ИНФО                                           
     
  ПИСМО ОД БУШ ДО ЦРВЕНКОВСКИ

Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, на 10 декември 2004 година, прими писмо од претседателот на Соединетите Американски Држави, Џорџ Буш, во кое се вели: "Високо ги ценам односите меѓу нашите држави и очекувам да работам со Вас во мојот втор мандат за да го направиме светот побезбеден и подобар. Со признавањето на уставното име на Република Македонија, сакав да ја потенцирам заложбата на Соединетите Американски Држави за постојана мултиетничка, демократска Македонија, во рамките на постоечките граници. Драго ми е што оваа моја одлука беше срдечно примена во Македонија. Резултатите од референдумот на 7 ноември, претставуваа потврда на волјата на граѓаните на Република Македонија да продолжат да се движат напред кон Европа, кон полноправно членство во НАТО и во Европската унија.
Ја имате мојата поддршка".
 
     
 

ОЛЕСНЕТ ВИЗНИОТ РЕЖИМ СО ЕУ

Визите сигурно ќе бидат поевтини, а за некои категории граѓани можеби и сосема укинати. На почетокот на 2005 година Европската комисија ќе ги определи етапите кои ќе водат кон либерализација на визниот режим. Според висок европски дипломат, првите резултати ќе бидат објавени во јуни 2005 година, на крајот на претседавањето на Луксембург со ЕУ.
"Европа станува сe посвесна дека на криминалците не им се потребни визи. Сe повеќе станува јасно дека земјите од Западен Балкан покажуваат резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Убеден сум дека дискусиите за олеснување на визниот режим ќе почнат многу брзо", објаснува Сорин Стерие, експерт за правда и внатрешни работи во Пактот за стабилност.

 

 
     
  ТРЕТ СЕКРЕТАРИЈАТ ВО ВЛАДАТА

Владиниот Сектор за евроинтеграција наскоро ќе прерасне во Секретаријат за евроинтеграции и ќе стане трет секретаријат во Владата. Трансформацијата се врши според словенечки модел и ќе претставува негова модификација, по препорака на ДФИД (британска помош за реформа на администрацијата во Македонија).
Се очекува Секретаријатот да профункционира во февруари, откако на крајот на јануари би се усвоиле промените на Законот за Влада. Како што велат во Владата, Секретаријатот ќе се формира во функција на подготовките за преговарачкиот процес за членство во ЕУ откако ќе се добие мислењето за одговорите на европрашалникот.
 
     
  ДНЕВЕН ЦЕНТАР И ЗА УЛИЧНИ ДЕЦА

Во рамките на детската градинка "Весели цветови" во населбата Кисела Вода беше отворен Дневен центар за улични деца. Во моментов, во него се згрижени триесетина деца, сите Ромчиња од 6 до 15 години, кои мобилните екипи на Министерството за труд и социјална политика во последните три недели ги зеле од раскрсниците. Центарот ќе работи од понеделник до петок, од 8 до 18 часот, време кога децата ќе бидат целосно згрижени и заштитени, а со нив ќе работат социјални работници, психолози, педагози и лекари.
 
     
  ТРКАЛЕЗНА МАСА НА "ПОРАКА"

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - "Порака" во Клубот на пратениците одржа Тркалезна маса на тема "Поддршка на вработувањето за лица со интелектуална попреченост во Република Македонија". Тркалезната маса беше организирана во рамките на националната кампања на РЦПЛИП - "Порака" под мотото "Што е со моите права?".
Пред почетокот на расправата беа врачени 3-то декемвриските плакети и благодарници на поединци, институции и организации, кои во текот на 2004 година дадоа свој придонес и поддршка за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост. Во оваа пригода и на Редакцијата "Македонско сонце" и беше доделена 3-то Декемвриска благодарница.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ИНТЕГРАЦИЈАТА ВО ЕУ И НАТО, ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ И РАМКОВНИОТ ДОГОВОР - ПРИОРИТЕТИ НА НОВАТА ВЛАДА


