ИНФО                                           
     
  ПРВ ФЕСТИВАЛ ВО ЧЕСТ НА 8 СЕПТЕМВРИ

Од 8 до 11 септември на повеќе локации во Битола ќе се одржи Европски младински интер-културен фестивал ИНДЕПЕНДЕНС Фест. Фестивалот ќе собере 70 млади луѓе од 12 европски земји, кои преку најразлични културно-уметнички активности ќе го одбележат Денот на независноста на Македонија. Ова е прв фестивал од овој вид и прв кој воопшто се одржува по повод 8 септември во изминатите 14 години.
Фестивалот има тенденција да прерасне во традиционален, а го организира младинската организација УМКА - Македонија (YMCA-Macedonia), во соработка со Општина Битола, во рамките на проектот за младинска размена Јустинијанова Порта, поддржан од Европската комисија.
 
     
  МАКЕДОНСКА КУЛТУРА ВО РУСИЈА

"Македонија беше извор на семето и верата и просветувањето. Семе кое во Русија падна на плодно тло и даде богат плод. Македонија е втемелена врз наследството на една древна култура, порта низ која светиот апостол Павле го почна ширењето на христијанството во Европа", рече македонскиот министер за култура Благој Стефановски на отворањето на манифестацијата "Денови на македонската култура", која деновиве се одржува во Москва и во Санкт Петербург.
Програмата на овој гала-концерт ја отвори "Танец" со "Тешкото", по што настапија оперската певица Весна Гиновска-Илкова, Зафир Хаџиманов, кој беше и водител на вечерта, квартетот Даутовски и Влатко Стефановски.
Меѓу гостите на приемот, кој по концертот го приреди македонскиот амбасадор во Москва, Ристо Никовски, беа присутни и повеќе странски дипломати, академици, професори и црковни лица.
Главен повод е одбележувањето на Денот на државноста на нашава земја - 8 Септември, во чија чест во наредните пет дена, покрај во руската престолнина Москва и во Санкт Петербург, ќе се одржат и серија други културни настани.
Гостувањето на македонското Министерство за култура во Русија е возвратна посета на руското Министерство за култура и "Деновите на културата на Руската Федерација", кои лани се одржаа во Скопје.
 
     
  ОСУМ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАЈКА ТЕРЕЗА

Годинава се навршуваат 8 години од денот на упокојувањето на единствената нобеловка од Македонија, Мајка Тереза, што се одбележа на 5 септември со положување цвеќе и палење на спомен-свеќа на споменикот во центарот на Скопје.
Цел свет ја запозна и во неа виде човек, жена која несебично беше посветена на сочувствувањето и помагањето на болните и на оние кои страдаа. Својата хумана, воедно и животна мисија Мајка Тереза ја заврши во 1997 година во далечната Калкута.
"Ние сме возбудени, среќни во исчекување на чинот на нејзиното прогласување за светица, тие месеци се одбројуваат", изјави Стојан Тренчевски, претседател на асоцијацијата "Мајка Тереза".
Во чест на Мајка Тереза во спомен-собата е отворена ликовна изложба од дваесетина дела на сликарката Анче Колева.
 
     
  МЕЃУНАРОДНА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА "СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ"

Од 5 септември почна деветнаесеттото издание на меѓународната ликовна колонија "Свети Јоаким Осоговски" во истоимениот манастир во Крива Паланка. Во годинашнава колонија учество ќе земат Берхнард Колеман од Австрија, Меги Тенесен од САД, Вала Валроун од Шведска, Александар Тихонивич од Русија, Билур Водина од Турција, Нехама Лавендел и Надав Блох од Израел, Александар Прибичевиќ и Јелена Бојаниќ од Србија и Црна Гора, Данчо Григоров од Бугарија и нашите уметници Ана Темкова, Димитар Миладинов, Маргарита Киселички, Пепица Јаначковска и Анета Ивановска.
Оваа меѓународна колонија ќе трае до 20 септември, а создадените дела ќе бидат изложени во новоотворената галерија во манастирот, кои потоа ќе бидат претставени и во Скопје, Куманово, Штип, Кочани и во други македонски градови.
 
     
 

ОХРИД 25 ГОДИНИ ПОД ЗАШТИТА НА УНЕСКО

Пред точно 25 години, на 5 септември 1980 година, официјално е
потпишан и му е врачен сертификатот од UNESCO на градот Охрид, со што овој македонски град влегува во списокот под заштита на Организацијата на
Обединетите нации за образование, наука и култура - УНЕСКО (види прилог
копија од оригиналот на сертификатот).

