ИНФО                                           
     
  1.000 НОЌИ ЛОШО ВЛАДЕЕЊЕ НА СДСМ

Лидерите на коалицијата "За подобра Македонија" ја критикуваа власта за катастрофалната економска состојба во земјата и за индолентниот однос во решавањето на политичките и на безбедносните проблеми. Тие се собраа на тркалезна маса под мотото "1.000 ноќи лошо владеење на СДСМ", и по двочасовна дискусија изјавија дека се загрижени за иднината на Македонија.
"Навршуваат илјада дена или, подобро речено, илјада ноќи, од 15 септември 2002 година, кога со многу лаги и неисполнети ветувања, коалицијата предводена од СДСМ дојде на власт. Гледаме дека Владата влегува во период на панични реакции, на неконтролиран криминал и на корупција, кога може да направат крупни грешки уплашени што ја губат власта. Ќе им укажеме на последиците од таквите грешки и ќе им порачаме да се подготват за мирно напуштање на власта", истакна Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
 
     
 

ГОДИШНА КОНВЕНЦИЈА НА СДСМ

"Само со единство во партијата ќе ја вратиме довербата кај граѓаните. Претконгресните лобирања завршија, сега треба меѓусебно да се помагаме и да градиме сојузништво", им порача лидерот на СДСМ Владо Бучковски на своите сопартијци на годишната конвенција во Скопје, на која беа анализирани резултатите од локалните избори.
Тој истакна дека во СДСМ нема опоненти и дека никој не може да ја користи удобната позиција на опозиционер или на фракционер во партијата.

 
     
  ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА СТЕЧАЈ

Просечната стечајна постапка кај нас трае 3,7 години, но со новиот Предлог-закон за стечај постапките се ограничуваат на шест месеци. Според новиот Предлог доверителите ќе имаат кадровска контрола над стечајниот управник, кому му се одземаат правата на одлучување и преговарање. Управниците ќе треба да приложат полиса од 500.000 евра и целиот свој имот. За злоупотреба ќе подлежат на материјална и на кривична одговорност, а за своето работење ќе одговараат пред Судот на честа. Вработените ќе имаат приоритет при наплатата на платите и придонесите за последните три месеци.
 
     
  МАКЕДОНСКИОТ НАРОД Е ГОРД И ЦВРСТ

Во Перт, Западна Австралија беа отворени новите клупски простории, сопственост на членовите на Македонската народна општина. На отворањето присуствуваа илјадници Македонци. Тие заедно со Управата на Македонската народна општина, членовите и симпатизерите, како и голем број гости од федералната и државната власт на Западна Австралија го прославија овој историски ден за македонската заедница. Организатор на настанот беше Управата на Македонската народна општина, која реализираше богата програма. Свечената церемонија почна со интонирањето на химните на Македонија и на Австралија, при што се вееја државните знамиња на овие две пријателски земји. Министерот за правосудство на Западна Австралија, господинот Џон ја пресече свечената лента и ги отвори новите клупски простории. При влегувањето во нив посетителите беа послужени со македонска погача, вино и шеќер, симбол на широкото гостопримливо македонско срце.
 
     
 

ОДРЖАН ФЕСТИВАЛОТ ВО ДОЛНЕНИ

На 11 и 12 јуни годинава во Рудина, Долнени, Прилепско, под покровителство на Министерството за култура се одржа 31. Фестивал на народни инструменти и песни "Пеце Атанасовски". Од 600 пријавени негувачи на изворни инструменти и песни селекционата комисија избра околу 30 учесници, кои настапија во натпреварувачкиот дел во категориите: солисти, дуети и оркестри на изворни инструменти и солисти, дуети и пејачки групи. Интересно е што годинава учествуваа и голем број деца, вљубеници во народното творештво, вистински млади ентузијасти и мајстори на народни инструменти. Почетокот на Фестивалот беше најавен со традиционалното свечено дефиле на сите учесници кое тргна од Центарот за култура "Марко Цепенков" во Прилеп и се движеше низ градските улици. Истиот ден во Долнени беше свечено отворен Фестивалот. Програмата продолжи наредниот ден. За жал, годинава немаше учесници од странство, заради скратените финансиски средства.

 
     
  НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ

Во Градскиот парк во Скопје, Црвениот крст на Република Македонија го одржа 14. државен натпревар по прва помош на екипите на подмладокот и младината на Црвениот крст. Домаќин на натпреварот е Црвениот крст на град Скопје. На натпреварот учествуваа десетте победнички екипи од регионалните натпревари по прва помош од општините: Гевгелија, Прилеп, Охрид, Гостивар, Карпош и Пробиштип.
 
