ИНФО                                           
     
  БУШ ПОБЕДНИК!?

Белата куќа соопшти дека актуелниот американски претседател Џорџ Буш и кандидат на републиканците е победник на претседателските избори во САД, според неофицијалните податоци со кои располагавме до објавувањето на овој број на неделникот.
Американските граѓани одлучуваа дали републиканецот и актуелен претседател Џорџ Буш ќе остане во Белата куќа за уште еден четиригодишен мандат или сенаторот - демократ Џон Кери ќе стане новиот 44 претседател на САД.
Граѓаните на САД гласаа за претставници на својата држава во Изборната комисија, а исходот од претседателските избори во САД ќе се решава согласно гласањата во неа. Граѓаните нема да се изјаснуваат ниту за еден кандидат, туку за електорите - членови на Изборниот колегиум - комисија, именувани од партиите во рамките на сојузните држави.
Според информациите на Федералното биро за пребројување на населението, околу 217 милиони и 800.000 американски граѓани имаат право на глас. Од нив, 41 милион се лица на возраст од 18 до 29 години. Првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон, е избран во 1789, а од 1848 година изборите за претседател се одржуваат секогаш во вторник, по првиот понеделник во ноември, секоја престапна година.
 
     
 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ГИ ПОМИЛУВА ДРУГАРИТЕ НА БАЦИ

Претседателот на државава Бранко Црвенковски помилува двајца другари на Изаир Самиу Баци, уапсени во акцијата на МВР во Требош, во ноември 2001 година. Јетмир Бејтула и Музафер Зекири се ослободени од затвор со указ на претседателот. Тие биле уапсени и осудени за нелегално поседување оружје. Според Уставот, претседателот на државата има право да помилува осудени лица. Во неговиот кабинет велат дека одлуката за помилување на двајцата тетовци била донесена откако за неа биле усогласени ставовите меѓу затворските власти, Министерството за правда и надлежната комисија за помилување.

 
     
 

СТУДЕНТОТ ЦВЕТАНОВСКИ ОБВИНУВА

Кандидатот за претседател на Сојузот на студенти, Дејан Цветановски, поднел приговори за нерегуларностите на одржаните студентски избори. Тој обвинува за масовно полнење на гласачките кутии и побара одговорност од надлежните органи за пронајдената полна гласачка кутија на Природноматематичкиот факултет, но и ја оспори кандидатурата на неговиот противкандидат Александар Давчевски.
"Приговорите, главно, се однесуваат на проблемите околу Правниот факултет, гласањето на Правниот факултет, на Факултетот за ветеринарна медицина и Фармацевтскиот факултет", истакнува Дејан Цветановски.

 
     
  НОРВЕШКА ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА

Годинава, норвешката Влада ќе ја поддржи Македонија со околу десет милиони евра. Како што најавува норвешкиот амбасадор во Македонија Карл Виби, најголем дел од средствата се планирани за развој на македонското стопанство и за приближување на земјата кон евроатлантските асоцијации. Според него, три милиони евра од финансиската поддршка ќе бидат наменети за директни контакти меѓу владите на Македонија и Норвешка. Осврнувајќи се на економската состојба во Македонија, Виби посочи дека моментно невработеноста е најголемиот проблем со кој се соочуваат македонските граѓани.
 
     
  ССМ ПРОТИВ НАЈАВЕНИТЕ РЕСТРИКЦИИ

Сојузот на синдикатите на Македонија е против најавените рестрикции во правата на трудот, што на раководството на ССМ му биле презентирани на средбата со делегација на Светска банка. ССМ смета дека ваквите рестрикции се неприфатливи, неточни и апсолутно неаналитички во однос на поставените цели. Според ССМ, рестрикциите се движат во правец на замена на колективното со индивидуалното договарање со претставниците на капиталот, потоа намалување на правата на работникот по прогласувањето на технолошки вишок и добивањето отказ, како и во случаите на користење на годишниот одмор и кај други слични права.
 
     
 

ДОНАЦИЈА ОД ШВАЈЦАРИЈА ЗА ОТПАДНИТЕ ВОДИ

На Македонија швајцарската Влада и даде 23 милиони швајцарски франци за собирање и третман на отпадните води и за водоснабдувањето. Програмата ќе трае од четири до пет години, а ќе ја спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општините и со јавните претпријатија. Парите од донацијата ќе бидат потрошени за два големи водни басена: Охридското Езеро и Брегалничкиот слив. "Активностите ќе бидат насочени и кон градовите и кон селата. Во текот на летото Министерството ќе направи студија, заедно со швајцарската компанија 'Ернест Баслер', со која ќе се одреди каде прво ќе се инвестира", истакна Менка Спировска, државен советник во Министерството за животна средина и просторно планирање.

