ИНФО                                           
     
  ПРЕКРШУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА!?

Канцеларијата на "Амнести интернешнел" во Австралија испитува дали во постапката против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски има повреда на човековите права, по барање на тамошното здружение "Брат Љубе Бошкоски - македонски војвода".
"Канцеларијата на 'Амнести' детаљно ја информиравме за се што се случуваше од моментот кога Бошкоски беше протеран од Македонија во Хрватска, а од таму однесен во Хаг и притворен, како и за апсењето на Тарчуловски, кое претставува класично киднапирање во режија на власта. Организацијата процени дека во овие случаи има показатели за сериозно прекршување на човековите права", изјави Гоце Ристески, портпарол на Здружението.
Пратеници во австралискиот Парламент и други политичари беа запознати со притворањето на двајцата Македонци обвинети од Хашкиот трибунал и изразиле подготвеност да ги заштитат нивните права.
 
     
 

ЗАЕМ ЗА ПОЕФИКАСЕН КАТАСТАР

Светска банка одобри заем од 10,3 милиони евра за изградба на ефикасен катастар на недвижности и подобрување на бизнис климата во Македонија преку Проектот за катастар на недвижности и регистрација. Договорот за заемот го потпишале постојаниот претставник на Светска банка во Македонија, Сандра Блуменкамп и министерот за финансии Никола Поповски, а тој е одобрен на 17 години со неколку години грејс период.
Проектот ќе се имплементира од 2006, а ќе заврши во 2009 година.

 
     
  СТАРТУВАШЕ АГРОФУД 2005

Скопскиот саем од 7 до 11 јуни е домаќин на 55. Меѓународен саем за храна, пијалаци и стоки за широка потрошувачка "Агрофуд 2005", на 16. Балканска туристичка берза "БТБ 2005" и на Третиот меѓународен саем "Алтравита 2005", Меѓународен саем на народна и традиционална медицина, здравствен туризам, заштита и унапредување на животна средина и техничко-технолошки достигнувања, органска храна, паранормални способности и рекреативни активности.
Во овој период Скопски саем воедно го прослави јубилејот - 55 години од своето постоење. Трите саемски манифестации за отворени ги прогласи македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
 
     
  ДИПЛОМАТСКО - ХУМАНИТАРЕН ФУДБАЛСКИ ТУРНИР

Специјалната олимпијада - Македонија, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, МНР на Република Македонија и амбасадите на САД, Русија, Италија, Турција, Велика Британија, како и НАТО и ОБСЕ, во периодот од 5 мај до 1 јуни 2005 година,организираше и реализираше фудбалски натпревари на екипи, составени од дипломати од горенаведените амбасади, МНР и МО, кои се одржуваа на терените на СРЦ на АРМ, во Градскиот парк.
Големиот финален турнир се одржа на 4 јуни во спортската сала "Расадник" -Кисела Вода. Оваа манифестација беше збогатена и со забавен дел, во кој учество зедоа атлети од СОМ Клубовите од Македонија (Демир Капија, Неготино, итн.) и Дејан Попов - музичкиот амбасадор на СОМ.
 
     
 

ЈОВАН ПЕТРОВСКИ ОТПОВИКАН ОД ДОЛЖНОСТА

Одборот на директори на МобиМак АД донесе одлука, Јован Петровски да се отповика од должноста извршен член на Одборот на директори во функција на главен извршен директор на МобиМак АД Скопје, и на негово место како привремен вршител на должноста - главен извршен директор, го назначи Мајкл Лоренс, досегашен главен оперативен директор. На местото на господинот Лоренс, за привремен вршител на должноста главен оперативен директор беше назначен Тамаш Морваи, досегашен неизвршен член на Одборот на директори на МобиМак АД. Воедно беше донесена одлука со која за втор потписник во отсуство на главниот оперативен директор е овластен Дејан Крстевски, актуелен главен финансиски директор на МобиМак АД.

 
     
  ХУМАНИТАРНА ТРКА ВО СТРУМИЦА

Хуманитарната трка - "Сите на тркала за забава и хуманост", која се одржа во Скопје во 2003, во Битола во 2004 година, годинава по трет пат ќе се одржи во Струмица на 12 јуни. Право на учество имаат сите кои ќе се јават на бројот 070/141-516, со што ќе донираат 50 денари, а ќе се наменат за хуманитарни цели. Учесниците ќе можат да ги подигнат маичките и броевите за учество на 11 јуни пред Домот на културата во Струмица од 10 до 16 часот и треба да го понесат телефонот од кој е направена регистрацијата. На истиот број сите хумани граѓани ќе можат да дадат свој придонес, со донирање 50 денари.
Оваа хуманитарна трка ќе биде под локално покровителство на Општината на град Струмица, Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Никоб обезбедување, Кока кола, Печатницата "Европа 92", кафе бар "Маф Маф", хотелот "Сириус" и други локални соработници.
 
