ИНФО                                           
     
  МАКЕДОНЦИТЕ ВО САД СО ПОДДРШКА ЗА БУШ

Двеминутна акција - така ја нарекоа својата активност македонските иселеници во САД, кои се организираа да се јавуваат на дежурните телефони на американската администрација во Белата куќа, поддржувајќи ја политиката на претседателот Џорџ Буш, околу спорот со Грција за името на Македонија.
Преку апелот на неколку македонски организации во САД, се повикуваат сите иселеници да потрошат некој долар за телефонски повик до Белата куќа, само за да ги спречат грчките обиди за вршење притисок врз Бушовата администрација.
Како што е истакнато во апелот, Белата куќа буквално била бомбардирана со повици од грчкото лоби, особено по посетата на американскиот секретар за одбрана Доналд Расмфелд на нашава држава, кои протестирале за потпишувањето на договорот меѓу САД и РМ при што се употребило името Македонија.
 
     
 

ММФ ПОРАЧУВА РЕФОРМИ

Конечно Владата ќе мора да се зафати со длабоки структурни реформи, доколку сака да добие нов аранжман од Меѓународниот монетарен фонд. На првиот ден од официјалните преговори меѓу владиниот тим и Мисијата на ММФ, министерот за финансии Никола Поповски, вети реформи, а шефот на монетарната мисија, Франек Розвадовски, предупреди дека тоа ќе бидат клучните услови за склучување аранжман, но и за придвижување на економијата. Според него, досегашниот економски пораст во земјава бил разочарувачки.

 
     
 

РАШЧАНИ СО ЗАКАНИ ЗА СКОПЈЕ

Жителите од селото Рашче упатија ултиматум до надлежните во Водовод и канализација, дека во случај ако не им се одобри бесплатно да ја користат водата, поради што ќе 'интервенираат' директно во каптажата, со што Скопје ќе го остават без вода за пиење. Рашчани, револтирани од тоа што ова претпријатие во текот на последниве десетина дена им ја прекинало водата поради неплатени сметки, го блокираа патот кон изворот, од кој главниот град се снабдува со чиста вода за пиење. Селаните се решени да протестираат сe додека не бидат исполнети нивните барања.

 
     
  ОТВОРЕН САЕМОТ "ТЕХНОМА 2004"

Од 19 до 24 овој месец, на Скопски саем по 30. пат се одржува специјализираната саемска манифестација за металургија, електроника, неметали и градежништво "Технома 2004". Саемот го отвори министерот за економија Стевчо Јакимовски, кој рече дека 30 - годишното постоење на Саемот покажува дека се склучени многу успешни зделки, разменети се искуства и се создадени услови за технолошки напредок без кој не може да се оди напред.
На годинашната "Технома" учествуваат околу 720 фирми од 32 земји.
 
     
  РЕНДГЕН ИНСТИТУТОТ БЛОКИРАН

На Институтот за рендгенологија, кабинетот за магнетна резонанца, ги затвори вратите за редовните пациенти и ќе се примаат само итни случаи. Се очекува тоа да се случи и со кабинетот за компјутерска томографија, со што Клиничкиот центар ќе остане без овој вид снимања, неопходни при дијагностицирање на голем број заболувања на главата. Имено, апаратот за компјутерска томографија на Нервната клиника не работи веќе со месеци. Слична ситуација ќе ги снајде и другите кабинети, доколку набрзо и тие не добијат рендген-филмови, кои одамна ги нема на Институтот.
 
     
 

СТАРТУВА ЏЕЗ ФЕСТИВАЛОТ

Годинашното, 23. издание на Скопскиот џез фестивал ќе го отвори мајсторот на инструментот неи, турскиот музички виртуоз Кудси Ергунер, кој во Скопје ќе го промовира својот најнов проект "Ислам блуз". Годинава, содржините на Џез фестивалот, освен во традиционалната Универзална сала, ќе се случуваат и во клубот "Елемент", како и на сцената во неодамна отворениот Детски театарски центар во Старата чаршија. Токму таму, на 21 октомври, со почеток во 21 часот се случи и отворањето на оваа реномирана манифестација, која и во својата 23. година од постоењето нуди интересни музички содржини.

 
     
 

ПРЕМИЕРА НА "СТУДЕН ТУШ- УПАТСТВА ЗА ЛУДЕЕЊЕ"

Театарот "Скрб и утеха" ќе ја изведе претставата "Студен туш- упатства за лудеење" како скопска премиера на 21 октомври во Салон "19,19" со почеток во 20,30 часот. Текстот е на Владимир Мајаковски и Тихомир Стојановски, режијата на Владе Денчов, музиката на Јане Пенов, во претставата играат актерите: Зорица Панчиќ, Изабела Новотни, Ердоан Максут, Страшко Милошевски, Едмонд Сотир, Тихомир Стојановски и Владе Денчов. Пред претставата ќе бидат промовирани две театарски книги "Точка на пресврт" на Питер Брук, со воведен збор на Игор Стојановски и "Патека на светиот збор" на Тихомир Стојановски, со излагање на Гоце Ристовски.

