ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНСКО-УКРАИНСКА СОРАБОТКА

Украина е заинтересирана за влез на македонскиот енергетски пазар, особено во проектите поврзани со изградбата на нафтоводот и на гасоводниот систем. Поради овој интерес, во Македонија ќе дојдат претставници на државни фирми и на приватни компании од Украина, за да ги разгледаат можностите за инвестирање во оваа сфера. Ова било договорено на средбата на претседателите на Македонија и на Украина, Бранко Црвенковски и Виктор Јушченко.
На средбата во Киев, покрај интересот за енергетскиот пазар, најмногу се зборувало за можностите за зголемување на економската соработка, при што е договорено координатори на таа соработка да бидат вицепремиерите на двете земји.
 
     
 

БУЧКОВСКИ ВО БУДИМПЕШТА

"Односите меѓу Македонија и Република Унгарија се добри и пријателски, а градењето нови економски мостови, сигурно е еден од најдобрите патишта за продлабочување на севкупните билатерални односи меѓу нашите две земји", истакна македонскиот премиер Владо Бучковски, на македонско-унгарскиот форум одржан во Будимпешта. При тоа, Бучковски додаде дека Македонија е заинтересирана за проширување на соработката со Унгарија, пред се, на активностите во рамките на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ), преку заеднички проекти во повеќе области, како што е изградбата на Коридорите 8 и 10, како и во рамките на Дунавскиот и на Сегединскиот процес, особено преку еврорегионите и програмите за заштита на животната средина. Премиерот Бучковски подвлече дека Македонија очекува натамошна поддршка од Република Унгарија и во процесот на остварување на стратешките определби на нашата држава за интеграција во ЕУ и во НАТО.

 
     
  МАКЕДОНСКИ КАПАЦИТЕТ ЗА РЕФОРМИ

Светска банка е уверена дека на оваа рунда преговори, која веќе стартуваше, ќе успее да постигне договор со македонската Влада за новиот тригодишен ПДПЛ аранжман за развојни политики и дека Македонија ќе го добие заемот во октомври годинава. Ова го изјави шефот на мисијата на Светска банка, Брус Кортни при средбата со неговиот колега, министерот за финансии Никола Поповски.
Заемот покрива тригодишен период, кој ќе биде исполнет со реформи во повеќе области за кои Владата, како што вели Кортни, има капацитет.
 
     
  МАКЕДОНИЈА ОДИ ВО ПОГРЕШНА НАСОКА

Повеќето граѓани мислат дека Македонија оди во погрешна насока и покрај најавените реформи во економијата, се посочува во новиот извештај за рано предупредување за Македонија на Програмата за развој на Обединетите нации. Според 77 отсто од граѓаните, проблем број еден во земјава е невработеноста. Од друга страна, поголем број од техничките Албанци 47,7 отсто сметаат дека Македонија оди во вистинска насока.
Во анализата се истакнува дека ситуацијата е дополнително оптоварена и со прашањето за службената употреба на националните симболи на локално ниво, прашање кое предизвикува жива дебата, особено со толкувањата на одредбите на охридскиот Рамковен договор.
Во врска со спорот со името со Грција, 69,8 отсто од граѓаните се изјасниле дека уставното име треба да важи и за Грција и за меѓународната заедница. Со ова се потврдува дека мнозинството граѓани се против двојната формула.
 
     
 

СОНК И ВЛАДАТА СЕ УШТЕ НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА

Владата и Синдикатите за образование, наука и култура - СОНК не ја утврдија најниската плата, а преговорите ги одложија за следната седмица. Преговорите меѓу Бучковски и претседателите на двата синдиката, Дојчин Цветановски и Ристо Ајтов, се резултат од еднодневниот социјален протест на кој јавните службеници бараа зголемување на платите. На средбата со Бучковски било договорено секој синдикат да преговара со ресорниот министер и да зазема заеднички став, кој подоцна ќе биде како предлог кој ќе оди на седница на Владата.

 
     
  МАКЕДОНСКИ СЛИКАРИ ВО ПАРИЗ

Академските сликари Владимир Георгиевски и Рубенс Корубин ќе престојуваат во ателјето "Сите арт" во Париз, дел во кој се наоѓаат просториите за уметниците кои доаѓаат од цел свет.
Владо Георгиевски во Париз оди на покана на еден француски куратор и користи ателје најмено од Французите. Рубенс Корубин ќе престојува два месеца во ателјето, кое му го овозможи Министерството за култура.
 
     
  СПЕЦИЈАЛНО ПРИЗНАНИЕ ЗА "БАЛКАНКАН"

Македонскиот филм "Балканкан" од режисерот Дарко Митревски беше нашиот единствен претставник на 27. Московски интернационален филмски фестивал. Од таму овој наш филм се враќа со специјално признание од Здружението на филмски критичари на Русија.
На овој филмски фестивал со златен "Свети Ѓорѓи", награда за најдобар филм, се закити рускиот филм "Dreaming of Space". Среброто замина кај најдобриот режисер Германецот Томас Витенберг.
Меѓу големиот број филмски гости присутна беше француската актерка Жана Моро, на која & беше доделена специјалната награда "Станиславски" за придонес во актерството и посветеност на школата на рускиот маг.
 
