ИНФО                                           
     
  СОЦИЈАЛЕН ЛЕБ ЗА ПРИЛЕПЧАНИ

"Жито Прилеп", кој е во сопственост на македонскиот бизнисмен Ѓорѓија - Џорџ Атанасоски, пушти во продажба леб тип 850 од 550 грама по цена од 12 денари кој е наменет за повеќе од 5.000 социјално загрозени семејства. Социјалците кои својот статус го потврдуваат со чек за земена социјална помош, во една продавница во градот можат да купат и брашно тип 500 за 14 денари за килограм, во вреќа. Засега се пуштени само 1.500 леба, со најава дека дневното производство ќе се зголемува доколку има интерес. Планирано е овој леб да го има и во Кривогаштани, Пашино Рувци, Лажани, Ерековци и Ропотово, но таму ќе чини 13 денари поради транспортните трошоци.
 
     
 

МАКЕДОНСКО-РУСКА СТОПАНСКА КОМОРА

Неодамна во Скопје беше промовирана Македонско-руска стопанска комора. При оваа промоција вицепремиерот Минчо Јорданов истакна дека очекува инвестиции, особено во областа на енергетиката, обоената и црната металургија за што постојат силни сигнали од рускиот финансиско-енергетски потенцијал. Владимир Арашченко, претставник на Меѓувладината комисија за трговско-техничка соработка додаде дека руската страна ќе работи на зацврстување на соработката меѓу бизнисмените од двете земји.
Македонско-руската стопанска комора е формирана во март минатата година и во неа засега членуваат 30 фирми.

 
     
  УАПСЕН СКОПСКИОТ ПИРОМАН

Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода лицето Гагарин З. (41), осомничен дека на 23 март околу 12 часот и 15 минути подметнал пожар во зградата бр. 8 на улица "Ѓорѓи Сугаре" во населбата 11 Октомври. По извршениот увид е утврдено дека Гагарин го подметнал пожарот со запалување отпадна хартија во подрумската просторија.
Тој извршил уште едно опожарување, но пожарот бил изгаснат благодарение на брзата интервенција на противпожарната служба.
Во пожарот на 23 март загинаа четири лица, а 11 побараа лекарска помош.
Во последно време пожарите во Скопје стануваат честа појава.
 
     
  ИНТРАЛОГИН 2005 ЕКСПО

Фирмата "Логин системи" организираше саемска манифестација "Интралогин 2005 Експо". Оваа манифестација е годишен настан и претставува комбинација од предавања, работилници и штандови со информатички и комуникациски решенија. Десетина македонски фирми и организации ги претставија најсовремените компјутерски решенија на 30-тина светски компании.
 
     
 

ПРОЛЕТНА МОДНА НЕДЕЛА

Од шести до деветти април на Скопски саем ќе се одржи пролетното издание на Модната недела. Четиринаесет дизајнери и 21 бренд ќе учествуваат со презентација на своите најнови колекции кои, главно, ќе ги отсликуваат најновите трендови за претстојната сезона. Саемот ќе го отвори "Фешен груп" од Скопје, која ќе ги презентира најновите колекции на познатите светски фирми "Бицијани", "Манго" и други. Последната модна вечер е резервирана за македонските дизајнерки и тоа Сека Радончиќ, Сузана Димова, Росица Мршиќ и Славица Блажева, како и за учениците од текстилното училиште "Гоце Стојчески" од Тетово.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ПЕНОВ ЈА ПОВЛЕЧЕ КАНДИДАТУРАТА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ - СПОРЕД ЗАКОНОТ, ВТОР КРУГ ЌЕ ИМА


Кандидатот на Коалицијата "За Македонија заедно" за градоначалник на Скопје Ристо Пенов објави дека се повлекува од вториот круг на градначалничката трка.
"Одлучив да ја повлечам својата кандидатура за градоначалник. Ќе го затворам Изборниот штаб и ќе го подготвам Кабинетот за Трифун Костовски", изјави Пенов на вчерашната прес конференција.
Ваквата одлука, како што рече Пенов, е резултат на волјата на граѓаните кои во првиот круг од локалните избори решиле довербата да му ја дадат на Костовски.
"Изминатите осум години работевме со многу ентузијазам. Скопје беше вистинско градилиште, но граѓаните веројатно бараат многу повеќе. Од досегашната работа сум многу горд бидејќи имав шанса да го почувствувам задоволството на скопјени за реализираните над 2000 проекти. Но, тие бараат многу повеќе и затоа ќе ја почитувам нивната одлука", рече канидатот на Коалицијата "За Македонија заедно" за градоначалник на Скопје Ристо Пенов.
Во првиот круг од лоакалните избори за градоначалник на Град Скопје победи кандидатот Трифун Костовски со 110.077 гласови или 48,90 отсто, пред Ристо Пенов со 63.022 или 28 отсто, Атртим Нагавци со 19.692 или 8,75 отсто, Сами Фејзула со 18.055 или 8,02 отсто и Џезаир Шаќири со 4.775 гласа или 2,12 отсто од гласовите.
И покрај повлекувањето на кандидатурата на Ристо Пенов во Скопје на 10 април ќе има втор круг за избор на градоначалник. Како што изјави за МИА професорката на Правниот факултет Рената Дескоска, според формалното толкување на Законот за локални избори не може да се отповика кандидатурата и мора да се оди на втор круг.