикатот не е добиено барање за продолжување на преговорите.
На прес-конференцијата првиот клинички синдикалец, Ангелче Саздовски, појасни дека по откажувањето на средбата со премиерот Владо Бучковски, со образложение дека Владата нема да разговара под притисок, тие повторно испратиле писма со барање за преговори и до Владата, но и до министерот Димов.
 
     
  ПЛАТА ПРЕКУ КОМПЈУТЕР

Стартува најзначајната реформа во Фондот за пензиско осигурување: од 10 октомври сите фирми ќе мораат за секој месец, преку компјутер, да ги пријавуваат придонесите за пензиското на вработените. Ако фирмата нема код и ако не ги пријавува придонесите, од Нова година не ќе може од сметката да дели плата.
Бошко Китановски, директор на ПИОМ, посочува дека од таму сметаат како ова е една од придобивките која ќе ја спречи инвазијата на неуплатување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
Вработените ќе имаат увид дали и колку фирмата плаќа придонеси, а со ова ќе се знае точниот број на вработени во државава.
Стефчо Јакимовски, министер за труд и социјална политика, констатира дека сега ќе имаме податоци за секое лице поединечно, за секое претпријатие - колку вработени има, колку од тие лица зеле плата и колку од придонесите месечно за нив се платени.
 
     
  МПЦ НЕ ПРИЗНАВА ДРУГО ИМЕ ОСВЕН УСТАВНОТО

Во струшкиот манастир "Св. Богородица" во Калишта се одржа заседание на Соборот на кое Македонската црква ги предупреди политичките елити во земјава дека нема да прифати никакви отстапки околу името на Македонија.
Вознемирени од најавите за можната промена на нашето уставно име Република Македонија, Архиепископскиот црковно-народен собор донесе заклучок дека во никој случај МПЦ нема да се согласи да прифати било какво друго име освен уставното. Епископот Велички Методиј истакна дека овој заклучок е донесен по најавите на некои политичари за можната промена на името на државата. За спорот меѓу СПЦ и МПЦ Епископот Велички Методиј рече дека не треба да очекуваме некој друг да ни ги реши проблемите или да посредува во нивно решавање. На дводневното заседание на Соборот, беше утврдена сериозна реорганизација во градењето стратегија за единствена политика во водењето на црковната дипломатија за решавање на актуелните проблеми на МПЦ.
Соборот констатира дека подолг период има застој во процесот на денационализацијата на имотите на МПЦ и побара нивно неодложно враќање.
Исто така, Соборот побара од компетентните институции да се изборат поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, и поранешниот инспектор во полицијата, Јохан Тарчуловски, пред Хашкиот суд да се бранат од слобода.
 
     
  ПРЕЗЕНТИРАНИ ЗАПЛЕНЕТИ УНИКАТНИ АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ

Во Министерството за култура беа презентирани дел од запленетите уникатни археолошки предмети на погребна кочија од неолитскиот период, што делчевската полиција ги најде на 23 септември по неколкумесечна истрага.
Македонските археолози потврдиле дека станува збор за засега единствен наод на вакви елементи од свечена ритуална погребна кочија, украсена со бронзени човечки и животински фигури, всадени во дрвените делови од кочијата.
Дивите ископувачи ги пронашле кај селото Могила, Делчево. Ваквите репрезентативни гробни наоди се поврзуваат со кнежевските тумули (гробници градени помеѓу VI и IV век пр.н.е. во неолитскиот период или раното бронзено доба), од Нови Пазар, Атеница кај Чачак и остатоците од кочијата во гробот од скопски Жданец. Од Министерството за култура велат дека постојат реални можности со археолошките истражувања на тумулот кај Делчево хронологијата да се врати назад.
Наскоро сите запленети експонати ќе бидат изложени како дел од постојаната археолошка поставка во Штип. Бидејќи се работи за репрезентативни и уникатни наоди, ресорното Министерство веќе му одобрило 800.000 денари на Штипскиот музеј за да ги продолжи испитувањата на локалитетот Могила.
 
     
 

НОВИ ДИРЕКТОРИ НА КУЛТУРНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО СКОПЈЕ

Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски ги разреши вршителите на должност директори на градските културни институции, претходно именувани од министерот за култура, и на нивно место постави нови.
Златко Стефковски е именуван за нов в.д. директор на Културно-информативниот центар, Богдан Андриевски на Детскиот културен центар - Карпош, Петар Гичаровски на Домот на култура - Кочо Рацин, Борис Момироски на Младинскиот културен центар, Анастас Петров на Зоолошката градина, Филип Петровски на Библиотеката "Браќа Миладиновци", а Јован Шурбановски на Музејот на Град Скопје.
Како што соопшти Одделението за односи со јавноста на скопскиот градоначалник, приоритет на новите в.д. директори ќе биде усогласување на правната норматива во согласност со Законот за децентрализација, со цел да се подобри функционирањето на институциите во согласност со новите надлежности на Град Скопје.

 
     
  ЦВЕТАНОВСКИ: КРИМИНАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ПЕЧАТИТЕ

Претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски, смета дека писмото во кое СОНК при ССМ побара од него да се исели од зградата на Синдикатот, да ја предаде севкупната документација, печатите и штембилите, има ист печат како оригиналот на СОНК.
Според него, тоа упатува на криминал и на претходна злоупотреба на печатите за да се блокираат жиро-сметките на СОНК.
"Криминалот, односно тешкото кривично дело е направено со тоа што на писмото има штембил и печат кои се исти како оригиналниот печат и штембил кои ги има во СОНК. Тоа јасно упатува дека се направени фалсификуван печат и потпис. Исто така, ја открива и нивната намера од пред неколку дена со вака фалсификувани документи и фалсификувана употреба на печат да се дојде до средствата од чланарината на 37.000 членови на нашиот Синдикат", рече претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски, на прес-конференција.
 
