ИНФО                                           
     
 

13/09/2004

Соопштение за печатот и електронските медиуми
ДЕЛЕГАЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА АЛИЈАНСА ВО ПОСЕТА НА БЕЛАТА КУЌА

Делегација на Македонската алијанса под водство на претседателот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски на 9 Септември оствари посета на Белата кукја во Вашингтон.
Во двочасовниот разговор со претставници на Националниот совет за безбедност беа разменти мислења и беа пренесени ставовите на македонските Американци за ситуацијата во Македонија и на Балканот. Советот за безбедност потврди дека американската Влада ја смета Македонија за близок сојузник, го подржува нејзиониот територијален интегритет и стабилност и ја гледа како клуч за стабилноста на целиот Балкан. Од своја страна делегацијата на Македонската алијанса побара поголемо ангажирање на САД во Македонија преку зголемена економска помош во разни видови и подготвување на програма за охрабрување на американски инвестиции. Меѓу другото беше побарано и брзо признавање на уставното име од страна на САД. Посебно беше побарана економска и политичка помош за враќање на насилно иселените лица од војната во Западна Македонија.
На крајот на посетата беше решено во иднина да се одржуваат постојани контакти за подобра координација.


Контакт: Славко Манговски ++ 1-561-809-7412

 
     
   
РЕЗОЛУЦИЈА 52 ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ПРАВА

Macedonian Patriotic Organization (МПО) во САД и во Канада информираше во специјалното издание на "Македонска Трибуна" за историскиот момент на одобрувањето на Резолуција 52 од страна на Законодавното тело на Калифорнија, која ги поддржува правата на Македонците во Република Македонија.
Калифорниската Резолуција јасно ги препознава правата на македонскиот народ да може да си го зборува својот јазик, да си ги спроведува своите обичаи и да ги има сите граѓански и човекови права, според интернационалниот закон. Оваа историска Резолуција беше едногласно усвоена со 780 гласови.
 
     
 


ГРЧКИ СТАВ ОКОЛУ ИМЕТО


Во интервјуто за грчкиот весник "Ангелиофорос", грчкиот министер за надворешни работи Петрос Муливијатис изјавил дека Грција сака да изнајде општоприфатливо решение за спорот околу името на Македонија.
"Имаме волја и желба да пристапиме кон изнаоѓање општоприфатливо име за поранешната Југословенска република бидејќи сегашната Влада во Скопје исто така пројави таков интерес", вели Муливијатис.
Кога стануваше збор за односите со Албанија, грчкиот министер оценил дека досега албанскиот премиер Фатос Нано и лидерот на албанската опозиција Сали Бериша официјално не покренале прашање за правата на Чамите-Албанци, кои по Втората светска војна се протерани од грчката област Северен Епир и кои сега настојуваат да си ги вратат своите имоти. Министерот Муливијатис смета дека заштитата на правата на грчкото етничко малцинство во Албанија треба да се разгледа согласно со нејзината европска ориентираност.

 
     
 
БЕЗ ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА МЕЃУ ХРВАТСКА И МАКЕДОНИЈА

При посетата на нашава држава хрватскиот премиер Иво Санадер изјавил дека неговата земја и Македонија немаат отворени прашања, а кога станува збор за случајот Љубе Бошкоски, тој е во рацете на судските органи, за кои тој е уверен дека ќе го водат апсолутно објективно и професионално, при што ниту хрватската ниту македонската Влада не ќе можат да се мешаат. И македонскиот премиер Хари Костов односите со Хрватска ги оцени како односи без отворени прашања, додавајќи дека се и пример за соработка во регионот. Во однос на прашањето за евроинтеграцијата и на Хрватска и на Македонија, Санадер најавил дека неговата земја може да и помогне на Македонија во делот од патот каде што моментно е понапред, со оглед на фактот дека таа ја помина процедурата со прашалникот и веќе има статус на земја кандидат за членство.
 
     
   
БОШКОСКИ НЕМА ДА ПОБЕГНЕ ОД ХРВАТСКА

Еден од адвокатите на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, Анте Младуниќ, вели дека нема никаква причина за одредување мерка притвор за Бошкоски и додава дека поранешниот министер побегнал во Хрватска бидејќи очекува дека таму ќе добие фер судење.
"Ние уште од мај годинава се подготвуваме за овој случај и нема никаква основа да се верува дека Бошкоски би побегнал од Хрватска", објаснува адвокатот Младуниќ. Адвокатите бараат случајот да се води во главниот град на Хрватска, Загреб, а не во Пула. Потоа, тие спорат околу непреведувањето на документацијата која од Македонија пристигнала во Хрватска, како и за прогласувањето на постапката за тајна од страна на истражниот судија Ивица Станиќ.
"Станува збор за политичка постапка, а во неа најголем придонес во одбраната и во законитоста има јавноста, како коректив. Без јавноста во вакви постапки е многу тешко и тоа многу ни ја отежнува одбраната", коментира Младуниќ.
 
