ИНФО                                           
     
  РЕФОРМА НА ПОЛИЦИЈАТА

Со помош на германски експерти, МВР влегува во процес на реформа на полицијата, која државата во наредниот период ќе ја чини од 120 до 150 милиони евра. Со оглед на економските тешкотии во Македонија, министерот за внатрешни работи, Силјан Аврамовски, најавува дека реформата на МВР ќе се одвива чекор по чекор. Прв приоритет ќе биде реформирањето на Одделот за борба против организираниот криминал, чија примена ќе почне во јануари 2005 година.
"Со реформите очекуваме да обезбедиме поголема ефикасност во работењето, подобра организација, соодветна материјално-техничка опременост и соодветна праведна застапеност на националностите што работат во полицијата, како и доближување на полицијата до граѓаните", истакна Аврамовски.
 
     
 

ССМ ОДЛУЧИ

Синдикатот нема да одржи јавен, социјален протест на 3 ноември, туку можеби на почетокот на декември ќе организира генерален штрајк. На седницата на Советот на ССМ, претставниците на сите синдикати, наместо да донесат одлука за јавен протест и да го утврдат точниот термин, одлучија да го одложат протестот и идниот месец да се подготвуваат за генерален штрајк што, според нив, бара поголеми ангажмани и би имало поголем ефект врз власта, која не презема конкретни мерки за санирање на економско-социјалната состојба во земјава. Како што изјави претседателот на ССМ, Ванчо Муратовски, на синдикалците им е преку глава и сите се за генерален штрајк.

 
     
 

ММФ НЕ КАЖА НИШТО НОВО

Заврши октомвриската рунда преговори со ММФ. Тројцата клучни преговарачи не соопштија ништо ново. Веќе е извесно дека новиот аранжман ќе биде договорен во јануари, а доделен некаде на пролет.
Првиот човек на ММФ за Македонија се надева дека со аранжманот ќе се решат клучните проблеми во македонската економија.
"Да се решат структурните проблеми што го намалуваат вашиот капацитет да извезувате и да остварувате пораст. И да генерирате доволен број работни места", вели Франек Розвадовски од ММФ.
Ќе се реформираат четири главни сектори: вечно виновното судство, државните фондови, јавната администрација и пазарот на работна сила, каде требало да се олеснат процедурите за отпуштање. Сега, отпуштените биле многу на товар на државата. И во монетарната политика на Народна банка нема да има ништо ново. Останува рестриктивна.
ММФ и Владата не соопштија како и кои конкретни мерки планираат да ги остварат бројките договорени во изминатите десет дена - цените да растат до 1,5 проценти, а економијата 3,75 проценти.

 
     
  "НОВА МАКЕДОНИЈА" ПРОДОЛЖУВА

Весникот "Нова Македонија", по дводневен прекин, повторно е достапен до читателите, но во електронско издание. По врачувањето на колективните откази, сопственикот на брендот на "Нова Македонија", Зоран Николов, повикал 45 од вкупно 70 вработени, кои до четвртокот подготвуваа Интернет-изданија на весникот. На 29 октомври, весникот се појави и во продажба, на денот кога се одбележуваат шест децении од неговото постоење. Јубилејниот број ќе биде со нов и современ дизајн, а во него ќе има и прилог кој ќе биде посветен на шеесетгодишнината од појавувањето. Со ова Николов ги демантира шпекулациите дека згаснала "Нова Македонија".
 
     
  СТОМАТОЛОГИЈА ПОД ЛУПА НА АНТИКОРУПЦИСКА

Случајот со 12 стоматолошки стола, кои директорот на Стоматолошкиот клинички центар, д-р Хасан Мехмети, се обидува да ги купи од фирмата "Албамедика", сопственост на неговиот баџанак, ќе го испитува Антикорупциската комисија, која веќе се обратила до Министерството за здравство од каде што било побарано да се собере севкупната документација. Повод да се заинтересира Антикорупциската комисија за овој случај биле многубројните неправилности околу реализацијата на тендерот, што биле изнесни во јавноста, а станува збор за јавна установа, каде што се трошат државни средства. Дека нешто не е в ред со тендерот за купување на стоматолошките столови, Комисијата дознала по серијата написи во дневниот печат, во кои јасно се укажува на неправилното рангирање на фирмите и форсирање на фирмата "Албамедика".
 