 
     
  "КАТРИНА" ЗЕМА ГОЛЕМ БРОЈ ЖРТВИ

Според најновите официјални податоци, во ураганот "Катрина" загинале 234 лица. Најмногу загинати има во Мисисипи - 160, во Луизијана - 59, во Флорида - 11 и во Алабама и Џорџија по две лица. Градоначалникот на Њу Орлеанс, Реј Нејгин, стравува дека настрадале до 10.000 луѓе. Околу 300.000 жители останаа без покрив над главата и се наоѓаат во прифатни центри во 16 американски држави, соопшти сојузната Агенција за итни случаи.
Поради ураганот се затворени повеќе од 700 нафтени платформи, а според локалните власти штетата се проценува на околу 100 милијарди долари.
Гувернаторката на Луизијана, Катлин Бланко, побара да се направи Маршалов план, сличен како планот за помош на Европа по Втората светска војна, со цел обнова на сојузната држава погодена од ураганот.
Буш ги увери Американците дека тој лично и администрацијата прават с# што е можно за да им се укаже помош на настраданите од ураганот во јужните држави.
 
     
  "МАКЕДОНИЈА ГИ КРШИ РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА"

"750 луѓе од Македонски железници се отпуштени на дискриминаторски начин, а раководството на претпријатието продолжува со заплашување на синдикалните лидери". Американската федерација на трудот му упати писмо со ваква содржина на премиерот Владо Бучковски.
Од името на 13 милиони луѓе Федерацијата бара од Владата на РМ да ги врати на работа отпуштените синдикалци. За кршењето на работничките права и сомневањата за корупција, оваа Федерација веќе ја известила и Светска банка.
Првиот човек на Федерацијата, Џон Свени, изразува загриженост, бидејќи ваквите случувања создаваат слика дека Македонија сериозно ги крши работничките права и итно ја повикува Владата да престане со таквиот начин на однесување.
Отпуштањата во МЖ беа проследени со неколку штрајкови и протести.
Вработените обвинуваа дека списоците се кројат по партиски клуч.
Реагираше и Светска банка дека некои од критериумите по кои се прават списоците се субјективни, но сепак тие не беа променети.
 
     
  САЕМ НА ЗДРАВА ХРАНА ВО СТРУМИЦА

На Вториот еко-саем, кој го организираше Здружението "Еко-градинар" од Струмица, а се одржа во овој град, земјоделците кои се грижат за природата изложија здрава храна без пестициди произведена во чиста средина.
Земјоделците презентираа повеќе видови зеленчук и овошје, нивни преработки и млечни производи, нудејќи ја органската храна како алтернатива за конвенционалното производство. Интересот за неа е голем, но и покрај донесениот Закон за органско земјоделство и постоење услови, производителите велат дека помошта од државата е неопходна.
 
     
  АКРЕДИТИВИ ЗА АМБАСАДОРКАТА МИЛОВАНОВИЧ

Новонаименуваниот и ополномоштен амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Нејзината екселенција г-ѓа Џилиан Арлет Милованович ги предаде своите акредитиви.
Миловановиќ има долгогодишна дипломатска кариера. На амбасадорската должност во Македонија доаѓа од местото заменик-шеф на мисија на американската Амбасада во Преторија, Јужна Африка. Претходно била заменик шеф на мисија во Амбасадата на САД во Стокхолм и директор на Канцеларијата за нордиски и балтички земји во Стејт департментот.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ДЕН НА НЕЗАВИСНОСТА НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА- 8 СЕПТЕМВРИ

"Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија".
Со овие зборови пред 14 години тогашниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров се обрати пред граѓаните кои спонтано се собираа на плоштадот "Македонија" за да го прослават успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На 8 септември 1991 година убедливо мнозинство - 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање "Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија".
На референдумот му предходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.
Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранито на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.
Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Во однос на воспоставувањето на меѓународно-правниот субјективитет, и по неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, клучна е Декларација за дисолуција на Југославија што ја донесе Советот на министри на Европската заедница на 16 декември 1991 година со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави.
Македонија беше меѓу четирите од шесте поранешни југословенски републики заедно со Словенија, Хрватска и БиХ кои позитивно се изјаснија по Декларацијата. Иако само Македонија и Словенија добија позитивни оценки од специјално формираната Бадинтерова комисија дека ги задоволуваат условите за стекнување независност, Европската заедница во средината на јануари, 1992 година, ги призна само Словенија и Хрватска.
Во тој период, поточна на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна државноста на Македонија. Следуваа одлуките за воспоставување дипломатски односи од страна на Турција, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.
Во изминатите 14 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели - зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури.
Последниве години ги одбележи процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната.
Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 155 држави во светот, а под уставното име е признаена од 113 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност - Кина, Руската Федерација и САД. Со својата принципиелна политика на градење добрососедски односи, пријателство и соработка, таа се етаблира како фактор на стабилноста и мирот во регионот и пошироко, а својот 14-ти роденден од осамостојувањето го слави во очекување на позитивен одговор од Европската унија на апликацијата за членство и покана за пристапување во НАТО на следниот самиот на Алијансата.
НАСТАНИ И СЕЌАВАЊА
НАСТАНИ ВО СОСЕДСТВОТО ШТО МУ ПРЕТХОДЕА НА РЕФЕРЕНДУМОТ

