ИНФО                                           
     
  ФРАНЦУСКОТО "НЕ" ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ ЗА НАС?

"Француското одбивање на европскиот Устав го доведува во прашање натамошното проширување на ЕУ, а за Македонија го отежнува добивањето кандидатски статус во декември годинава", изјави за "Дневник" германската европарламентарка Дорис Пак.
"Мора да се признае дека во вакви околности ќе биде тешко на Македонија да и се додели статус на кандидат во декември. Не велам дека тоа е невозможно и дека нема да се случи, но факт е дека француското 'не' можеби по себе ќе повлече и други земји, како Холандија, Чешка, Данска и Велика Британија, кои ќе му кажат 'не' на Уставот", вели Пак.
 
     
 

ТРАЈКО СЛАВЕВСКИ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВМРО - ДПМНЕ

Трајко Славевски, професор на Економскиот факултет, е нов потпретседател на ВМРО- ДПМНЕ. Тоа едногласно го реши Централниот комитет на партијата, кој избра и пет нови членови на партискиот Извршен комитет: Коце Трајановски, Горан Ангелов, Љубиша Георгиевски, Влатко Чинговски и Зоран Коњановски. Со новата петорка Извршниот комитет ќе има 14 члена.
Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски најави дека во септември е можно Извршниот комитет да се прошири и да се именуваат уште еден или двајца потпретседатела, што беше најавено при распуштањето на стариот состав на Комитетот.

 
     
  ВТОРА МАКЕДОНСКА ВЕЧЕР НА ЗДРУЖЕНИЕТО "КОЧО РАЦИН"

Во чест на Денот на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј и по повод втората годишнина од формирањето на македонското здружение "Кочо Рацин" и на Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора, во хотелот "Метропол" во Белград, се одржа Втора македонска вечер. На неа поздравен говор одржа претседателката на "Кочо Рацин", Лидија Демниева, која потенцира дека се надева оти оваа Македонска вечер ќе стане традиција, која ќе не обедини и зближи.
"Средбите со драги луѓе се богатство кое треба да се чува. Затоа оваа вечер нека биде дел од златната нитка што не поврзува. Културата, јазикот и писмото се единственото национално богатство кое човек го носи со себе, се останато полека се губи во ова време на глобализација и преселби. Оваа вечер се одржува во мај, месецот на нашите просветители Кирил и Методиј, затоа да ги спомнеме денес, како наши светлоносци, како личности кои ја осветлија македонската и сесловенската историја, како личности со визија и волја, кои потекнуваат од Македонија", истакна Демниева.
Таа ја прочита телеграмата испратена од претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, во која тој го изразува своето длабоко извинување за неможноста да присуствува на традиционалната Македонска вечер, поради однапред преземени обврски во наведениот период.
"Цврсто сум убеден дека преку организирањето на оваа вечер, Македонското здружение 'Кочо Рацин' формирано од Македонците кои живеат и престојуваат во Белград, ќе даде значаен придонес не само во унапредувањето на положбата и афирмирањето на правата на Македонците кои живеат и престојуваат во Белград, туку ќе придонесе и во збогатувањето на соработката меѓу балканските народи. Искрено се надевам дека преку традиционалното организирање вакви вечери, ќе ја претставите Република Македонија во најдобро можно светло и уште повеќе ќе придонесете за промовирање на нашата држава во регионот и пошироко", се вели во телеграмата на претседателот Црвенковски.
На оваа вечер гости беа истакнати личности од Амбасадата на Република Македонија во Србија и Црна Гора и од Министерството за човекови и малцински права. Присуствуваше и претседателот на Македонската заедница во Србија и Црна Гора, Гојко Илиевски.
 
