ИНФО                                           
     
  ЗАЕДНИЧКИ ТЕМИ МЕЃУ МИТРЕВА И ОМД

Претставници на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) се состанаа со министерката Илинка Митрева, амбасадорот во Вашингтон Никола Димитров, и други групи од македонската дијаспора. На средбата се дискутирало за актуелни теми поврзани со Македонија - за нејзините граѓани и сите луѓе со македонско национално потекло, кои живеат секаде низ светот, потребата од воспоставување закон за надворешни работи, решавање на проблемот со македонско-косовската граница. Од ОМД ја поддржуваат својата држава во врска со името и додаваат дека нема да толерираат никакви промени на државното уставно име.
Од друга страна, пак, министерката Митрева им укажа дека прави сe што е можно за надминување на непочитувањето и нападите врз човековите и цивилните права на етничките македонски малцинства во Грција, Бугарија и во Албанија. При тоа беше истакнато дека на дијаспората и е потребно правото да гласа на парламентарните избори. Министерката Митрева ја афирмираше поддршката и заштитата на Македонската православна црква од македонската Влада, легитимниот наследник на Охридската архиепископија. Таа ги информирала присутните дека пред нејзината посета во САД добила благослов и поддршка од Неговото Блаженство, Г.Г. Стефан.
 
     
 

ДЕЦАТА-БЕГАЛЦИ ГИ БАРААТ ПРАВАТА ВО СТРАЗБУР

Собраниската постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните примила претставка од 160 македонски граѓани, некогашни деца-бегалци од Егејска Македонија, во која тие известуваат дека во Судот за човекови права во Стразбур ќе водат постапка против Грција поради дискриминаторските закони кон нив, кои таа ги донела во 80-тите години.
Граѓаните ја поднесуваат претставката од името на 28.000 деца-бегалци, кои за време на Граѓанската војна, од 1946 до 1949 година, биле меѓу стоте илјади протерани од Грција.
"Претставката ќе ја испратиме до надлежните органи во земјава, но и до Судот во Стразбур. Се надеваме дека Судот ќе донесе праведна одлука за враќање на сите права кои на тогашните деца-бегалци им се одземени со тие закони", рече на прес-конференцијата претседателот на Анкетната комисија, Стојан Андов.

 
     
  СОНК ПРОТИВ ПРЕДЛОГОТ НА ВЛАДАТА

Владата на Република Македонија е подготвена да ги зголеми платите на вработените во градинките, училиштата и во научните институции за 400 до 600 денари. Синдикалците се многу револтирани и тие се подготвуваат за закажаниот протест.
"Советот на СОНК едногласно го одби предлогот и оцени дека тој е потценувачки и навредлив. СОНК нема да го предаде членството и да прифати толку мало зголемување на платите", истакна Дојчин
Цветановски, претседател на СОНК, по средбата со министрите за образование, за труд, за култура и за финансии.
 
     
  РАЗВОЈ НА ДИГИТАЛНАТА ЗАБАВНА ИНДУСТРИЈА

На 20 јуни на Машинскиот факултет во Скопје, претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски го отвори првиот регионален авторизиран тренинг-центар на AVID/Softimage. Тренинг-центарот ќе биде место за едукација за softimage - софтвер за ЗД-моделирање и компјутерска анимација за филмската и ТВ-индустрија, постпродукцијата и за индустријата за интерактивни забавни програми.
"Сигурен сум дека наскоро потписот на некој цртан филм, реклама или делови од познатите холивудски филмови ќе биде потпис токму на некој од учесниците во овој тренинг-центар, на оние кои во иднина ќе бидат носители на развојот на дигиталната забавна индустрија во земјава", истакна меѓу другото претседателот Црвенковски.
 
     
 

ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД МЕНИНГИТИС

Последниот биланс на заболени од менингитис е 48 лица во Македонија, од кои 26 се заболени од вирусен менингитис, а 22 од бактериски менингитис.
Од саботата се регистрирани 7 нови случаи. Две од заболените деца биле од скопските населби Кисела Вода и Гази Баба и се на возраст од 12 и од 8 години, а во неделата биле регистрирани уште четворица пациенти, од кои две деца кои ги посетувале детските градинки "Мимоза" и "Бубамара" во населбата Кисела Вода, и еден основец и една студентка. Во понеделникот на Клиниката за инфективни болести било примено уште едно седумгодишно дете, кое ја посетувало градинката "Синоличка" во населбата Кисела Вода.
Директорот на Градскиот завод за здравствена заштита, Александар Стојанов, вели дека сите седум случаи се изолирани и нема потреба да се прогласи епидемија.

 
     
  ТУТУНАРИТЕ ПОТПИШУВААТ ДВОЈНИ ДОГОВОРИ

Годинава во Прилепско се очекува берба на околу 8.000 тони тутун, иако некои стручњаци прогнозираат дека ќе се наберат 11.000 тони. Според податоците од Министерството за земјоделство, во Прилепско тутун одгледуваат околу 11.500 семејства на 7.400 хектари.
"Тутунарите потпишуваат двојни и тројни договори. Тоа е незаконска постапка и затоа нивните договори наскоро ќе се контролираат", истакнува Стеван Котески, инспектор по земјоделство.
Тутунскиот комбинат од Прилеп лани откри околу 2.000 двојни договори, а годинава веќе презеде мерки за исклучување на кооперанти од системот за наводнување.
 
