ИНФО                                           
     
  PROCREDIT BANK И ВО СТРУГА

ProCredit Bank, една од најраспространетите банки во Југоисточна Европа, отвори нова филијала во Струга.
Од февруари па до сега филијалата исплати повеќе од 50 кредити во износ од повеќе од 200.000 евра на бизнисите во Струга, а повеќе од 100 физички лица и претпријатија веќе отворија сметки и штедни влогови.
"Навистина нe радува што постои голем интерес за услугите на Банката, бројот на новите клиенти секој ден се зголемува сe повеќе. За многу кратко време се забележа силното влијание на филијалата во Струга", истакна раководителот на филијалата Jan Philip Heymann.
 
     
 

ДЕБАТА ЗА ИТ СТРАТЕГИЈА

Владината Комисија за информатичка технологија (КИТ) на 7 март организираше јавна дебата на тема "Национална стратегија за развој на информатичко општество".
Дебатата беше дел од проектот "Формулирање национална стратегија за информатичко општество", поддржан од Програмата за развој на ОН (УНДП) и фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ). Целта на проектот е изготвување национална политика, стратегија и акционен план за развој на информатичко општество во Македонија.

 
     
  ПОДГОТОВКИ ЗА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА

Развојот на туризмот и поголемата меѓусебна посетеност на туристите беше целта на завршената средба во Охрид на претставниците на асоцијациите на туристичките агенции АТАМ од Македонија и ЈУТА од Србија и Црна Гора. На средбата учествуваа повеќе од 30 туристички агенции од Србија и Црна Гора, 10 новинари од најпознатите белградски медиуми, претставници на ресорните министерства и хотелската асоцијација ХОТАМ од Македонија.
Нашава држава веќе ги објави цените на туристичките аранжмани за оваа година, но сите се согласуваат дека понудата е многу скапа во однос на соседните Бугарија и Турција. Договорено е адаптирање на цените за тие да бидат привлечни и на соодветно ниво.
 
     
  ХУМАНА АКЦИЈА ЗА ДЕТСКАТА КЛИНИКА

Фондацијата Мобимак за Македонија организираше хуманитарна акција наменета за реновирање на еден кат од Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар - Скопје. По повод оваа акција Фондацијата отвори број за донации 070-143-131.
Фондацијата Мобимак за Македонија под мотото "Хуманоста мотив и цел" ги продолжува своите активности, секогаш стремејќи се да помогне во сите сфери каде што е неопходна хуманоста.
 
     
 

"ПОМЕЃУ ДВА СВЕТА" ОД АРМАНДО АЛЕМДАР

"Koo Stark" ја отвора изложбата "Помеѓу два света" на Армандо Алемдар Ара во изложбениот салон-галерија "Great Expectations Gallery".
Изложбата ќе биде отворена од 18 март до 2 април 2005 година. Почесен гостин ќе биде Неговата екселенција господин Ѓорѓи Спасов, амбасадор на Република Македонија во Лондон.
Армандо Алемдар Ара е докажан ликовен уметник зад кого стојат бројни изложби, како во Лондон, така и секаде во светот.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ВО СКОПЈЕ САМИТ ЗА РАЗВОЈ НА СОРАБОТКАТА НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЈИЕ


Под покровителство на претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски и еврокомесарот за проширување Оли Рен денеска во Скопје почнува дводневниот "Самит за развој на соработката на земјите Југоисточна Европа".
Самитот е во организација на Институтот за европски прашања, Институтот за Дунавскиот регион и Централна Европа и Турскиот совет за економски односи со странство.
Кире Наумов, советник за економски прашања на претседателот Бранко Црвенковски, на вчерашната прес-конференција истакна дека Самитот ќе овозможи заедничка и конструктивна дебата за изнаоѓање конкретни начини и можности за соработка и разој на регионот на ЈИЕ.
"Регионалната соработка, континуираното градење и инвестирање во добрососедските односи на сите држави во регонот учеснички на овој Самит, се основа за траен мир, безбедност и стабилност на државите во ЈИЕ, без што не може да се очекува забрзан економски разој", истакна Наумов.
Според него, Самитот ќе даде придонес во подобрувањето на економската соработка меѓу земјите во регионот, интензивирање на трговската размена и искористување на предноста од традиционалната поврзаност и комплементарност на економиите во регионот.
Основачот на Економскиот форум на Северна и Јужна Европа, познатиот турски бизнисмен Шарик Тара, потенцираше дека во моментов регионот на ЈИЕ се соочува со два главни проблема. Првиот е прашањето на етничката и верската разноликост, односно овозможување на непречено и рамноправно опстојување на различните етникуми и религии, а вториот е економскиот развој.
"Во ЈИЕ постојат околу 40 национални етникуми. Сметам дека треба да се стави крај на конфликтите, а тој проблем можеме да го решиме само со воспоставување успешна демократија и со толеранција, што подразбира рамноправност на сите кои живеат на Балканот", рече Тара.
Тој потенцира дека со оглед на тоа дека една од стратешките определби на земјите од ЈИЕ е интеграцијата во ЕУ, потребно е државите од овој регион да преземат соодветни чекори за достигнување на економското ниво на земјите од Унијата. Во моментов, според Тара, земјите од ЈИЕ достигнале само една десетина од економското ниво на ЕУ.
Тара истакна дека економските проблеми со кои се соочува регионот не можат да се решат само со кредити и заеми од меѓународните финансиски институции, како што се Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.
"Единствено решение според мене во оваа насока е економска интеграција на регионот, во што секако треба да имаме поддршка и од меѓународната заедница", додаде турскиот бизнисмен, изразувајќи надеж дека Самитот ќе даде своевиден придонес во тој поглед.
Волфганф Рул од Институтот за европски прашања нагласи дека дводневниот самит ќе даде придонес за зајакнување на политичката и економската соработка меѓу земјите од регионот.
Рул дополни дека учесниците на дводневниот форум ќе отворат дискусии и за реализација на повеќе проекти во инсфраструкурата, односно во сферите на енергетиката, изградба на патишта, железниците, телекомуникациите и слично.
Околу 150 претседатели на држави или влади, високи државни претставници, како и бројни претставници на бизнисот во Европа на дводневниот самит ќе разменат мислење за преземање соодветни мерки за поддршка на мирот и стабилноста, функционирање на демократијата и за конкретните чекори за остварување на забрзан економски развој на регионот.
Во тој контекст се очекува од Самитот да произлезат насоките за зголемување на инвестициите преку остварување на неопходните услови за слободна пазарна економија, заштита на странските директни инвестиции, минимизирање на бирократијата и заштита од корупција. Од самитот се очекува и да се зајакнат соработката на земјите на регионот за поефикасна конкурентност на светските пазари, со приоритет на инфраструктурното поврзување на државите од ЈИЕ со другите региони во Европа.
Самитот ќе го отвори Јирген Грамке, претседател на Институтот за европски работи и поранешен германски министер, додека во име на еврокомесарот Оли Рен ќе присуствува генералниот директор за проширување на ЕК Фабрицио Барбазо.
На Самитот ќе учествуваат претседателите на Бугарија и Србија, Георги Прванов и Борис Тадиќ, албанскиот премиер Фатос Нано, премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, поранешниот претседател на Еврокомисијата Жак Сантер, шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен, поранешниот шведски премиер Карл Билд, потпретседателот на српската Влада Мирољуб Лабус, бизнисменот Богољуб Кариќ, поранешниот премиер на Италија Џулијано Амато, поранешниот претседател на Светска банка и екс турски министер за економија Кемал Дервиш и заменик-директорот на Европска банка за обнова и развој Сју Берет.
Освен претседателот Црвенковски како покровител, од македонска страна ќе учествуваат и премиерот Владо Бучковски, министерот за економија Фатмир Бесими, за финансии Никола Поповски и за екологија Зоран Шапуриќ.