Клучни приоритети на Владата во наредните две години ќе бидат забрзување на процесот на интегрирање во НАТО и во ЕУ, интензивирање на економскиот развој, реформа на правосудниот систем, борба против организираниот криминал и корупцијата и доследно спроведување на Рамковниот договор, нагласи мандатарот Владо Бучковски во образложението на програмата и составот на идниот владин кабинет пред пратениците во македонското Собрание.
Владата што ја предлагам, истакна Бучковски, нуди јасен концепт за иднината на земјата и за нејзиниот развој, но е свесна за тешкотиите со кои се соочува Република Македонија и сите наши граѓани.
"Оваа Влада ветува дека во овој мандат, во 2006-тата година, Македонија ќе добие покана за членство во НАТО. Ветува дека до крајот на нејзиниот мандат, нашите граѓани - студенти, туристи, бизнисмени, ќе можат слободно да патуваат во европските земји, без да се судираат со тешкиот шенгенски визен режим. Оваа Влада ветува дека до крајот на нејзиниот мандат, Македонија ќе добие статус на земја кандидат за членство ЕУ и дека ќе ги почне преговорите за полноправно членство во Унијата", рече Бучковски.
Тој очекува во мандатот на идната Влада, што ќе се формира по следните парламентарни избори Македонија да добие и покана за членство во Унијата.
"Оваа Влада ветува дека ќе ја спроведе долгоочекуваната реформа на правосудниот систем, со која тој ќе стане поефикасен и со што истовремено ќе се овозможи поголема сигурност на компаниите при инвестирањето, што е клучно за развојот на нашата економија", истакна мандатарот Бучковски.
Тој вети дека Владата што ќе ја води ќе биде отворена за дијалог со стопанствениците и нивните комори, со опозицијата, со експертите и со сите луѓе со добра волја кои сакаат да дадат конструктивен придонес во побрз развој на општеството.
"Денес нашите луѓе мака мачат да обезбедат елементарна егзистенција, да ги платат сметките и да ги школуваат своите деца. Денес решавањето на меѓуетничките прашања и исцрпувачките, но јалови политички борби ни одземаат толку многу време и енергија што не можеме да се посветиме на решавање на реалните проблеми што го притискаат народот. Денес бедата и неслогата ни ја нагризуваат надежта. Тоа мора да престане. Сега е време за нов почеток, за нови идеи и за нова визија за Македонија. Сега е време да поверуваме дека можеме и повеќе и подобро. Сега е време да ги обединиме сопствените сили, енергија, моќ и знаење", нагласи мандатарот Владо Бучковски во своето експозе пред пратениците во македонското Собрание.
Бучковски вети дека Владата доследно ќе ги брани и почитува принципите врз кои е основана Република Македонија како самостојна и суверена држава, а работата ќе ја темели врз почитувањето на демократијата, владеењето на правото, гаранцијата на човековите права и слободи.
Новиот владин кабинет треба да го сочинуваат 19 члена. Мандатарот Владо Бучковски за министер за одбрана го предложи Јован Манасиевски, за внатрешни работи Љубомир Михајловски, за правда Мери Младеновска-Ѓорѓиевска и за надворешни работи Илинка Митрева.
За министер кој ќе раководи со финансиите предложен е Никола Поповски, за економија Фатмир Бесими, за земјоделство, шумарство и водостопанство Садула Дураку, за здравство Владимир Димов и за образование и наука Азиз Положани.
Како министер за труд и социјална политика предложен е Стевчо Јакимовски, за локална самоуправа Ризван Сулејмани, за култура Благој Стефановски и за животна средина и просторно планирање Зоран Шапуриќ.
Џемали Мехази е предложен за министер за транспорт и врски.
Бучковски за министри без ресор ги предложи Радмила Шеќеринска, Муса Џафери, Минчо Јорданов и Владо Поповски.
Владата ќе се смета за избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број пратеници.