ИНФО                                           
     
  ДА СЕ ЗАДРЖИ РЕФОРМСКИОТ КУРС

Претседателот Бранко Црвенковски на одржаната средба со потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Шигео Катсу, разговарал за актуелната состојба во Македонија. Кабинетот на Црвенковски соопшти дека тој очекува новата Влада да го задржи реформскиот курс.
На средбата било разговарано и за реформите кои се спроведуваат во земјава, поддржани од ММФ и од Светска банка, а кои, како што е соопштено, се комплементарни со процесот на интегрирање во ЕУ и во НАТО.
 
     
 

НОВИ МАКЕДОНСКИ ВОЈНИЦИ ВО ИРАК

На одржаната седница Владата донесе одлука да испрати нов воен контингент од 32 војника во мисијата "Слобода за Ирак". Покрај војниците, АРМ ќе испрати и тројца офицери од кои двајца ќе бидат стационирани во централата на американската војска на Флорида, а еден во командата на Ирак. Оваа одлука треба да се најде на дневен ред на итна седница на Собранието за нејзина верификација.

 
     
  ФОН - ЕВРОПСКИ УНИВЕРЗИТЕТ

Факултетот за општествени науки во Скопје (ФОН) со одлука на Врховниот суд од 1 ноември стана европски универзитет.
Студентите кои досега студирале на ФОН ќе продолжат со студиите на Европскиот универзитет. На пет факултети на новата високообразовна институција ќе можат да студираат вкупно 1.200 студенти.
 
     
  НОВИ СЛУЧАИ НА ЗАРАЗЕНИ ОД СИДА

"Бројот на заболени од сида во Македонија ќе расте како што ќе се зголемува информираноста на граѓаните за заразната болест", тврди д-р Весна Велиќ - Стефановска, координатор на националната стратегија за борба против ХИВ вирусот. Таа вели дека странските експерти предупредиле дека следните неколку години поради големата кампања против сидата, Македонија ќе се соочи со зголемување на бројот на заболени.
"Причината - вели Стефановска - е што ќе расте бројот на лицата кои сакаат да се тестираат, а со тоа ќе се намалува темната бројка која сега никој во земјава не знае колкава е".
За разлика од лани кога во Македонија беше евидентиран само еден случај со сида, годинава инфекцијата е откриена кај шест лица.
 
     
  КРИТИКИ ЗА ФИЛМОТ "АЛЕКСАНДАР"

По прикажувањето на филмот на Оливер Стоун, "Александар", во јавноста проструија многу реакции, а најгласни беа Грците. Неколку критичари во Америка веќе ја прифатија реакцијата на Даниел Македон. Таков пример е Давид Еделстеин, кој вели: Многу читатели (некои од нив Грци, некои научници - класичари), расправаат околу споровите за врската (потеклото) на Александар меѓу Македонците и Грците, при што истакнуваат дека грчката култура и митологија се повикуваат на Александар, кој претставува грчко, а не македонско наследство. "Признавам дека бев вознемирен од провокативното писмо (очигледно, многу критикувано) испратено од некој разлутен Македонец. Ќе им препуштам на Грците (кои рекоа дека сум извршил крвна клевета), на Македонците, научниците и на другите заинтересирани страни да се расправаат околу оваа битка".
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЦРВЕНКОВСКИ НА СЕСИЈА НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА АТА ВО РИМ


Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски денеска во рамките на престојот на Рим ќе оствари средба со италијанскиот претседател Карло Азељо Чампи.
Претседателите ќе разговараат за односите меѓу двете држави, особено на полето на економијата, за регионалната соработка и поддршката на Италија за реализација на регионалните иницијативи за соработка и за инфраструктурните проекти (Коридорот 8).
Црвенковски и Азељо Чампи ќе разговараат и за јакнење на соработката во борбата со организираниот криминал и тероризмот, недозволената трговија со дрога и оружје.
Претседателот Бранко Црвенковски вчера се обрати на јубилејната 50-та сесија на Генералното собрание на АТА (Atlantic Treaty Association), при што изрази надеж дека во следните неколку години НАТО ќе продолжи да се проширува кон регионот на Југоисточна Европа.
"Во следните неколку години очекуваме НАТО да продолжи со проширувањето кон Југоисточна Европа, при што ќе ги опфати земјите од Јадранската повелба. Одлуката која беше неодамна донесена на Истанбулскиот Самит ги истакна успесите на Република Македонија, Република Албанија и Република Хрватска таа претставуваше потврда дека сме го избрале вистинскиот пат", рече Црвенковски.
Тој нагласи дека во Македонија постои широк политички, меѓуетнички и општествен консензус во врска со заложбата за влез во НАТО. "Наш предизвик, сега е зачувување на постигнатото, како и насочување на енергијата и оптимизмот кон реализација на нашата долгорочна стратешка цел", нагласи шефот на македонската држава.
Тој потенцираше дека Македонија и покрај комплексните предизвици со кои се соочувала, сепак не ги запоставила реформите и задачите на патот кон полноправно членство во НАТО.
Црвенковски додаде дека паралелно со длабоките внатрешни реформи, засилено се работи и на продолжувањето на суштинската регионална соработка. "Нашата посветеност за поголемо разбирање меѓу балканските народи беше движечка сила на иницијативата од која произлезе Јадранската Повелба. Почитуваните колеги, претседателите на Албанија и Хрватска, како и нашите НАТО партнери се сведоци дека Повелбата во изминатите 18 месеци стана јадрото на нашите напори за солидарност и заедничка работа при промовирање на идеите за мир и стабилност на Западниот Балкан", рече Црвенковски.
Тој потенцираше дела Република Македонија со внимание го очекува идниот Самит на НАТО и изрази убеденост дека претстојниот период ќе биде доволен за заокружување на потребните реформи потребни за полноправното членство на земјата во Алијансата.
АТА е асоцијација во рамките на НАТО, основана во 1954 година, која ги обединува националните волонтерски и невладини организации кои ги поддржуваат активностите на Алијансата. Нејзина цел е во соработка со НАТО да ги спроведува програмите за партнерство и мир, да ја промовира демократијата, соработката меѓу членките на организацијата, безбедноста, образованието и да зајакнува јавната свест. Асоцијативен член на АТА од Македонија е Евроатлантскиот клуб