     
 


ЧЕСТВУВАЊЕ ЗА МАЈКА ТЕРЕЗА

Во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје се одржа чествување по повод седумгодишнината од смртта на Мајка Тереза и 25 години откако големата хуманистка ја доби Нобеловата награда за мир.
Признание "Послание Мајка Тереза" годинава постхумно му беше доделено на претседателот Борис Трајковски, а го прими неговата сопруга Вилма Трајковска. Исти признанија им беа доделени и на Ага Бојаџиу и на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Статуетки со ликот на Гонџа Бојаџиу добија Мифтар Мемети, Митко Тошев, Скендер Кули, Галаба Зареска и Домот за стари "Мајка Тереза".

 
     
  КЛУЧНАТА УЛОГА Е ВО ПОЛИТИЧАРИТЕ

По повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија и 60 години од АСНОМ, во Собранието беше отворена Спомен-соба "Традициите на македонската државност". На свеченоста зборуваше првиот претседател на РМ по независноста, Киро Глигоров, кој рече дека мораме "да го почитуваме историскиот континуитет на борбата за слободна и независна македонска држава". Тој посочи дека без оглед колку нашата земја е мала, сиромашна, оспорувана и напаѓана, "таковината ни е една и единствена". За нејзин развој е потребен внатрешен меѓунационален мир, истакна Глигоров, додавајќи дека за таа цел "клучната улога ја носат политичките лидери, кои требаат да покажат компетентност и умешност во водењето на политиката".
 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

 

ТРИНАЕСЕТ ГОДИНИ НЕЗАВИСНА И САМОСТОЈНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Република Македонија одбележува 13 години од независноста и осамостојувањето.
На референдумот на 8 Септември 1991 година над 95 проценти од излезените 71,65 отсто граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Референдумските резултати на 17 септември и формално беа потврдени од првиот македонски повеќепартиски Парламент, кој претходно на 25 јануари 1991 година усвои и Декларација за независност.
На 17 ноември истата година беше донесен и Уставот на независна и самостојна Република Македонија, што беше надополнет по потпишувањето на Рамковниот договор со кој беше ставен крај на конфликтот во 2001 година.
Меѓународно правниот статус на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога Република Македонија беше примена како 181 членка на Обединетите нации.
"Во оваа јубилејна година Собранието на Република Македонија распиша втор референдум како највисок демократски чин преку кој треба да се слушне гласот на граѓаните. Првиот референдум го доби историското значење на денот на неговото одржување, а за историското значење на вториот ќе може да говориме по 13 години", рече претседателот на Парламентот Љупчо Јордановски во вчерашното обраќање на отворањето на Спомен - собата "Традициите на македонската државност".
Тој изрази убедување дека идниот референдум на 7 ноември годинава ќе ја определи иднината на Република Македонија. "Верувам дека исходот на референдумот ќе прати уште една силна порака до светот дека Република Македонија е подготвена не само просторно, туку и духовно и вредносно да им се придружи на големото семејство на европски држави - новата обединета Европа", подвлече Јордановски.
Претседателот на Собранието на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров му подари копија од Уставот на Крестенското востание и печат.
Обраќајќи се пред присутните Глигоров рече дека Првото заседание на АСНОМ претставува пресвртен момент во македонската историја бидејќи тогаш беше создадена државата.
Глигоров истакна дека заедничкото живеење во југословенската федерација ни овозможи да изградиме потребни државни структури и кадри и за афирмација на националната посебност на Македонците.
"Без оглед колку е мала, сиромашна, оспорувана, напаѓана, татковината ни е една и единствена. Ние друга татковина немаме. И не само ние, туку и илјадници Македонци граѓани расселени по светот. Затоа мораме да ја чуваме, да ја градиме и да се бориме за неа. Зарем на нашите предци им било полесно да се борат за Македонија кога неа ја немало како држава на географските карти", подвлече Глигоров.


ТУРЦИЈА ЦЕЛОСНО ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНИЈА ВО НАПОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО
 

Турција целосно ја поддржува Македонија во напорите за членство во НАТО, изјави турскиот министер за одбрана Веџди Ѓонул по средбата во Скопје со својот домаќин и колега Владо Бучковски.
"Пред Самитот на Алијансата во Истанбул донесовме посебна резолуција за Македонија, а Големото народно собрание на Турција усвои и посебна Одлука за поддршка на Македонија", рече Ѓонул.