ИНФО                                           
     
  АГОНИЈАТА НА ЖЕЛЕЗНИЧАРИТЕ ПРОДОЛЖУВА

Железничарите бараат списоците со имињата на отпуштените работници да бидат повлечени се додека не се утврди со колку пари тие ќе си заминат. Тие најавуваат дека доколку не се реши овој проблем ќе го блокираат железничкиот сообраќај и ќе протестираат пред Владата.
"Ако се направи добар социјален пакет сигурен сум дека доброволно ќе си отидат 300 луѓе, затоа што на сите им е јасно дека по трансформацијата на фирмата ќе има уште еден бран отпуштања", вели Никола Богоевски од Синдикатот на МЖ.
Железничарите бараат по 5.000 евра и велат дека нема да се согласат со ништо помалку од тоа. Владата, пак, им дава најмногу 2.500 евра и ветување дека ќе го разгледа нивното барање.
 
     
 

ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК И ВО ВОДОСТОПАНСТВО

Од јавните водостопански претпријатија ќе се отпуштаат работници, меѓутоа раководството се уште не знае колку. Бројот ќе биде познат откако ќе се дефинира кои четири водостопански претпријатија ќе бидат на листата за итна ликвидација, до крајот на идниот месец. Ова е договорено на средбата меѓу премиерот Бучковски и директорот на Водостопанство.
"На сите оние кои ќе добијат статус технолошки вишок, ќе им бидат исплатени заостанатите плати, придонесите, надоместоците за хранарина и превоз. Отпремнина ќе им биде исплатена само на оние вработени кои нема да останат", вели Теодор Цоневски, директор на ЈП Водостопанство на Македонија.
Од 24 водостопански претпријатија, досега 8 се ликвидирани и трансформирани поради огромни долгови.

 
     
  ПРОМОВИРАНА НОВА ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КАРТИЧКА

По неполни 4 месеци од промоцијата на ProCard, ProCredit Bank воведе нова интернационална дебитна картичка - Maestro Card.
Маестро картичката на ProCredit Bank овозможува располагање со готовината 24 часа во денот, 7 дена во неделата и 365 дена во годината, и со неа може да се купува во 5 милиони продажни места во 81 земја и тоа без провизија, и да се подигнува готовина на повеќе од 900.000 банкомати во земјава и во странство.
"Покрај ProCard, ова е нов интернационален производ на ProCredit Bank, со кој ќе се обидеме да ги задоволиме потребите на постоечките клиенти на Банката, како и да ги освоиме новите потенцијални клиенти. Во првиот месец планираме да издадеме повеќе од 1.000 Маестро картички", изјавија од АТМ тимот на ProCredit Bank.
 
     
  МАКЕДОНИЈА БЕЗ ЗАКОН ЗА ХОРМОНСКАТА ХРАНА

Додека јавноста во светот жестоко се противи на употребата на генетички модифицираната храна, Македонија се уште нема донесено законска регулатива која ќе спречи или ќе дозволи во одредени рамки дотур на вакви производи. Иако беше најавено дека во декември 2004 година во државава ќе биде отворена лабораторија за испитување на генетички модифицираната храна, досега таа не профункционира. Покрај тоа се доцни и со подготовките на законската регулатива со која би се дефинирала оваа област. Според директорот на Дирекцијата за храна, Соња Србиновска, во текот на наредните месеци треба да стартува кампањата за промовирање на етичката свест за биосигурност на храната.
 
     
 

"ДИОНИСОВИ ЧЕСТВУВАЊА- МИНУ УГРИНОВСКА"

"Дионисовите чествувања - Мину Угриновска" почнаа на 25 февруари во 19,19 часот во Салонот "19:19" со филмот "Бакни го сонцето", кој е во продукција на "Дион" и на МРТВ, чиј сценарист е Тихомир Стојановски, а режисер Владо Денчов. Овој филм е прикажан на повеќе фестивали, во Солун, Измир, Бар, Сараево, Оломоук.
Истата вечер следува настапот на фолклорната група Фрастани (Серез-Егејско) и Стевче Стојковски, потоа во 20.30 часот фолклорната група од Мосомиште (Гоце Делчев - Пиринско), во 21 часот народни песни и клетви на Македонците во Гора, Голо Брдо и Преспа и нивно претставување. Во 21.30 претставниците на македонските здруженија од Грција, Албанија, СиЦГ, Бугарија, Турција ќе одржат беседи. Еден од учесниците на оваа вечер ќе биде и Гоце Терзиев, копаничар од Долни Дабник - Пиринско.
На 26 февруари во 19,19 часот ќе настапи гусларот Досе Ангелов од Крива Паланка, потоа во 20 часот ќе настапи театарот "Скрб и утеха" со претставата "Студен туш-Упатства за лудеење" од Тихомир Стојановски, во режија на Владо Денчов. Во 21 часот предавање ќе одржи лингвистот професор Одисеј Белчевски од Канада, на тема "Македонскиот исконски јазик од античко време до денеска".

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ СО СОРАБОТНИЦИ НА АМЕРИКАНСКИ КОНГРЕСМЕНИ И СЕНАТОРИ


Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски вчера прими делегацијата на стафери (соработници на американски конгресмени и сенатори) од Конгресот и Сенатот на САД.
На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи Илинка Митрева и мекедонскиот амбасадор во САД Никола Димитров.
Претседателот Црвенковски, како што соопштува неговиот Кабинет, на средбата ги запознал членовите на американската делегација со актуелната состојба во Република Македонија и со приоритетите и плановите на земјата во наредниот период.
Претседателот Црвенковски истакнал дека имплементацијата на Охридскиот договор која е во завршна фаза, ќе биде комплетирана со локалните избори и пренесувањето на ингеренциите на локалните власти предвидени со процесот на децентрализација. Тој посочил дека Република Македонија покажа оти концептот на помирување, на меѓуетничка толеранција и соживот е можен и на Балканот и дека успешниот македонски модел треба да биде пример за сите земји од регионот.
Шефот на македонската држава ги реафирмирал стратешките цели на Република Македонија за интеграција во НАТО и Европската унија. Потенцирајќи го значењето на наредниот период, претседателот Црвенковски изразил очекување дека Република Македонија ќе добие статус земја-кандидат за полноправно членство во Европската унија до крајот на годинава, со што ќе зачекори во нова квалитативно повисока фаза од процесот на интегрирање, како и очекувањата за покана за членство во НАТО на наредниот Самит на Алијансата.
За време на средбата претседателот Црвенковски ги информирал претставниците на делегацијата и за процесот на реформи во областа на судството и во сферата на економијата, потенцирајќи дека тие се приоритет на Република Македонија.
Претседателот Бранко Црвенковски информирал и за преговорите меѓу Република Македонија и Република Грција во Њујорк, со посредство на Обединетите Нации со цел надминување на спорот околу употребата на уставното име, потенцирајќи дека тие ќе продолжат.
За прашањето за идниот финален статус на Косово, македонскиот претседател истакнал дека за стабилноста на целиот регион не е битно само каков ќе биде финалниот статус, туку е многу поважен процесот на менаџирање на целиот процес од страна на меѓународната заедница.
Претседателот Црвенковски потенцирал дека е потребно да се преземат низа превентивни мерки со кои ќе се минимизира ризикот од нови дестабилизации, наведувајќи ја во таа смисла демаркацијата на границата на Република Македонија во делот со Косово и нејзино прифаќање од страна на косовските власти.