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ. Врз основа на плебисцитот од декемри 1990 година на кој словенечкиот народ со уверливо мнозинство се определи за градење суверена држава и Декларацијата за независност, на 24 јуни следната година Словенија прогласи независност. Веднаш по тој чин дојде до оружени конфликти меѓу ЈНА и словенечката територијална одбрана. Воениот судир заврши за триесетина дена со Брионската декларација и повлекување на единиците на ЈНА од Словенија во Србија и во БиХ.
Истиот ден заедно со Словенија, врз основа на одлука на Саборот независност прогласи и Хрватска. На 6 мај избија нереди, а потоа дојде и до престрелки во и околу поморската база "Лора" во Сплит. Прва жртва на немирите беше војникот Сашо Гешковски од Кавадарци, кој извршувал стражарска служба.
Сплитските настани беа почеток на зачестените инциденти и оружени пресметки меѓу силите на Југословенската народна армија ЈНА и Хрватската национална гарда кои потоа добиваа се повеќе на интензитет, се проширија и пераснаа во отворен оружен конфликт.
Се создаваше хаотична состојба и во БиХ со прогласувањето на Источна Херцеговина, областа Романија и Босанската Краина за Српски автономни области кои се ставија под директна јурисдикција на сојузната власт, односно на раководството во Србија.
Со цел мирно решавање на кризата, на 27 август Европската заедница донесе Декларацијата за Југославија. Беа потпишани и два документа - Спогодба за прекин на огнот, една од многуте безуспешни што потоа ќе следат и Меморандум за проширување на посматрачките активности на ЕЗ во Југославија со кои се операционализираше Декларацијата.
Потпис на Декларацијата ставија тогашниот претседател на претседателството на СФРЈ Стипе Месиќ, од име на Сојузниот извршен совет Анте Марковиќ, како и претседателите на сите шест републики. Од името на ЕЗ на Декларацијата се потпиша Ханс Ван ден Брук претседател на Министерскиот совет и шеф на дипломаријата на Холандија, која тогаш претседаваше со Заедницата. Со Декларацијата се гарантираше неповредивост на надворешните и внатрешните граници, право на изјаснување на народите за сопствениот суверенитет, негирање на уопотребата на сила како политика на свршен чин, а во спротивно се предвидуваа ригорозни санкции.
ЕЗ како последен обид да ја спречи граѓанската војна која се наѕираше од развојот на југословенската криза, на 7 септември во Хаг организира Мировна конфренција за Југославија.
На крајот од август во престолнината на СССР, Москва беше изведен неуспешен воен пуч. Тој беше вовед во петиот вонреден Конгрес на сојузните депутати на кој, по 73 години егзистирање и шест години од Перестројката, на 5 септември Советскиот Сојуз престана да постои. Во рамки на Конгресот на кој беше донесена оваа историска одлука, десет од 15-те советски републики се согласија идните односи да ги организираат врз федеративни и конфередеративни основи.
НАСТАНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Во Македонија каде што во ек беше предреферендумската кампања, на втори септември беше објавен заеднички проглас на парламенатарните и вонпарламентарните партии со кој граѓаните беа повикани позитивно да се изјаснат на референдумот.
Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот, а како причини за тоа ги наведоа големиот број незапишани ученици Албанци во училиштата, одложувањето на конституирање на општинските собранија во Тетово и Гостивар и масовните казнувања поради бојкотот на пописот. Поддршка на референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција.
Во кампањата се вклучи и Македонската православна црква. Архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил во семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествената литургија одржана на 1 септември во соборниот храм "Свети Климент Охридски", го обнароди значењето на референдумот како трето илинденско послание.
Подготовките за кампањата се одвиваа и во европските и прекуокеанските земји каде што живеат македонски иселеници. Оганизацијата им беше доверена на македонските клубови, црковните општини и спортските друштва кои во соработка со тогашното Министерство за информации ги формираа изборните одбори кои се грижеа за спроведување на референдумот. Во Германија, Австралија, САД и Канада гласањето започна неколку дена порано. Во референдумот учествуваа 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроценто беше поддржана самостојноста на Македонија.