 
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

САД ЈА ПРИЗНАА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПОД УСТАВНОТО ИМЕ

САД ја известиле Грција дека Вашингтон ја призна Македонија под уставното име, потврди денеска во Атина шефот на грчката дипломатија Петрос Моливијатис.
Информацијата ја потврди за МИА и извор од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Претседателот Бранко Црвенковски по тој повод ќе даде изјава во 14 часот и 30 минути.
Во меѓувреме, Моливијатис рече дека Грција веднаш вложила протест преку амбасадорот на САД во Атина Томас Милер кој е повикан во Министерството "за да ја разјасни промената во ставот на Вашингтон".
"Го повикав амбасадорот и вложив протест поради одлуката на САД. Забележав и дека едностраната одлука на САД ќе има многу негативни последици", рече Моливијатис пред новинарите во Атина.
Грчката новинска агенција АНА јави дека според дипломатски извори, "потегот на американската администрација е со цел да ги поддржи македонските власти во пресрет на референдумот што ќе се одржи на 7 ноември за законите за децентрализација".
Истите извори соопштиле дека американскиот амбасадор во Скопје Лоренс Батлер денеска рано претпладне ја известил македонската Влада за намерите на Вашингтон.
Грчкото Министерство за надворешни работи претходно потврди дека Владата во Атина добила информација оти САД ја признаа Република Македонија под уставното име.
Најавтентична потврда за веста од Вашингтон е официјалното известување-коминике што грчката Влада утрово го добила од Стејт департментот со кое САД ја известува дека ја признале Република Македонија под уставното име.
Се очекува во текот на денов македонското Министерство за надворешни работи да одржи прес - конференција во врска со ова прашање.
Портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Јоргос Коумоцакос денеска изјави дека грчката Влада е запозната со таквиот потег на САД и оти е одложено патувањето на грчкиот министер за надворешни работи Петрос Моливијатис во Брисел.
"Постои информација во врска со тоа. Во консултации со премиерот, министерот за надворешни работи Моливијатис го одложи патувањето во Брисел. Тој ги информира претседателот на Републиката и лидерите на политичките партии. Министерот за надворешни работи го повика на консултации американскиот амбасадор во Грција и ќе го прими денеска во 12:00", изјави Коумоцакос.
Грчкиот министер за надворешни работи денеска упати протестна нота до американскиот амбасадор во Атина Томас Милер поради потегот на Стејт департментот, јавија дел од грчките медиуми. Во протестот се наведува дека "тој американски потег е целосно неприфатлив и опасен по стабилноста на регионот".
Министерот за внатрешни работи на Грција Прокопис Павлопулос изјави дека постојат конкретни резолуции на ООН и оти грчката Влда ќе ги заштитува интересите на Грција без никакви исклучоци.
Атинското радио "Флеш" јави дека признавањето на Македонија под уставното име ќе се случи најдоцна до утре и оти е "поврзано со референдумот што треба да се одржи во недела".
Светскиот сервис на Би-Би-Си под назнака "Ургентно", објави дека грчкото Министерство за надворешни работи го повикало американскиот амбасадор во Атина во врска со извештаите дека Вашингтон планира да го признае грчкиот северен сосед како - Македонија. Медиумот во насловот објавува: "Македонија" ги затегна грчко-американските односи.
Грчката национална агенција АНА објави дека Министерството за надворешни работи на Грција ја потврди информацијата оти САД ќе ја признаат "Поранешната Југословенска Република Македонија под нејзиното уставно име".
Новинските агенции Франс прес и Ројтерс веќе објавија дека САД ја признаа Македонија под уставното име.
Најголемата грчка опозициска партија ПАСОК упати остра критика до Владата на премиерот Костас Караманлис заради одлуката на Вашингтон да ја признае Македонија под уставното име и бараат итна надворешно-политичка дебата во Парламентот.
Портпаролот на ПАСОК Никос Атанасакис ја оквалификуваа оваа одлука како исклучително негативен акт преземен непосредно по изборната победа на американскиот претседател Џорџ Буш и во момент кога под покровителство на Обединетите нации се одвиваат преговори за решавање на спорот по пат на дијалог.
Атанасакис ја обвини Владата на Караманлис дека нема стратегија кога е во прашање надворешната политика и оти тоа негативно ќе се одрази на состојбата во земјата.
Поранешниот министер за надворешни работи Теодорс Пангалос одлуката на американската администрација ја оквалификува како "нечесна" и дополни дека овој проблем го означува почетокот на крајот на Владата на Караманлис.
Грчката Комунистичка партија одлуката на САД ја оцени како еднострана и дополни дека со тоа се поткопуваат напорите за изнаоѓање општоприфатливо решение за ова прашање.