     
  ОДРЖАНИ 34. "ГОЦЕВИ ДЕНОВИ" ВО ПОДГОРЦИ - СТРУШКО

Во струшкото село Подгорци се одржаа 34."Гоцеви денови", манифестација посветена на негувањето и афирмацијата на македонските национални и културни идеали, а годинава беше посветена на 102 години од смртта на Гоце Делчев и 60 години од победата над фашизмот.
Свечениот дел на манифестацијата почна со полагање свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев и на споменикот на паднатите борци од селото, што беше најавено со удари на камбаната на црквата "Св. Никола", како и рафалното пукање од комитската чета, придружувана од припадниците на АРМ. Потоа се изведе симболично носење и кревање на обновеното илинденско знаме, симбол на манифестацијата, а Оливер Бојчески, претседател на Советот на "Гоцеви денови" ја прогласи манифестацијата за отворена.
За 102 години од смртта на Гоце Делчев и 60 години од победата над фашизмот зборуваше историчарот Ванчо Ѓорѓиев, а за творештото на годинашниот добитник на Гоцевата повелба, највисоко признание на манифестацијата, Владимир Костов, зборуваше писателот Раде Силјан.
Традиционално манифестацијата заврши со комитска визита во ајатите на црквата "Св. Никола", и културно-уметничка програма на КУД "Гоце Делчев" од Битола и музичкиот состав "Монистра" од Скопје, кој настапи со етно-музика.
 
     
 

ДЕЛА ОД ЉУБОМИР ДОНСКИ

Во Музеј на град Скопје беше отворена изложба со 20 дела на долгогодишниот уметник Љубомир Донски од Штип. Ова е една од неколку десетици самостојни изложби, кои тој досега ги има реализирано како во Македонија, така и надвор од неа. Во далечната 1978 година уметникот Донски имаше остварено изложба во Шафхаузен, во Швајцарија, во познатата галерија "Ротен Адерри", а негови дела можеле да се видат и во Германија и поранешна Југославија. Љубомир Донски е познат и како автор на повеќе книги, меѓу кои е и "Враќање од пеколот" (научно-фантастичен роман), објавена уште во 1966 година.

 
     
  БРОДОТ НА МОЦАРТ

"Бродот на Моцарт" годинашниот претставник на Македонија на 51. Меѓународно биенале во Венеција, проект-инсталација на македонскиот ликовен уметник Антони Мазнески тргна по сувоземен пат до Венеција, до македонскиот павилјон во Палацо Ѕорси. Павилјонот свечено ќе биде отворен на 11 јуни додека, пак, свечената инаугурација на Биеналето е на 10 јуни во Џардини, во близина на италијанскиот павилјон. Наградата "Златен лав" годинава ќе биде доделена на 10 јуни.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  Г.Г. СТЕФАН: СИТЕ ПОМЕСНИ ЦРКВИ ГО НОСАТ ИМЕТО НА СВОИТЕ НАЦИОНАЛНИ ДРЖАВИ


