ИНФО                                           
     
  МАКЕДОН ГО ОСВОЈУВА СВЕТОТ

На еден од најстарите фестивали на светот за карикатура и стрип, нашиот истакнат карикатурист Мирослав Георгиевски ја освои престижната прва награда.
Георгиевски ја освои наградата Premio Internazionale Umoristi a Marostica во категорија стрип на 37. издание на престижниот италијански фестивал за карикатура и стрип во Маростици. Оваа година учествуваа 279 автори од 42 држави.
 
     
 

МАКЕДОНСКИ ЗЛАТНИ МЕДАЛИ ЗА БУШ

Претседателот на САД Џорџ Буш ќе добие 2 златни медала со негов портрет изработен од Митко Тошев, дипломиран сликар и графички дизајнер, кои ќе му бидат врачени по неколку дена во Белата куќа во Вашингтон.
Со овие две ремек дела "Портрет на златна медала", на претседателот на САД, Тошев сака да му изрази благодарност за признавањето на Република Македонија под уставното име од страна на САД и за таа побрзо да биде примена во ЕУ и во НАТО.
"Направив два 'златни медала', еден лично за претседателот Џорџ Буш, а другиот да остане во Белата куќа и да биде поставен покрај портретите на Џон Кенеди, Џими Картер, Роналд Реган, Двајт Ајзенхауер, Џорџ Буш и други американски претседатели", вели Тошев.
Исто така, тој е автор и на портретот на позлатена бронза на добитничката на Нобеловата награда за мир и најголемата хуманистка на сите времиња - Мајка Тереза, која се наоѓа во резиденцијата на Папата Јован Павле Втори – Ватикан, Рим и е автор на портретот во бронза на поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, кој се наоѓа во седиштето на НАТО, Брисел, со цел да се зајакне соработката меѓу Македонија и НАТО и да се забрза процесот за прием на Република Македонија во ЕУ.

 
     
  МЕМОРИЈАЛЕН ВЕЧЕРЕН ТУРНИР ВО МАЛ ФУДБАЛ

По повод годишнината од трагичното загинување на претседателот Борис Трајковски, Заедницата на македонските друштва во Швајцарија - ЗМД организира МЕМОРИЈАЛЕН ТУРНИР ВО МАЛ ФУДБАЛ "БОРИС ТРАЈКОВСКИ-2005".
Манифестацијата ќе се одржи на 19 февруари во местото (Саинт-Прекс 1162) Лозана, со почеток од 15 часот.
Програмата е правена во координација со сопругата на загинатиот претседател, госпоѓата Вилма Трајковска. На комеморацијата ќе присуствуваат: Стефан Трајковски, син на починатиот претседател, Роберт Милчев, координатор на асоцијацијата Трајковски, како и претставничката на Република Македонија при Обединетите нации во Женева, госпоѓа Драгица Зафировска.
Во оваа манифестација ќе учествуваат претставници од сите македонски друштва и асоцијации, членови на ЗМД од Швајцарија, како и многубројни гости.
 
     
  ЗА ВИНОТО И ЉУБОВТА СО УМЕТНОСТ

Во чест на празниците Свети Трифун и денот на вљубените, Македонското здружение за култура, обичаи и традиции "Гороцвет" од Скопје, на 13 февруари во хотелот "ВИП" организираше ликовна изложба насловена како "Цвеќе и медени срца за вљубените". Со свои дела се претстави еминентниот уметник Живко А. Поповски, а беседа во чест на љубовта и цвеќето одржа д-р Ферид Мухиќ.
За присутните гости беше организирана и бесплатна празнична лотарија во која Живко А. Поповски подари 50 уметнички слики, додека "ВИП" хотелот обезбеди еднодневно патување за двајца во Солун, како и едно ноќевање во хотелот.
 
