ИНФО                                           
     
  ПРОДОЛЖУВА ДИЈАЛОГОТ ЗА ИМЕТО

Претставникот на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, и преговарачот Метју Нимиц, во Њујорк се сретна со грчкиот министер за надворешни работи, Петрос Моливијатис, со цел да изнајде решение за прашањето околу употребата на уставното име на Македонија.
"Со претставникот на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, одржан е уште еден состанок за името на ПЈРМ. Моливијатис јасно ги повтори нашите познати ставови. Тоа значи дека последните предлози на Нимиц ги сметаме за основа за преговори", ја пренесува грчката новинска агенција АНА изјавата на портпаролот на грчкото МНР, Јорго Кумуцакос.
Тој додаде дека "Нимиц го цени грчкиот став" и информирал дека ќе го продолжи дијалогот со претставниците на двете страни.
САД ќе го поддржат секој договор кој ќе произлезе од посредништвото на специјалниот претставник на Обединетите нации во врска со спорот околу името Македонија меѓу грчката и македонската страна, ја цитираат грчките весници изјавата на американскиот заменик-државен секретар Мет Брајза.
"Стојам зад напорите на специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц", вели американскиот дипломат, додавајќи дека не знае дали претставникот на Кофи Анан подготвува нов предлог за двете страни. Весниците соопштуваат дека прашањето околу името ќе биде главна тема и на разговорите кои в петок во Вашингтон ќе ги има грчкиот заменик-министер за надворешни работи Јанис Валинакис со Мет Брајза.
 
     
  СОВРЕМЕНИТЕ ЗАПАДНИ ИСТОРИЧАРИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Неодамна од печат излезе најновата книга на македонскиот историчар од Австралија, Јанко Томов. Книгата носи наслов: "Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори". Рецензент на книгата е историчарот Александар Донски. На околу 140 страници Томов прв пат во македонската историографија нуди заокружен осврт кон пишувањата на современите западни автори во врска со нашата историја. Овие пишувања (предадени преку конкретни примери) опфаќаат широк дијапазон, почнувајќи од некоректни пишувања, па дури и лаги и дрски фалсификати, па се до коректни презентирања на македонската историска вистина. Авторот Јанко Томов смета дека со оваа книга (која набрзо ќе се појави и на англиски јазик), ќе укаже на релевантните фактори во западните земји за некои заблуди, кои ги имаат во врска со нашата историја и на тој начин ќе помогне во осознавањето на вистинската слика за Македонија како етно-историска целина од нивна страна.
 
     
  ОСМА ПЕН КОНФЕРЕНЦИЈА

Од 22 до 25 септември во Охрид, ќе се одржи Осмата ПЕН конференција, а темата за која ќе расправаат учесниците е "Писателот во(н) татковината".
На Конференцијата ќе учествуваат 28 претставници од дваесеттина ПЕН центри, како и 25 учесници од Македонија.
Во рамките на Конференцијата ќе се одржат промоции на нови електронски и печатени публикации, состанок на Комитетот за превод и јазични права, како и редовно литературно читање, овој пат организирано во манастирскиот комплекс "Св. Наум" во Охрид.
Претседателот на македонскиот ПЕН центар, господинот Димитар Башевски, изјави дека темата на Конференцијата е секогаш актуелна, бидејќи многу писатели творат во своите земји, надвор од нив, во егзил или, пак, на јазик кој не е службен во државата во која живеат. На Осмата ПЕН конференција ќе присуствува и новиот генерален секретар на Меѓународниот ПЕН центар, Џоан Лидом - Акерман. По завршувањето на Конференцијата, во Македонија ќе престојува претседателот на францускиот ПЕН центар, Жан Глод, со кого македонскиот Центар одржува добри билатерални односи. По тој повод на 25 септември, во Битола ќе се организира вечер со него, на која ќе се дискутира за македонско-француските книжени оски.
 