     
 

КАЗНА ЗА НЕПОСЛУШНИ РОДИТЕЛИ

Со парична казна од 5.000 до 20.000 денари ќе се казни родителот или старателот ако не го запише своето дете во прво одделение или ако тоа нередовно посетува училиште. Така е според член 46 од Законот за основно образование. Според Законот, основното образование е задолжително за сите деца од 6 до 15 години. Доброупатените велат дека членот постоел од порано, но оти училиштата "прогледувале низ прсти" и родителите не биле казнувани. Тие тврдат дека најголем број од децата кои немаат услови да се запишат во училиште и што го напуштаат школувањето, особено во петто и во шесто одделение, се од ромска националност.

 
     
 

ВИДЛИВО АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО ОД "СИЛМАК"

Министерството за животна средина, иако најави дека ќе ги обелодени првичните резултати од мерењата на квалитетот на воздухот што излегува од оџаците на "Силмак", тоа сè уште не го стори.
"Резултатите сè уште не се готови, бидејќи инспекцијата зела мостри, па сите тие треба да се обработат", објасни заменик-министерот Драгољуб Матовски.
"Што треба да се случи, да почнеме да се задушуваме или да фатиме некои болести, за да знаеме со што и колку нè труе 'Силмак'", регира локалното население.
А дека има некакво аерозагадување е видливо и со голо око.

 
     
  "ФОЛК ФЕСТ" ВАЛАНДОВО

Домот на културата "25 мај" од Валандово, распишува конкурс за нови творби за 21. фестивал на авторски македонски песни "Фолк фест" Валандово 2005 година. Песните треба да бидат напишани во духот на македонската и народната традиција и да не се претходно објавени. Творбите може да се доставуваат на адреса: Дом на културата "25 Мај" - Валандово, ул. "6-ти Ноември" бр. 41, до 31.12.2004 година.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

АВСТРИЈА ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНИЈА НА ПАТОТ ДО ЕУ И НАТО
 

Македонија може да смета на целосна и безусловна поддршка од Австрија на патот кон ЕУ и НАТО, меѓу двете земји нема отворени прашања, а во иднина акцент треба да се стави на интензивирање на економската соработка, заклучија на вчерашната средба во Виена, премиерите на Македонија и на Австрија Хари Костов и Волфганг Шисел.
"Македонија се наоѓа во мошне значајна фаза од својот развој. По поднесувањето на Апликацијата за полноправно членство во ЕУ сега интензивно работиме на одговарањето на Прашалникот од Европската комисија, но паралелно течат и реформите во повеќе сфери", нагласи Костов на прес-конференцијата по средбата.
Шисел истакна дека Австрија е подготвена да ја поддржи и советува Македонија на патот кон евроатлантските интеграции. "Австрија ги поддржува македонските аспирации за членство во Унијата и сака да биде мост меѓу Македонија и Европската Унија. Доколку целосно се имплементира Рамковниот договор и се спроведе децентрализацијата тогаш вратите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО се отворени", порача австрискиот канцелар.
 

СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ЗА ЗАКОНОТ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА КОМУНИКАЦИИТЕ
 

Воспоставување баланс меѓу јавниот и приватниот интерес во областа на слободата и неповредливоста на писмата и на другите облици на комуникации, прецизно утврдување на условите и постапките за ограничување на тоа право, како и контрола на законитоста на следењето на комуникациите, се некои од целите на законот за следење на комуникациите што вчера пред пратениците ги изнесе министерот за внатрешни работи Сиљан Аврамовски.
Според Аврамовски, законот што го предлага Владата ќе овозможи поефикасна превенција, откривање на криминалот и тешки облици на организиран криминал, борба против транснационалниот организиран криминал и хармонизација на македонската легислатива со европското законодавство.
Основа за донесување на законот за следење на комуникациите се уставните одредби со кои се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација.
"Со Уставот е уредено дека само врз основа на судска одлука, под услови и во постапки утврдени со Закон може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација ако е тоа неопходно заради спречување или откривање кривични дела, водење кривична постапка или кога е во интерес на безбедноста и одбраната на државата", објасни министерот за внатрешни работи.
Во законот, додаде Аврамовски, е утврдена и правна рамка со која се ограничуваат потенцијалните можности за злоупотреба во сферата на приватноста од страна на државните органи.
Собраниската седница на која пратениците треба да се изјаснат по законот за следење на комуникациите ќе продолжи по еден час. Пауза побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за да може, како што рече Жарко Караџоски, да го разгледа стенограмот од образложението што го изнесе министерот Аврамовски.
Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.