     
  НЕИЗВЕСНО СЕЛЕЊЕТО НА ГРАДСКА БОЛНИЦА

Повеќе од 10.000 граѓани од почетокот на месецов се потпишале на петицијата против селењето на Градската болница во Воената, откако таа ќе стане дел од јавното здравство. Од друга страна, пак, додека граѓаните се потпишуваа за спас на болницата, во Воена болница повторно се случила ненајавена средба меѓу претставници на министерствата за одбрана и за здравство и директорите на Воена и на Градска болница. Цел на состанокот била конечно да се формира работна група, која ќе треба да го изработи елаборатот за трансформација на овој втор по големина здравствен објект во земјава.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  СОБРАНИЕТО УТРЕ ЈА ПРОДОЛЖУВА РАСПРАВАТА ЗА УПОТРЕБАТА НА ЗНАМИЊАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ


Собранието в петок ќе ја продолжи расправата по Предлог законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија.
Опозицијата жестоко го нападна владиниот предлог, оценувајќи го како предвремен, недоработен, закон кој ќе го наруши достоинството на етничките Македонци и суверенитетот на државата.
Во текот на расправата главните крититики се однесуваа на тоа дека предлогот не е во согласност со Рамковниот договор, иако претставува една од последните обрвски што треба да се исполнат. Освен тоа, истакнуваа речиси сите опозициски пратеници, тој е и противуставен, оти со истакнување на знамиња на други дражави, се дели суверенитот на Република Македонија.
Поради тоа, Владата прво требала да донесе закон за знамиња, па дури потоа закон за нивна употреба.
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на ВМРО-Народна, побараа повлекување на предлогот и се изјаснија дека нема да гласаат за него, иако се бара т.н. бадинтерово мнозинство за негово донесување. Тоа значи дека законот може да се усвои со мнозинство од гласовите на пратениците, како и со мнозинство од гласовите на присутните пратеници на заедниците кои не се мнозинство.
Пратениците од владејачките Социјалемократски сојуз, Либерално демократската партија и Демократската унија за интеграција реагираа најчесто со реплики на излагањата на опозициските пратеници и со тврдења дека со новиот закон не се легализира ниту албанското знаме, ниту федерализацијата на Македонија.
Заменик-министерот за правда Субхи Јакупи, во образложението за предлогот за донесување на закон нагласи дека целта на одредбата е да создаде услови за слободно изразување на идентитетот на припадниците на заедниците во Република Македонија, преку употреба на свои симболи, како што е знамето.
Тој додаде дека законот, со кој заедниците ќе ги употребуваат своите симболи во јавниот, службениот и приватниот живот е заснован врз Рамковниот договор. Така, граѓаните од одредена заедница, која е мнозинство во општината, може да го истакне своето знаме пред објектите и органите на единицата на локалната самоуправа, со тоа што постојано треба да биде истакнато и знамето на Република Македонија.
Знамето можат да го истакнуваат и за време на празници на заедниците, при пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија и претседателот и членови на Владата и при официјално доаѓање на претседател или премиер на странска држава, како и на суверен или овластен претставник на меѓународната заедница.
Благоја Голомеов, пратеник на Либерално-демократската партија предложи амандман со кој ќе се направи разлика меѓу државното знаме и знамето на заедниците. Државното треба да е поголемо по димензии и при истакнувањето да стои еден метар повиско од она на заедниците, со што јасно ќе се детерминира како симобил-носител на суверенитетот.
Блаже Стојановски од ВМРО-НП ја обвини албанската заедница оти не сака да го користи знамето само како белег на нивната заедница, туку како јавно покажување на албанската автономија во дел од Македонија.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ смета дека ако овој закон е дел од Рамковниот договор, тогаш и нејзината партија, како потписник, требала да биде консултирана.
Таа предложи знамето на етничката заедница во Македонија да има минимални измени со кои би се разликувало, од она на пример на државата Албанија. "Пратениците од парламентарното мнозинство треба да размислат зошто секаде во светот употребата на знамиња на туѓи држави се смета за повреда на суверенитетот, дотолку повеќе што во нашиот Устав пишува дека сувернитетот е неделив. Ќе се случи и на објектите на полицијата, општината и војската да се употребува знамето на Македонија и на Албанија, односно симбол на две држави. Затоа и ќе имаме делба на нашиот сувернитет", потенцира Бонева.
И Михајло Георгиевски од Земјоделската народна партија на Македонија нагласи дека неговата пратеничка група нема да го поддржи законот, оти со него на етничките Македонци ќе им се нанесе огромна штета.
Од името на владејачкиот СДСМ предлогот го бранеа Славица Станковска и Борис Кондарко.
Кондарко неколку пати повтори оти со новиот закон не се легализира ниту албанското знаме, ниту федерализацијата на Македонија.
"Дали кое било знаме ги предизвика случувањата во 2001 година. Најголемата демагогија е дека ќе се подели сувернитетот на државата. Дали кога Македонците го истакнуваат знамето во Австралија ние го имаме делот од тој сувернитет и дали Македонија го загрозува сувернитетот на ЕУ бидејќи во многу прилики го истакнуваме нејзиното знаме", праша Кондарко.
Станковска рече оти во современиот свет, симболите се фактор на обединување на сите граѓани, а Албанците имаат култ кон своето знаме, што не е лошо или спорно.
"Но, апсурдноста на која се повикуваат Албанците, е да го користат тоа знаме пред државното во средини во кои живеат над 50 отсто. Дали тоа не ги навредува другите Албанци, кои во неки општини се по неколкку процент, оти почитта и лојалноста не се изразуваат со проценти. Државните симболи не може да бидат еднакви со симболите на етничките заедници", истакна Станковска.