     
  ПОСТИГНАТ ДОГОВОР ЗА ИСПЛАТА НА ДИВИДЕНДА

Во 2005 година двата главни акционера на АД "Македонски телекомуникации" склучија договор во врска со исплатата на годишната дивидента за 2004 година, врз основа на сличните ставови за економската состојба и интересите на земјата. И двете страни се согласија дека е потребно да се инвестираат сериозни финансиски средства во македонската економија, со цел да се забрза економскиот развој, да се создаде пораст на БДП, да се обезбедат можности за нови вработувања, за развој на земјата и за придобивки за сите граѓани на Македонија.
Во текот на минатите години, работата на компанијата беше ревидирана од страна на неколку меѓународни ревизорски куќи, како и од државните даночни власти, и официјалните извештаи никогаш не содржеле забелешки за работењето на компанијата. Дополнително, во согласност со законите и прописите, компанијата ги исполни сите свои финансиски обврски кон државата Република Македонија и навреме ги плати сите даноци.
АД "Македонски телекомуникации" се цврсто убедени дека постигнатиот договор за исплата на дивиденда ќе има позитивно влијание на зголемувањето на ефикасноста и конкурентноста на севкупната македонска индустрија и националната економија во целост.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВТОР ДЕН ОД ПОСЕТАТА НА ПРЕМИЕРОТ БУЧКОВСКИ НА ГЕРМАНИЈА


Претседателот на Владата на Република Македонија Владо Бучковски, кој од вчера престојува во дводневна официјална посета на СР Германија на покана на германскиот канцелар Герхард Шредер, денеска во Минхен ќе има средба со претседателот на Владата на Баварија Едмунд Штојбер.
Покрај тоа ќе се одржи тркалезна маса на која ќе говори македонскиот премиер на тема "Интеграциите на Република Македонија во Европската Унија и нејзините европски перспективи". Се очекува на собирот да присуствуваат преставници на Владите на СР Германија, на Баварија, Пактот за стабилност, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.
Официјалната посета на премиерот Владо Бучковски на СР Германија ќе биде заокружена со разговорите во АД "Сименс" каде ќе се разговара за инвестирањето на овој гигант во Република Македонија, а ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу Владата на Република Македонија и "Сименс".
Премиерот Бучковски во рамки на посетата вчера оствари средба со германскиот канцелар Герхард Шредер на која разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, за отворените проблеми во Европа, како и за актуелната политичко безбедносна состојба во регионот.
Канцеларот смета дека во македонско-германската соработка веќе се јавно дефинирани проекти во неколку сектори како што се воениот, енергетиката и телекомуникциите.
Според Шредер, примерот на Република Македонија може да се искористи за да се објасни колку е важно да продолжи процесот на проширување на ЕУ и колку е тој процес битен за стабилизацијата на регионот и на развојот на Европската унија.
Првиот човек на германската Влада смета овој факт треба посебно да се истакне поради појавувањето на некои, таканаречени популистички струења, кои се обидуваат да ја искористат сегашната состојба за да го доведат во прашање целиот процес на проширување на Унијата.
Бучковски посочи дека за нашата земја е привлегија да се има сојузник како Германија, особено што во последниот период се продлабочува соработката и на економски план.
"Исклучително е битно за регионот на Балканот да биде испратена јасна порака дека процесот на проширување кон ЕУ и кон НАТО ќе продолжи затоа што на тој начин се стабилизира регионот и им се дава поттик на прогресивните сили. Но, им се испраќа и јасна порака на сите оние кои загрозувајќи ги овие принципи, можат да го загрозат и процесот на политичко-безбедносната стабилизација во која навлезе балканскиот регион. Ние и понатаму ќе бидеме конструктивен фактор во регионот и пример на модел за мултикултурно општество", изјави на заедничката прес-конферецијата во Берлин премиерот Бучковски.
На новинарското прашање дали француското и холандското "не" на референдумот за европскиот устав негативно ќе се одрази врз проширување на ЕУ, германскиот канцелар децидно нагласи оти "Балканот и припаѓа на Европа и тој е дел на неа".
Во рамките на официјалната посета на Сојузна Република Германија премиерот Бучковски оствари средба со претседателот на Христијанско-демократската унија на Германија и претседател на пратеничката група на Христијанско-демократската унија на Германија и Христијанско-социјалистичката унија од германскиот Бундестаг, Ангела Меркел.