ИНФО                                           
     
  НАГРАДА ЗА ЈАНКО ГЕОРГИЕВСКИ

На 8 декември 2004 година, гувернерот на Викторија, Неговата Екселенција господинот Ленди, во присуство на премиерот на Викторија, господинот Стив Бракс, на нашиот сонародник од Австралија, господинот Јанко Георгиевски, му додели висока награда за неговите волонтерски услуги во интерес на македонската заедница во оваа држава.
Георгиевски & е познат на македонската заедница во Викторија, Австралија, но и пошироко, уште од 1970 година, кога почнаа да се формираат македонските саботни училишта и македонските православни црковни општини.
 
     
 

ЛЕКА И ОСТРЕНИ ПРЕД СУД?!

Истражното одделение на Основниот суд 2 Скопје во Скопје го примило барањето за продолжување на истрагата за случајот со 12 киднапирани Македонци, за кои се товарат Даут Реџепи - Лека и Г'зим Острени. Лека и Острени се товарат за воено злосторство против цивилно население извршено во јули 2001 година од страна на 112-та бригада на ОНА. Барањето е доставено од Зоран Цветановски, поранешен припадник на Единицата за брзи интервенции "Лавови".

 
     
  СТОПАНСКА И ТУТУНСКА ИЗБРАНИ НА ТЕНДЕРОТ

Стопанска банка и Тутунска банка од Скопје го добија правото да основаат друштво за управување со приватни пензиски фондови, заедно со своите грчки и словенечки партнери. Комерцијална банка, со Прва покојнинска дружба од Љубљана, отпадна од трката. Приватните фондови ќе почнат да функционираат наесен, а вработените ќе имаат период од три месеци да решат дали и на кој фонд ќе му ја доверат грижата за дел од пензиските придонеси.
 
     
  РАЦИОНАЛИЗАЦИЈА ВО МРТВ

Најмалку стотина вработени добија откази од Македонската радио и телевизија. Неодамна раководството на оваа јавна информативна куќа донело одлука да се укине возниот парк, одделението за преведувачи, дактилобирото, како и Секторот за радиотелевизиска претплата. Дел од вработените тврдат дека десетици работници веќе добиле дискретни предупредувања што побрзо да поднесат барање за технолошки вишок, бидејќи подоцна ќе имало "полоши услови".
 
     
 

СМЕНА НА ДИРЕКТОР ВО МОБИМАК

Бордот на директори на Мобимак одлучи на местото на досегашниот главен финансов директор Питер Конц да дојде Дејан Крстевски, кој и досега беше во Одделот за финансии. Господинот Конц си заминува од оваа функција поради истекувањето на неговиот договор, а на ова работно место господинот Крстевски ќе стапи од 1 март годинава. За него во Мобимак велат дека е човек со одлични менаџерски способности и поради тоа е поставен на оваа функцијa.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МЕТЈУ НИМИЦ ВО ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА


Специјалниот посредник на ОН во македонско-грчките разговори за спорот околу името Метју Нимиц денеска престојува во Македонија.
Нимиц ќе има средба со македонскиот претседател Бранко Црвенковски, на која ќе присуствуваат премиерот Владо Бучковски и министерот за надворешни работи Илинка Митрева.
Во врска со најавеното доаѓање на Нимиц во Македонија, претседателот Црвенковски во понеделникот изјави дека тоа нема да биде негова прва посета на земјава.
"Одвреме - навреме тој ги посетува и Македонија и Грција со цел да се информира за ставовите околу спорното прашање од страна на носителите на највисоките државни функции", нагласи Црвенковски, додавајќи дека според најавата, токму тоа е целта на оваа посета без посебни предлози или намери за вршење притисоци.
Македонскиот претседател го повтори ставот дека Република Македонија останува на ставот за двојната формула во спорот за употребата на уставното име - едно што ќе го користи Грција во билатерална комуникација и употреба на уставното за преостанатиот дел од светот.
"Остануваме на нашиот став затоа што цениме дека аргументите што ги имаме се издржани и дека тоа е еден принципиелен пристап и став и оти нема потреба да го менуваме", нагласи Црвенковски.
Шефот на македонската држава, истакна дека на последната рунда разговори во Њујорк тој став бил презентиран, додавајќи оти македонската страна смета дека тоа е соодветно решение, и дека не треба да се очекува некој нов предлог.
Со посредство на Нимиц, во петокот во Њујорк продолжија разговорите за спорот за употребата на уставното име на Република Македонија.
По средбата Метју Нимиц изјавил дека нема временска рамка за завршување на разговорите, но истовремено јасно укажал дека тие не можат да траат до недоглед и оти е потребно да биде најдено решение за проблемот.
Договорено е следната рунда разговори да биде одржана кон крајот на февруари.
Разговорите за решавање на спорот околу името со посредство на ОН беа иницирани по потпишувањето на привремената билатерална спогодба за соработка во 1995 година и укинувањето на едностаното грчко трговско ембарго.
Република Македонија на 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација, но поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа уставното име, зачленувањето беше направено под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.
Поради несогласување со името и државното знаме на Република Македонија, Грција во 1993 година воведе целосно трговско ембарго кон Македонија. Трговската блокада беше во сила 18 месеци се до октомври 1995 година кога Македонија го промени државното знаме, по што беше потпишана привремената билатерална спогодба.