"Православната е една, света, соборна и апостолска Црква, но сепак, во нејзиното административно делување, Црквата е поделена на помесни православни цркви - Секоја помесна црква, без исклучок е организирана на национална основа, за православните народи кои што имаат своја територија или независна и суверена држава", истакнува во вчерашното обраќање до јавноста поглаварот на Македонската православна црква архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Во своето обраќање до јавноста г.г. Стефан нагласува дека нема ниту една помесна црква која не го носи името на земјата и народот на кои им припаѓа. "Албанската е за Албанија, бугарската за Бугарија, грчката за Грција, Руската, Романската, Полската за нивните земји, па и српската за Србија, а македонската е за Македонија", вели поглаварот на МПЦ.
Тој појаснува дека секоја помесна православна црква својата јурисдикција ја простира на просторот и во границите на државата на која и припаѓа, принцип кој е почитуван и од страна на МПЦ.
"Нема возобновена древна црква или организирана нова помесна црква без претходно тој народ да не се стекнал со своја државна и национална слобода", вели г.г. Стефан.
"Древна е нашата света Црква, векови и милениуми го мерат нејзиното опстојување. Од општините формирани по македонските градови, до проповедта на апсотол Павле, преку Јустинијана Прима, како и мисијата на рамноапостолите од Солун, светите браќа Кирили Методиј, а особено дејноста на нивните надарени ученици светите Климент и Наум, израсна Охрдиската архиепископија како црква на македонските простори и црква на македонскиот народ", нагласува поглаварот на МПЦ.
Тој истакнува дека тоа значи оти како православен народ "сме се стекнале со црква пред другите православни народи".
"Потоа ќе следат помали и поголеми успеси, ќе се прошируваат и стеснуваат нејзините граници зависно од состојбите меѓу народите и државите на Балканот. Дури и тогаш кога со Македонија ќе завладуваат други, таа наша Охридска архиепископија ќе опстојува и ќе биде институција во која незјините верни чеда ќе ја чувствуваат и ќе ја имаат како своја најсилна тврдина", потенцира г.г. Стефан.
Тој потсетува дека во 1767 година со ираде на Високата порта е запрена нејзината официјална мисија. "Таа, пак, наша Охридска архиепископија ќе продолжи да живее во верата и во споменот на своите чеда. Ќе се прават обиди за нејзино возобновување. Во меѓувреме ќе се случат и балканските и Првата светска војна, ќе го доживееме распарчувањето на македонската земја и народ и разграбувањето и купувањето на епархиите од Охридската архиепископија во Вардарска Македонија. Ќе дојде и Втората светска војна и ќе донесе нови освојувачи и нови подлеби. Но, крајот на војната објавува нов почеток за македонското духовно, национално и државно обновување. Во македонската држава како федерална единка на повоена Југославија ќе ссе оздадат услови и за црковно организирање врз темелите на Охридска архепископија", нагласува г.г. Стефан.
Поглаварот на МПЦ додава дека гласот на македонскиот народ и определбите на свештенството ќе се слушнат уште на Собранието во Издеглавје во 1943 година, како и на Конференцијата и Соборот во Скопје во 1945 година: "сакаме своја црква, сакаме возобновена Охридска архиепископија како Македонска православна црква".
"Црковно - народниот собир во Охрид 1958 година беше прв чекор за реализација на желбата да и се врати славата на Охридската архиепископија. Тогаш беше избран блаженоупокоениот Доситеј за прв поглавар на возобновената Охридска архипеископија во лицето на МПЦ, а следната 1959 година, со хротонија врз архимандритот Климент за митрополит преспанско-битолски, чин што го изврши тогашниот српски патријарх Герман, всушност се создадоа услови за самостојно организирање на нашата света црква. Во таа смисла е констатацијата на Соборот на СПЦ од 1959 година дека 'за издвоени епархии и архиереи во НРМ како МПЦ не важи уставот на СПЦ'", потенцира г.г. Срефан.
Потоа, вели г.г. Стефан следело кадровското засилување во Синодот, за на Третиот собор во 1967 година, освен архиепископот Доситеј да се добијат уште митрополити, Климент, Наум, Методиј и Кирил.
"На тој собор е објавен целосната обнова на Охридиската архиепископија со грижа кон иселените Македонци, со организирање на своја Богословија и дооформување на потребните тела и органи и друго. Следат контакти со други помесни православни цркви и скоро од секаде наидуваше поддршка и разбирање - направениот чекор штом имате свои архиереи, штом тоа го сакаат народите и свештенството - очекувано е, па така би постапил секој на ваше место", вели поглаварот на МПЦ.
Г.Г. Стефан нагласува дека тоа што го направила МПЦ го правеле сите цркви за да дојдат до своја самостојност.
"Така постапил и Св.Сава во своето време, одделувајќи ја Пеќската архиепископија од Охридската архиепископија. Така и сите други православни цркви штом ќе се здобиеле со држава, вендаш барале и црковна независност и Атинската архиепископија се издвоила од Цариград и Бугарската и Српската и сите зашто според 17-то правило од Четвртиот Вселенски Собор, еден од условите за црковна самостојност, покрај, верници, е имањето и на своја независна држава", нагласува поглаварот на МПЦ.
Г.Г. Стефан нагласува дека токму од овие причини во децениите што поминале се водат и разговори за надминување на недоразбирањата со СПЦ.
"Но никогаш на ниту една средба не се разговарало за црковни пречки, за прашања од догматиката, науката и верата, туку за жал дали како народ што значи и земја, треба да имаме своја црква и дали обновената Орхдиска архиепископја може да биде МПЦ", вели г.г. Стефан .
Тој заклучува дека според ова името на нашата црква е единствен грев.
"Што значи името ни е единствен наш грев? Затоа и прашуваме дали другите цркви кога го поминуваа нашиот пат беа подготвени со побројно свештенство и поверен народ, со побројни и повредни сакрални објекти, со побогат духовени црковен живот? И која е смислата на сите разговори на сите средби и на се што преземавме да се надмине спорот меѓу двете цркви? Но очигледно некому не е дадено да биде учесник во радоста која извира од љубовта кон другите! Затоа го повикуваме сиот наш народ божји во татковината до каде што не има, сето свештенство и монаштво, како и членовите на САС да ги издржиме и овие искушенија ", нагласува поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во своето обраќање до јавноста.