     
 

ДО КАДЕ ШТО НИ Е КУЛТУРАТА, ДО ТАМУ Е МАКЕДОНИЈА

Во организација на Културниот центар и Театарот "Скрб и утеха", продукцијата "Дион" и едицијата "Лицеум" во Културно - информативниот центар Салон "19,19", на 25 и 26 февруари 2005 година ќе се одржат традиционалните македонски културни средби "Дионисови чествувања-Мину Угриновска". Станува збор за средби на македонската култура од Пиринско, Родопите, Егеј, Гора, Голо Брдо, Преспа и дијаспората. И годинава програмата ќе биде збогатена со фолклор, изворно пеење, театар, филм, претставување книги, изложби, предавање за сличноста на Хомеровиот и македонскиот јазик на лингвист од Канада. Целта на овие културни средби е да се обедини поделената македонска култура во духот на евроинтеграцијата.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ИЛИНКА МИТРЕВА: ФИНСКА ПРЕТСТАВУВА ПРИМЕР ЗА МАКЕДОНИЈА


Македонскиот министер за надворешни работи Илинка Митрева, на првиот ден од официјална посета на Република Финска, вчера се сретна со шефот на финската дипломатија Ерки Туомиоја, со потпретседателот на финскиот Парламент Марку Коски, со претседавачот на Високиот комитет за финскиот Парламент Јари Вилен и со претседавачот на комитет за надворешни работи Лиса Јаконсари.
На средбата Митрева нагласи дека Македонија стабилно чекори кон исполнувањето на критериумите од Копенхаген, како единствен предуслов за членство во Европската унија, додавајќи дека Владата е целосно определена да ја реализира агендата на која сите точки почнуваат со зборот реформи, соопшти кабинетот на министерката.
Митрева истакна дека не е случајно што првата дестинација по историскиот чин во доближувањето на Македонија кон Обединета Европа е токму Финска.
"Затоа што Финска, високо почитувана членка на ЕУ, претставува пример за Македонија. Затоа што Финска е наш искрен пријател и затоа што и евро-комесарот за проширување, Финецот Оли Рен е голем пријател на Македонија", рече Митрева.
По средбата со Туомија шефот на македонсата дипломатија информира дека една од централните теми на разговар била економијата, затоа што амбицијата на македонската Влада е земјата да стане и успешна економска приказна. Според неа, сега е вистинско време да се инвестира во Македонија, а тоа е и пораката што ќе биде пренесена на денешната презентација на потенцијалите на македонското стопанство пред бизнисмените во ФИНПРО.
"Оваа година е клучна за процесот на европска интеграција на Република Македонија. Очекуваме позитивното Мислење од Европската Комисија да го добиеме оваа есен, за што поткрепа и охрабрување се и изјавите на комесарот Оли Рен. Очекуваме позитивното мислење да биде основа за донесување одлука за стекнување статус на земја-кандидат за членство на декемврискиот самит на ЕУ и добивање на датум за отпочнување на преговори", истакна Митрева.
Финскиот министер за надворешни работи на средбата со Митрева го поздрави напредокот што го прави нашата земја во достигнувањето на критериумите кон придружувањето кон европското семејство. Тој рече дека Финска е подготвена да помогне со своите искуства во евро-интегрирањето, но исто така и во зголемување на економскиот развој. Туомиоја истакна дека е добро што Македонија го избра вистинскиот пат до евроинтегрирањето, а тоа е реализирањето на агендата на Владата за реформи во судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата.
На средбата со потпретседателот на финскиот Парламент Марку Коски, тој го поздрави големиот напредок на Република Македонија во последите три години.
"Македонија стана партнер со кредибилитет и доверба", истакна тој.
Парламентарната соработка беше главна тема на разговорот на Митрева со Јари Вилен, претседавач на Високиот комитет за финскиот Парламент. При тоа Вилен најави уште поинтензивна соработка меѓу двата законодавни дома. Тој рече дека оваа пролет или есен делегација која тој ќе ја предводи ќе ја посети Република Македонија.
На средбата на Митрева со Лиса Јаконсари, претседавач на комитет за надворешни работи, македонскиот министер зборуваше за надворешно политичките приоритети на Македонија.