     
  СИМОН ТРПЧЕВСКИ СО ЊУЈОРШКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

Пијанистот Симон Трпчески на 11 октомври ќе одржи концерт во Универзална сала, во придружба на Македонската филхармонија.
Под диригентско водство на Саша Николовски, Трпчески прв пат во Скопје ќе го изведе концертот број 3 од Рахмањинов и Чајковски.
Со истата програма, на 20, 21 и 22 октомври, Симон Трпчески прв пат ќе настапи со Њујоршката филхармонија во Линколн центарот во Ејвори "Фишер Хол".
Овој концерт Трпчески го посветува на празникот 11 Октомври.
Пред њујоршкиот концерт, најуспешниот македонски пијанист ќе настапи во Велика Британија и во Белград.
 
     
  "СКРБ И УТЕХА" ВО РЕЖАНОВЦЕ, КУМАНОВСКО

Како поддршка до отец Златко Давитковски за отворање Етнолошки музеј во црквата "Свети Јован Опсечен" во село Режановце, Кумановско, театарот "Скрб и утеха" на 8 октомври 2005 година ќе гостува со делови од претставите "Бакни ме Чернодрински", "Леб и игри", "Упатства за лудеење", "Деноносии", "Олесни, разреши, прости", "Зајдисонце" и други текстови на Тихомир Стојановски, а во режија на Владе Денчов.
Во оваа црква се наоѓа најбогатата етнолошка збирка на македонски народни носии, повеќе од 500, над 120 скутници и 150 килими. Но, за жал, недостасува соодветен простор за нивно претставување.
Во рамките на активностите на "Скрб и утеха" - придвижување на културата кон гледачите на места каде ретко гостува театар, и демократизација и слобода во македонската култура, ќе се случи и ова гостување.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ ГИ ПРЕЗЕНТИРАШЕ МОЖНОСТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ИНВЕСТИТОРИ ВО "СИТИ ГРУП"

Премиерот Владо Бучковски денеска во рамки на посетата на Велика Британија во финансискиот магнат "Сити груп" ги презентираше можностите и перспективите за инвестирање и развој на Република Македонија.
Престижната лондонска "Сити груп" важи за лидер во трансакцијата со хартии од вредност. Таа држи околу 200 милиони сметки на клиенти и работи во повеќе од сто држави. Финансиската групација "Сити груп" презеде обврска да ги презентира можностите на Македонија во седум од девет европски центри. На денешниот работен доручек во "Сити груп" во Лондон присуствуваа 20-тина претставници на значајни инвестициони фондови, банкари и странски инвеститори.
За политичките перспективи во делот на надворешната политика како основа за економска стабилизација и развој говореше министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
"По политичката се обезбедува економска стабилизација на Република Македонија, а дека се исплаќаат и се корисни политичките реформи и економското преструктуирање ќе се потврди со плодовите кои ќе бидат видливи. Добиениот позитивен кредитен рејтинг е добар сигнал од Република Македонија до странските инвеститори. Граѓаните и сите политички партии во Република Македонија се обединети за визијата за изградба на динамична демократска и силна економска нација каде сите наши граѓани може да ги остваруваат нивните соништа и потреби за просперитет и еднаквост без разлика на нивното потекло и етничка припадност", истакна во Лондон македонскиот премиер Бучковски.
Според него, имплементирањето на економските и политички реформи ќе ја зголемат одржливата среднорочна стапка на економски развој над четири проценти, ќе ја намалат стапката на невработеност, ќе ја подобрат уште повеќе бизнис-климата во земјата, а со сето тоа ќе се засилат позициите на Република Македонија пред Европската унија и НАТО.
Македонската економија зазема здраво темпо и за 2005 година во бруто-домашниот производ ќе достигнеме близу четири проценти што претставува добра основа за економски развој на земјата за остварување на економски развој на земјата во претстојниот период.
Пред 20 еминентни имиња од инвестиционите фондови, банки и странски инвеститори премиерот Бучковски информираше дека домашните заштеди и инвестиции во Република Македонија бележат растечки тренд и се подобрува довербата во домашниот банкарски систем.
За очекувањето од мислењето на Европската комисија, политичката одлука за здобивање на статус кандидат на Република Македонија во ЕУ и за состојбите во регионот говореше министерката за надворешни работи Илинка Митрева.
Премиерот Бучковски заедно со министерката Митрева одговараа на бројните прашања од страна на претставниците на странските инвестициони фондови, банкари и инвеститори. Меѓу присутните во лондонски "Сити груп" беше и советникот за финансиско-економски прашања на македонскиот премиер Џон Јоновски.
По работниот доручек во престижната лондонска "Сити груп" шефот на македонската Влада Владо Бучковски ја заокружи неколкудневната работна посета на Велика Британија.
Инаку, експертите на "Сити груп" ќе работат на подготовките на Македонија за распишување на првата емисија на еврообврзници. Како што претходно беше соопштено во Скопје, изборот на оваа финансиска организација е направен по покана за учество со понуди на 11 најактивни инвестициски банки во светот во областа на емисија на државни еврообврзници, по што следуваше презентација и евалуација на понудените девет најзаинтересирани банки. Финансискиот магнат "Сити груп" е избран поради искуството што го има како најголема дистрибутивна мрежа во светот. Банката понудила и најсериозна маркетинг стратегија и квалитетни предлози за управување со долгот на Македонија.