     
  СЛОВЕНЦИТЕ ЌЕ ГРАДАТ МИНИ-ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА

Словенечката фирма "Турбоинститут" во наредните две години треба да изгради 20 мини-хидроцентрали во Македонија, вредни 100 милиони евра. Протоколот за проектот за изградба на централите во Скопје го потпишаа министерот за економија Фатмир Бесими и генералниот директор на "Турбоинститут" Владимир Керцан. По потпишувањето на документот, министерот Бесими истакна дека станува збор за мошне значаен проект за македонската економија посебно во областа на енергетиката. Проектот, според Бесими, ќе има позитивно значење врз интензивирањето на инвестицискиот циклус и ангажирањето на македонски градежни фирми, со оглед дека со протоколот предвидено е 70 проценти од вредноста на инвестицијата да биде реализирана преку ангажирање на домашни фирми.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИТРЕВА И РАЈС РАЗГОВАРАА ЗА ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ЕУ И НАТО, ГРАНИЦАТА СО КОСОВО И СПОРОТ СО ИМЕТО


Министерот за надворешни работи Илинка Митрева во Вашингтон се сретна со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и со потсекретарот за политички прашања во Стејт департментот Николас Барнс, со што ја почна работната посета на САД.
На средбата се разговараше за македонската интеграција во евро-атлантските структури, спорот околу употребата на уставното име со Грција и демаркацијата на северната граница, во делот кон Косово.
Митрева го нагласи задоволството што оваа работна посета се остварува во годината во која се одбележуваат десет години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
"Тоа се десет години на пријателство и соработка меѓу Македонија и САД, десет години партнерство и сестрана поддршка од страна на САД за интегрирањето на Република Македонија во европските и евро-атланските структури" рече Митрева.
Како што соопшти МНР, македонскиот министер за надворешни работи зборуваше за остварувањето на македонските стратегиски цели, членство во НАТО и Европската унија, при што ја подвлече одлучноста на Владата на Република Македонија за целосно исполнување на преземените реформски обврски. Таа истакна дека имплементацијата на Охридскиот Рамковен договор е во финална фаза, како и дека процесот на децентрализација ќе започне практично да се имплементира од 1 јули. Притоа, Митрева ги запозна своите соговорници со прогресот во реформите во правосудството, како и со аспекти на економската програма на Владата.
Шефот на македонската дипломатија нагласи дека нашата земја ќе продолжи со конструктивната политика и лидерската улога во развојот на регионалната соработка, насочена кон обезбедување долгорочна стабилност и просперитет на Балканот.
Таа ја потврди подготвеноста на Република Македонија да придонесе кон напорите на меѓународната заедница за затворање на сите отворени прашања на Балканот, вклучително и прашањето за статусот на Косово.
Во тој контекст, таа го подвлече ставот дека обележувањето на северната граница во делот на Косово треба да се изврши што е можно поскоро.
Во однос на надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, Митрева ја повтори подготвеноста на Република Македонија да учествува во процесот во ОН на конструктивен начин, предлагајќи ја како решение двојната формула - употреба на нашето уставно име во меѓународната комуникација и изнаоѓање на соодветна формула за билатералната комуникација со Грција.
Државниот секретар Рајс изрази благодарност за учеството на Република Македонија во мировните мисии во Авганистан и Ирак оценувајќи го како вистински придонес кон зачувување на меѓународниот мир и безбедност. Таа ја реафирмира подршката на САД за нашето интегрирање во евро-атлантските структури, поздравувајќи го постигнатиот напредок во исполнувањето на стандардите за членство. Притоа, потенцираше дека Балканот и Македонија се интегрален дел од визијата на претседателот Буш за слободна и обединета Европа.
Потсекретарот Барнс подвлече дека нашата земја има водечка позиција во направените реформски зафати во регионот. Тој рече дека е извонредно важно Македонија да продолжи на својот реформски пат кој води кон целосното интегрирање во НАТО и ЕУ.
Барнс нагласи дека процесот на проширувањето на НАТО ќе продолжи, истакнувајќи дека со оглед на лидерската позиција во реформите и покажаната соработка со земјите од регионот, Македонија е сериозен кандидат за членство во следниот круг на проширување на Алијансата.
Тој го поздрави учеството во ИСАФ мисијата на НАТО во Авганистан и придонесот на македонските војници во меѓународната коалиција за борба против тероризмот во Ирак и ги оцени како операции, кои на практичен начин го потврдуваат капацитетот и подготвеноста на Република Македонија за членство во Северно-атланската Алијанса.
Шефицата на македонската дипломатија во изјавата за Гласот на Америка оцени дека би било стратешка грешка со несакани последици по патот на балканските земји, доколку процесот на проширување на ЕУ биде сопрен или одложен и дополни дека со таа оценка се согласуваат и САД. "Периодот на размислување или интроспекција низ кој што поминува Унијата по референдумите во Франција и Холандија, убедени сме дека не треба да се одрази врз темпото на проширувањето на Унијата", оцени Митрева.
Таа рече дека Рајс и Барнс на разговорите оцениле дека Македонија е на вистинската патека. "Македонија е земја која што, без какво било претерување може да се квалификува како успешна приказна во нашиот регион. Држава која што го следи својот реформски пат и придонесува за релаксација во регионалната соработка, а и преку својата лидерска улога за релаксација на севкупниот амбиент", истакна Митрева.
Таа дополни дека Македонија продолжува со исполнувањето на сите критериуми потребни за поканата за НАТО на наредниот самит. Но, исто така, продолжува и со подготовките за членство во ЕУ. "Ние продолжуваме да работиме онака како што сме си ја задале задачата и онака како што се очекува од нас. Во врска со тоа го очекуваме Мислењето од Европската Комисија во ноември и статусот кандидат во декември, како и датум за почеток на преговорите за членство во 2006 година", потенцира Митрева.
Македонскиот министер за надворешни работи ја продолжува својата работна посета на САД со серија средби со конгресмени и сенатори, ќе оствари средба со Џек Д. Крауч, заменик на советникот за национална безбедност на претседателот Буш, а ќе има и свое обраќање во Вудро Вилсон центарот за меѓународни студии.