ИНФО                                           
     
  АКТИВНОСТИ ДА НЕ ПРИЗНАЕ И КАНАДА

Луј Темелковски, прв пратеник Македонец во канадскиот Парламент, во интервју за сателитската програма на Македонската телевизија информира дека на премиерот Пол Мартин му упатил барање Владата на Канада да почне процедура за признавање на уставното име на Република Македонија.
"Нема да помине долго време додека Канада ја признае Македонија под уставното име", смета Темелковски.
Според него, вакви барања упатиле и повеќе здруженија на Македонци кои живеат во Канада. Темелковски, член на Либералната партија, годинава е избран во Парламентот на Отава, како претставник на граѓаните од Маркам, град во близина на Торонто, каде што живеат голем број Македонци.
 
     
 

ИЗМЕСТЕНИ ПРВОБИТНО ЗАЦРТАНИТЕ ПРИОРИТЕТИ

"2004 година требаше да биде година на политичка стабилност, на јакнење на меѓуетничката доверба, на голем исчекор во процесот на наше интегрирање кон Европската унија и НАТО и, пред с#, година посветена на економијата. Денес можеме да констатираме дека ова последното и најважното не се случи. Напротив, оваа година беше период на крупни политички превирања и нови, многу сериозни тестови за нашиот државотворен капацитет и демократски потенцијал. Политичката драма со висок интензитет околу Законот за територијална организација траеше цели пет месеци и кулминираше со референдум на национално ниво.
Со други зборови, првобитно зацртаните приоритети беа изместени, а фокусот на општествената енергија и политички ангажман пренасочен", истакна претседателот Бранко Црвенковски во своето годишно обраќање пред пратениците.

 
     
  ПОЧИНА ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Последен поздрав до поранешниот градоначалник на градот Hurth, Rudi Tonn, кој почина во 81 година од неговиот живот му упатија припадниците на СММК. Тоа беше човекот кој го отвори Првото генерално собрание на СММК во овој град, каде што живеат повеќе Македонци, кои длабоко го почитуваа градоначалникот кој широко им ги отвори портите на добредојде.
 
     
  МЕЃУ "НОВИТЕ" БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИ НАЈМНОГУ МАКЕДОНЦИ

Според најновите податоци на локалното Министерство за правосудство, околу 8.000 Македонци побарале бугарско државјанство или тоа е речиси една третина од вкупниот број барања за добивање бугарско државјанство. Најголем број барања по основ на потекло поднеле граѓаните на Молдавија - 13.562, а најбројни меѓу "новите" бугарски државјани се Македонците 7.959.
 
     
  ЧАКАЛА ОСУДЕН НА 10 ГОДИНИ ЗАТВОР

Авдиљ Јакупи, познат како командант Чакала, доби десет години затвор за грабнување на двајца полицајци. Пресудата ја соопшти Судскиот совет во Основниот суд Скопје 2 во Скопје. За двете грабнувања Чакала доби по четири години затвор, а за разбојништво пет години. Судот реши да му изрече единствена казна од 10 години затвор.
Според адвокатот на Чакала, Осман Кадриу, ова е монтиран политички процес. "Одбраната ќе ги искористи сите правни средства и методи да ја истера правдата и да ја обжали пресудата", изјави адвокатот.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ЦРВЕНКОВСКИ: 2004. - ГОДИНА НА КРУПНИ ПОЛИТИЧКИ ПРЕВИРАЊА - 2005. - ГОДИНА НА СИГУРНОСТ И РАЗВОЈ


"Оваа година требаше да биде година на политичка стабилност, на јакнење на меѓуетничката доверба, на голем исчекор во процесот на наше интегрирање кон Европската унија и НАТО, и пред се, година посветена на економијата. Денес можеме да констатираме - ова последното и најважното не се случи", истакна македонскиот претседател Бранко Црвенковски во своето редовно годишно обраќање пред Собранието на Република Македонија.
Оваа година, рече Црвенковски, беше период на крупни политички превирања и нови, многу сериозни тестови за нашиот државотворен капацитет и демократски потенцијал.
"Најпрвин, на трагичен начин го изгубивме претседателот на државата. Таква загуба би претставувала силен удар и голем испит за институциите на системот и за држава со многу поголема традиција и моќ од нашата. За прв пат во постоењето на независна и демократска Македонија, во една година, нашите граѓани имаа можност на два пати да излезат на избирачките места, да следат или учествуваат во две политички кампањи, да имаат три различни влади. Политичката драма со висок интензитет околу Законот за територијална организација траеше цели пет месеци и кулминираше со референдум на национално ниво. Се случија и се уште се случуваат крупни превирања и прегрупирања и кај политичките партии од власта и кај политичките партии од опозицијата. Со други зборови, првобитно зацртаните приоритети беа изместени, а фокусот на општествената енергија и политички ангажман пренасочен". нагласи Црвенковски.
Според него, целите и амбициите не смеат да се сведат само на успешно совладување на тестовите на издржливост и државотворност. "Основниот темел, неопходен предуслов за се останато во нашата држава се добрите меѓуетнички односи. Ако сме успешни на тој план ќе имаме амбиент да се посветиме на другите приоритети. Киксираме ли тука, безпредметни се дискусиите за побрз економски развој, за влез во ЕУ или НАТО", смета шефот на македонската држва.
"Во овие три години, од конфликтот во 2001-та до денес, поминавме долг и тежок пат. Без какво било претерување, можеме да оцениме дека е остварен огромен прогрес. Но, работата се уште не е целосно завршена. Ризиците не се до крај надминати", истакна Црвенковски.
Ниту власта може да остане власт, ниту опозицијата може да стане власт играјќи на радикална национална карта и употребувајќи таква реторика, рече Црвенковски, подвлекувајќи дека таа приказна во Македонија е завршена, прочитана од граѓаните и дефинитивно апсолвирана.
"На најдиректен начин тоа беше потврдено и со резултатот од референдумското изјаснување. Наместо дискредитација на владината политика во сферата на меѓуетничките односи, референдумот даде дополнителен легитимитет на таа политика и создаде простор за довршување на спроведувањето на охридскиот Рамковен договор во една помирна атмосфера", рече Црвенковски.
Како обврска што претстои, македонскиот претседател го посочи донесувањето на закон за употребата на етничките симболи, кој, како што рече не значи, закон за нови државни симболи, туку закон за употреба на симболите на етничките заедници кои не се во мнозинство. Идна обврска, истакна шефот на државата е и донесувањето единствен закон за употреба на јазиците на етничките заедници и постигнувањето правична застапеност во јавната администрација, што според него, е процес за кој е потребно време.
"Во претстојната 2005-та година не очекува огромна работа. Убеден сум дека како држава имаме и волја и капацитет успешно да ја завршиме", рече Црвенковски, додавајќи дека значењето и карактерот на обврските што претстојат се такви што не можат да претставуваат ниту задача ниту заслуга само на една коалиција, една влада или еден претседател.
"Македонија мирна, безбедна, сигурна. Македонија со економски раст, со намалена невработеност и повисок стандард. Македонија интегрирана внатре и интегрирана во ЕУ и НАТО. Тоа се нашите заеднички цели. За остварувањето на такви цели вреди да се обединиме и заедно да работиме. Ако е заеднички, успехот е загарантиран!", подвлече претседателот Бранко Црвенковски во обраќањето пред македонскиот Парламент.
На седницата, покрај пратениците присуствуваа, премиерот и членовите на Владата на Република Македонија, претставници на АРМ, на научни, културни и образовни институции, како и шефови на странски дипломатско - конзуларни и други мисии акредитирани во Република Македонија.