     
  ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ОУ "КОЧО РАЦИН"

Во организација на Интернационалното здружение на жени ("International women association") и приватното претпријатие за производство на рози "Руж Меланд", неодамна беа донирани финансиски средства за потребите на ОУ "Кочо Рацин" од Скопје. Всушност, станува збор за аукција, која Здружението и претпријатието "Руж Меланд" ја организираа, со цел да им се помогне на неколку ученици од Домот за деца без родители "11 Октомври".
Долгогодишното постоење на училиштето бележи непрекината соработка со Домот "11 Октомври", а годинава со поддршка на Здружението и претпријатието "Руж Меланд" успеа да обезбеди финансиски средства, преку аукција на 50 букети рози. Собраните средства беа наменети за 5 ученици од Домот "11 Октомври", кои учат во ОУ "Кочо Рацин", со цел да им се покријат дел од трошоците предвидени за воспитно-научната екскурзија низ Западна Македонија.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПАРЛАМЕНТОТ РАСПРАВА ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА

Координаторот на ВМРО-Народна партија, Чедомир Краљевски претпладнево во Парламентот ја образложи иницијатава на својата пратеничката група за изгласување на недоверба на Владата.
Како главни причини зошто актуелната Влада треба замине, Краљевски ги посочи влошената економска, политичка и безбедноста состојба во државата.
"Ова не е првпат да упатуваме на неспособноста на Владата, денес само се потврдува тоа со одлуките што ги носат министрите. Ниту една иницијатива на опозицијата не е прифатена, а власта се обидува да не претстави како креатор на проблемите, што е врв на ароганцијата", рече Краљевски.
Тој вели оти е создадена критичина маса која укажува дека оваа државна гарнитура не е способна да ја води државава и треба да го отстапи местото на оние кои ќе имаат концепт и знаење да ја изнесат државата од кризата.
"Македонија се наоѓа во социјален, економски и политички хаос што го предизвикува оваа Влада. Заслугата им припаѓа на сите тројца премиери, Бранко Црвенковски, Хари Костов и Владо Бучковски, кои се впуштија во исполнување на Рамковниот договор, но и на исполнување на сите најрадикални барања на поранешните припандници на 'ОНА', сега нивни коалициски партнери", вели координаторот на ВМРО-Народна.
Тој се наврати и на неуспесите и на пропустите на Црвенковски и на Костов. "Не е ниту помалку крива и оваа влада која го примени етничкиот критериум за територијална организација на локалната саомуправа, со што моќата беше распеделена според политички клуч. Не се помалку виновни ниту поради изгласувањето на Законот за знамиња со кој се загуби дел од македонскиот суверенитет", рече Краљевски.
На премиерот не му е туѓо, додаде тој, да манипулира со изјави и ветувања заради стекнување корист, како што беше онаа со влезот со НАТО, кои кај странските партнери создаваат впечаток на несериозна држава. Граѓаните се доведуваат во заблуда дека само што не сме влегле и сите наши проблеми ќе бидат решени, а не им се објаснува дека не можеме во Европа и во НАТО со ваква сиромаштија, туку со темелни реформи во сите сектори.
Според него, Македонија има пад на индустриското производство, најниска стапка на економски раст во Југоисточна Европа и астрономска бројка од околу 400.000 невработени.
"Власта наместо да го реши овој проблем, измислува нови статистички методи на бришење на невработени. Особено голема закана е порастот на цените на електричната струја и парното, што ќе придонесе за зголемување на сиромаштијата, што ќе прерасне во социјални немири кои секако ќе ја дестабилизираат земјата. Се поголем е бројот на самоубиства во земјата", оцени Краљевски.
За пратеничката група на ВМРО-Народна, оваа Влада има особено големи пропусти во развојот на земјоделието, бидејќи го уништила.
"Укинати се бенефициите за сите стратешки производи, како житото, тутунот, млекото, јагнето, а лозарството и винарството се симнати од програмата за поддршка, укинатие се премиите", соопшти Краљевски додавајќи дека и натаму останува проблемот со даночните пирамиди и со раселените лица.
"Една од многуте слаби точки на оваа Влада е спроведувањето на реформи и изградбата на стандарди кои ќе не приближат до Европа", рече пратеникот од ВМРО-Народна.
По неговиот говор, пратеничката Цветанка Иванова од СДСМ, од името на својата пратеничка група побара пауза од еден час поради разликите во усното образложение на Чедомир Краљевски од она што нив писмено им било доставено.
Според Деловникот, кога Собранието гласа за недоверба на Владата седницата треба да заврши до полноќ.
Владата ја губи довербата ако за тоа се изјаснат 61 пратеник.
Премиерот му се обраќа на Собранието половина час пред гласањето, но тој има право да го направи тоа и порано. Ако пратениците и изгласаат недоверба на Владата, премиерот поднесува оставка до Парламентот.
За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Република Македонија.
Иницијативата за доверба на Владата се поднесува со потписи на 20 пратеници. Прашањето за доверба на Владата на дневен ред на собраниска седница се поставува три дена по поднесувањето на иницијативата до Собранието.
Ова е прв пат да се расправа и да се гласа за доверба на Владата на премиерот Владо Бучковски.