     
  "ЗЕМЈА ПО МЕРА НА ДЕЦАТА"

Во организација на кабинетот на премиерот и на канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, се одржа конференција "Земја по мера на децата". Целта на оваа конференција е да се разгледа состојбата со заштитата на правата на децата во земјава, пропишани со Конвенцијата за права на детето, што Македонија ја ратификува во 1993 година.
При тоа премиерот Бучковски истакна:
"Правилниот развој и животот во хармонизирано семејство е најдобра основа за вистински психички социјален развој на детето. Оттаму се нашите напори во наредниот период да бидат насочени кон тоа на секое дете да му овозможиме да ја почувствува топлината на домот и на семејството".
Учество на оваа конференција зедоа и Шанас Кјамијан Фирузгар, заменик-генерален директор на УНИЦЕФ за Централна и Источна Европа, претставници на Владата, експерти и претставници од меѓународни и домашни невладини организации.
 
     
  ОДРЖАН 6. ЕКОФЕСТИВАЛ ВО ОХРИД

Шестиот екофестивал, посветен на екологијата, културата и заштитата на природната средина и на културното наследство, се одржа во Охрид. На фестивалот се прикажаа 37 филмови од 15 земји од Европа, од кои 23 беа во официјална конкуренција. На фестивалот Македонија учествуваше со по два филма во категориите "екологија" и "заштита на животната средина, култура и на културното наследство".
"Овој фестивал ќе стане силна традиција и од година во година содржински се збогатува токму овде во Охрид, кој е чудесен спој за културата и природата", рече министерот за животна средина Зоран Шапуриќ на отворањето на фестивалот. На отворањето на фестивалот настапија Народниот оркестар на МРТВ и оперската певица Весна Гиновска-Илкова. На затворањето на фестивалот беа доделени две гран-при награди и четири награди за авторски остварувања.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПРЕЗЕНТИРАН ПРВИОТ НАЦИОНАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА МИЛЕНИУМСКИТЕ РАЗВОЈНИ ЦЕЛИ


Македонската Влада го презентираше првиот Национален извештај за Милениумските развојни цели со што почнаа активности за поддршка на глобалните процеси што имаат цел да ја намалат сиромаштијата и нејзините бројни димензии до 2015 година.
Исполнувањата на Милениумските развојни цели до 2015 година во Македонија треба да го намали од 50 на 9,5 проценти учеството на населението кое живее под границата на сиромаштијата, а сите деца да бидат оспособени во целост да завршат основно и средно образование.
Според поставените цели, веќе до крајот на годинава треба да се елиминираат половите разлики во основното и средното образование, односно до 2015 година на сите степени на образование. До оваа година треба да се преполови и бројот на жените како неплатени работници во семејството и да се намали стапката на неактивност за една третина, а воедно да се удвои учеството на жените во власта.
Исполнувањата на развојните цели треба да придонесат во натамошно намалување на стапката на смртност кај доенчињата и децата под петгодишна возраст, за искоренување на сипаниците до 2015 година и намалување за три четвртини на стапката на смртност кај родилките.
Целите обврзуваат до 2015 година да се намали ширењето на ХИВ/СИДАТА и појавата на туберкулоза и други тешки болести.
Развојните цели предвидуваат и создавање поволна средина што ќе го стимулира влезот на странските директни инвестиции до седум проценти од БДП до 2015 година, како и заголемување на уделот на надворешната трговија на светските пазари до 16 проценти од БДП и намалување на трговскиот дефицит на 12 проценти од БДП.
"Достигнувањата на Милениумските развојни цели и преклучувањето на Македонија кон Европската унија се поврзани процеси и поради тоа треба да бидат хармонизирани", истакна премиерот Владо Бучковски најавувајќи дека како продолжување на активностите за Милениумските развојни цели Владата во соработка со УНДП ќе изготви социоекономска програма за периодот од 2006 до 2015 година.
Според него, првиот Национален извештај за Милениумските развојни цели е само уште еден чекор на патот на Македонија кон Европската унија.
Фроде Мауринг од УНДП смета дека за потребата од исполнување на овие цели говорат фактите дека Македонија се уште е меѓу земјите со највисока стапка на невработеност, дека дури 55 проценти од населението страда од различни облици на сиромаштија.
"Свеста за исполнувањата на Милениумските развојни цели треба да се претвори во конкретни дејствија, а тоа ќе се случи само со ангажман и консензус на сите надлежни ресори", препорача Мауринг.
Според професорот на Економскиот факултет во Скопје Таки Фити клучна улога во исполнувањето на овие цели ќе има Владата која треба да создаде услови за економски раст и развој.
"Меѓу другото, Владата треба да најде начини за зголемување на капиталните инвестиции во Буџетот, што поскоро да ги оспособи сопствените институции за ефекасно работење, да и се спротивстави на корупцијата што не зависи само од добрата легислатива, туку и од владината политичка волја и да го развива бизнис-секторот и медиумите", рече професорот Фити.
Националниот извештај за Милениумските развојни цели е обврска на Македонија од потпишувањето на Милениумската декларација во 2000 година како земја-членка на Обединетите нации.