 
     
  ПОЧИНА АКТЕРОТ ИЛИЈА ЏУВАЛЕКОВСКИ

Во 89 година од животот почина бардот на македонското глумиште Илија Џувалековски - актер, режисер и педагог.
Тој е роден во 1915 година во Прилеп. Пред војната студира соло пеење на Музичката академија во Белград. Во 1944 година оди на Вис каде што под раководство на Вјекослав Африќ настапува во Театарот на народното ослободување. По кратко време заминува во Москва каде станува член на Уредувачкиот одбор на Радиостаницата "Слободна Југославија". Првата филмска улога ја добива во 1952 година во филмот "Фросина". Актерскиот придонес на Џувалековски на филмот не е ништо помал од театарскиот. Во актерската кариера остварува повеќе од 60 улоги, низ кои ја изразува својата актерска индивидуалност.
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

АЛ ЏЕЗИРА: УБИЕНИ ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ ЗАЛОЖНИЦИ ВО ИРАК

Бунтовничката група Исламска армија на Ирак убила двајца македонски заложници поради "шпионирање во корист на американските сили", јави арапската телевизија Ал Џезира.
Исламската армија на Ирак во соопштението објавено на видео записот доставен до Ал Џезира, вели дека припадниците на нивните безбедносни сили ги уапсиле двајцата Македонци во моментот кога напуштале американски база во Ирак.
"По испрашувањето на двете лица и документите кои кај нив биле пронајдени било утврдено дека шпионираат за американските сили", се вели во соопштението.
На видеозаписот се прикажани Зоран Наскоски и Далибор Лазаревски, двајца од тројцата Македонци кои беа грабнати во близна на Багдад на 21 август.
Тројцата кумановчани, Далибор Лазаревски, Драган Марковиќ и Зоран Наскоски, кои заминаа во Ирак на 3-ти август каде што работеа за американската компанија "Соуфан инженеринг", на денот на нивното исчезнување биле дел од колоната од две возила што на пат кон Багдад била нападната од вооружени неидентификувани лица.
Досега ниедна ирачка група не се огласи со барање за откуп.
Експертскиот тим предводен од заменик-министерот за надворешни работи Фуад Хасановиќ, во кој се и претставници на МВР и Агенцијата за разузнавање, денеска во Катар треба да оствари контакт со катарските власти за да се провери веродостојноста на снимката што ја емитуваше телевизијата Ал Џезира и наводното постоење на снимка од егзекуцијата на двајцата Македонци.
Како што претходно најави МНР, во Македонија денеска со специјален лет од Ирак треба да се вратат 19 македонски работници.

 

ЦАРИНАТА ОДГОВОРИЛА НА ПОВЕЌЕТО ПРАШАЊА ОД НЕЈЗИНА НАДЛЕЖНОСТ ОД ПРАШАЛНИКОТ НА ЕУ

Царинската управа досега одговорила 80 отсто од прашањата содржни во Прашалникот на Европската комисија, што се однесуваат на нејзиното работење. Некои од нив се конечни, а дел треба да се доформулираат, информира денеска Секторот за евроинтеграции на Владата на Македонија.
Царината е одговорна за Поглавјето 25 што се однесува на Царинската унија и генерално, треба да каже дали има легислатива и административен капацитет за контрола на границите кои во моментот на зачленувањето ќе станат надворешни граници на Унијата кон трети земји.
"Оваа област ја регулираат вкупно 26 прашања поделени во три групи. Првата и најголема, се однесува на царинското законодавство, втората го покажува степенот на обученост на царинските работници, а третата ја дефинира размената на информации меѓу царинските испостави", изјави Златко Ветеровски, координатотор на работниот тим за одговарање на прашањата во Царинската управа.
Според него, прашањата се оценка за вкупното работење на Управата во текот на изминатите 12 години.
Управата, покрај прашањата од поглавјето 25, треба да одговори и уште неколку од други поглавја, директно поврзани со царината.
Работниот тим на Царинската управа задолжен за Прашалникот го сочинуваат 25 лица, но во него се вклучени и вработените од конкретните служби.
На прашањето за очекувани потешкотии во трговијата со заедницата, Управата одговорила дека Македонија се уште не е вклучена во Паневропската кумулација за потекло, иако таква политичка одлука е донесена на ланскиот Самит во Солун, а дефинираните услови се исполнети.