ИНФО                                           
     
  ОДБЕЛЕЖАНА 126 - ГОДИШНИНАТА ОД КРЕСНЕНСКОТО ВОСТАНИЕ

Македонците од Пиринска Македонија на 21 ноември во Кресна - Република Бугарија, ја одбележаа 126 - годишнината од Кресненското востание. На свеченоста која по тој повод се одржа во Домот на културата во Кресна, присуствуваа членови на организацијата ОМО Илинден од Бугарија, членови на Сојузот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, чие седиште се наоѓа во државава, како и видни историчари од Македонија и од Бугарија. Членовите на ОМО Илинден положија венец пред споменикот на востаничкиот водач Димитар Поп Георгиев, а делегацијата која присуствуваше на свеченото одбележување на овој јубилеј, клекна пред споменикот и со едноминутно молчење им оддаде почит на борците, кои ги дадоа своите животи за ослободување на Македонија од турското ропство.
 
     
 

ЕКОНОМСКИ ФОРУМ ЗА НОВ ЕКОНОМСКИ КВАЛИТЕТ

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски е покровител на вториот состанок на Регионалниот економски форум за Југоисточна Европа кој се одржа во Цавтат, Република Хрватска, на кој учествуваа шефови на држави и влади на земјите од регионот, како и претставници на релевантни институции, водечки компании, банки и деловни асоцијации.
На Форумот беа презентирани прелиминарните резултати од Регионалниот извештај за конкурентност на земјите од Југоисточна Европа.
Идејата за овој Форум произлегла од потребата за поддршка на менаџирањето на водечките компании, интензивирање на соработката која ќе го забрза и олесни процесот на интеграција во Европската унија и продлабочување на комуникациите во насока на создавање нов економски квалитет.

 
     
 

САНИТЕТСКА ОБУКА ЗА МИСИИ ВО СТРАНСТВО

Во Центарот за санитетска обука во Воената болница во Скопје почна вториот дел од заедничката обука на здружениот медицински тим на земјите-членки на Јадранската повелба, како дел од подготовките за негово упатување во мировната мисија ИСАФ во Авганистан, во текот на наредната година.
"Целта на оваа обука е луѓето кои ќе заминат во мисија да бидат професионално обучени за да можат да се снајдат во условите во кои ќе се затекнат во земјата каде ќе престојуваат", рече командантот на Воената болница во Скопје полковник Петре Утковски, додавајќи дека петдневната обука има цел и да го хомогенизира тимот. Тој потенцираше дека во здружениот медицинскиот тим Македонија ќе учествува со еден лекар, двајца медицински техничари и еден болничар.

 
     
  РЕФОРМИ ВО ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ

За поуспешно спроведување на втората фаза од тендерот за издавање дозволи за основање друштва и одобренија за управување со пензиски фондови, Советот за имплементација на реформата на пензискиот систем ги разгледа и предложените надоместоци, кои Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Агенцијата за супервизија на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и Народната банка на Република Македонија ќе ги наплатуваат од уплатениот пензиски придонес на членовите од вториот столб на пензискиот систем. Просечниот надомест за овие три институции во првите десет години од реформата ќе изнесува 3,16 отсто, а во 2005 година 2,8 проценти.
Според Советот, вака пресметаните надоместоци ќе обезбедат ефикасен и ниско трошковен втор столб на македонскиот пензиски систем.
 
     
  НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ВО УСТАВНИОТ СУД

Народниот правобранител на Република Македонија Бранко Наумовски е предложен од Републичкиот судски совет за судија во Уставниот суд.
За кандидатурата на Наумовски, македонското Собрание ќе се изјасни на седницата закажана за 6 декември, на која пратениците ќе ги разгледуваат и кандидатурите за избор на други судии во државава. Бранко Наумовски ја извршува функцијата Народен правобранител од 1997 година.
 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ДВЕ РАЧНИ БОМБИ ЕКСПЛОДИРАА ВО КАПИШТЕЦ

 
Две непознати лица, синоќа во 19:20 часот во скопската населба Капиштец, фрлиле две рачни бомби при што биле оштетени неколку автомобили, меѓу кои и возилото марка БМВ кое го користела Олга Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев.
Во инцидентот, што се случил пред станбена зграда на паркингот на улицата "Васил Ѓоргов", нема повредени лица.
Според портпаролот на Министерството за внатрешни работи Горан Павловски, стручни полициски екипи извршиле увид на местот на настанот, но се уште не се познати мотивите и кој бил цел на нападот.
"Засега знаеме дека биле повеќе од двајца напаѓачи, кои откако ги фрлиле бомбите се оддалечиле пеш од паркингот", изјави Павловски.


ВО КИЕВ ОПОЗИЦИЈАТА ФОРМИРА "КОРДОНИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ"

 
Десетици илјади демонстранти формираа утрово "кордони за безбедност" на улицата што води кон претседателските згради во Киев, каде се распоредени специјалци од силите за безбедност на Украина.
"Не смееме да дозволиме провокации против полицијата", сметаат демонстрантите. Според локалните медиуми, формирани се три безбедносни кордони.
Приврзаници на украинската опозиција синоќа ја заземаа зградата "Украински дом" во центарот на Киев, во која е сместен дел од администрацијата на украинскиот претседател Леонид Кучма.
Припадниците на Службата за безбедност не пружиле отпор при упадот на демонстрантите во зградата.
Еден од опозициските лидери Јулија Тимошенко соопшти дека во "Украинскиот дом" ќе биде сместен штабот на опозицијата, кој ги координира со масовните протести.
Ве меѓувреме, претседателскиот кандидат Виктор Јанукович, кого Централната изборна комисија го прогласи за победник на претседателските избори, ги повика денеска граѓаните на помирување.
Опозицијата која ги смета изборите за нерегуларни поради крадење гласови ги отфрли резултатите на ЦИК и на синоќешниот митинг ги повика граѓаните на генерален штрајк и граѓанска непослушност.
Во Украина денеска треба да допатува полскиот претседател Александар Квашњевски во обид да разговара со сите страни и изнаоѓање решение за излез на државата од кризата.