ИНФО                                           
   
  САЛИН НАСЛЕДНИК НА ПЕТЕРСЕН

Од Брисел, пред состанокот на министрите за надворешни работи, беше најавено дека шведскиот дипломат Микаел Салин ќе биде идниот специјален претставник на Европската унија во Македонија, на местото на Сорен Јесен Петерсен. Иако неодамна на адреса на Македонија од Брисел пристигнало писмо дека наследникот на Петерсен ќе биде нерезидентен т.е. нема постојано да престојува во земјава, именувањето на Салин значи дека Брисел проценил дека е прерано за тоа. Причината може да е само сегашната блокада околу децентрализацијата.  

 
   
  БУЧКОВСКИ ВО СРБИЈА И ЦРНА ГОРА

При неодамнешната посета на Србија и Црна Гора министерот за одбрана Владо Бучковски се сретна со српскиот премиер Воислав Коштуница, со колегата од Министерството за одбрана на СЦГ Првослав Давиниќ и со новиот српски претседатал Борис Тадиќ. На средбите тие разговарале за демаркацијата на границата, особено за делот од границата со Косово и изнаоѓање вистинско решение, по повод одбележувањето на 60-годишнината од АСНОМ, при што Бучковски изразил надеж дека на Илинден висока македонска делегација ќе го посети "Св. Прохор Пчински". Во контекст на разговорите беше речено дека руски митрополит ќе посредува во спорот меѓу МПЦ и СПЦ.

 
   
  ОБЈАСНУВАЊЕ НА КОШТУНИЦА ЗА ДАРАВЕЛСКИ

Во Белград, српскиот премиер Воислав Кошутница му ветил на македонскиот министер за одбрана Владо Бучковски дека српската Влада ќе испрати писмо до македонското Министерство за правда, во кое ќе биде образложено на кој начин поранешниот директор на Царинската управа Даравелски добил државјанство на СЦГ. Коштуница и Бучковски не разговарале за тоа дали во моментов Даравелски се наоѓа во СЦГ, но македонскиот министер истакнал дека според неговите сознанија тој с# уште се наоѓа во оваа држава.

 
   
  НОВ СОВЕТНИК НА КОСТОВ?!

Владата требаше да реши дали ќе прифати премиерот Хари Костов во својот кабинет да го повлече директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР, Бранко Бојчевски, и да му го додели советничкото место за безбедносни прашања. Со тоа Бојчевски би го зазел местото на кое досега беше Лазар Китановски.

 
   
  РЕАКЦИЈА НА ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Вработените во Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков" од Скопје веднаш реагираа околу идејата за двојазичност во главниот град. Во опширното писмо испратено од Институтот се вели дека историски е познато дека македонскиот јазик опстојувал во многу тешки услови и тоа било така со векови. За нас јазикот е идентитет, основен белег на самобитноста и не смееме да си дозволиме таква комоција бидејќи друга држава немаме.

 
   
  БАРАЊЕ НА ИЗВЕШТАЈОТ "КИНГЕР"

Македонското Министерство за правда официјално од босанското обвинителство ќе го побара извештајот од истрагата за уривањето на авионот Кингер во кој загинаа претседателот Борис Трајковски и неговите сопатници. Со ова треба да се стави точка на натегањата меѓу македонскиот државен обвинител Александар Прчевски и босанската обвинителка Меџида Кресо за тоа кој треба да го побара, а кој да го испрати извештајот за несреќата.

 
   
  ПРЕКИНАТА ЖЕТВАТА ВО ПЕЛАГОНИЈА

Земјоделците од Пелагонискиот регион ја прекинаа жетвата на пченицата поради непридржувањето на фирмите кон откупната цена што ја донесе Владата на Република Македонија. Претседателот на Федерацијата на македонските фармери Евтим Саклев изјави дека во моментов повеќе од 200 камиони натоварени со пченица сè уште се на нивите во Пелагонија, затоа што земјоделците не сакаат да им ја дадат на Жито Прилеп и на Жито Битола поради прениската откупна цена што им се нуди.

 
   
  РЕВИЗОРСКА КУЌА ГО "ЧЕШЛА" ТЕЛЕКОМ

Меѓународниот тендер за избор на ревизорска куќа, која ќе треба да утврди дали Телеком работи согласно со Договорот за концесија, наместо во јавните гласила беше објавен во "Службен весник на РМ". Независната ревизорска куќа го има задолжението да утврди дали телекомуникациската компанија работи прописно и дали таа има право да воведува нов тарифен модел. Со ова Управата за телекомуникации сака да дознае дали Телеком го почитува концесискиот договор, односно дали новиот тарифен модел е правно издржан, и доколку се покаже спротивното таа ќе преземе конкретни мерки против монополското однесување на компанијата.

 
   
  ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ БЛОКАДИ ВО МИРУВАЊЕ

Железничкиот сообраќај се одвива нормално, без блокади, откако Синдикатот на железничарите оствари средба со првите луѓе на претпријатието, кои на членовите на Синдикатот им ветиле дека ќе им биде исплатена втората половина од платата за месец април. Но, независните синдикати на Подружницата "Влеча на возови", на машиновозачите и на сообраќајниот персонал, не се задоволни од ветеното и бараат целосно исполнување на барањата, односно обезбедување на мајската плата.

 
   
  САНАЦИЈА НА УРНАТИТЕ МОСТОВИ

За месец и пол треба да се заврши изградбата на двата урнати моста од поплавите кои го зафатија југот на земјата. Станува збор за мостот на Анска Река на регионалниот пат Раброво-Дојран и за мостот на Мрзенска Река којшто се наоѓа на регионалниот пат Гевгелија-Негорци. Бидејќи во изминатиов период мостовите не беа во функција сообраќајот се одвиваше преку заобиколни патишта.

 
   
  ПРИСТАП ДО ЈАВНИТЕ ИНФОРМАЦИИ

Од дводневниот семинар организиран од Агенцијата за информации на Република Македонија и Пактот за стабилност на ЈИЕ беше констатирано дека процедурата за донесување Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер треба да почне побрзо. Со тоа ќе може да се обезбеди квалитетен текст соодветен на македонската реалност, но усогласен со европското законодавство.

 
   
  РАБОТНО ВРЕМЕ НА УГОСТИТЕЛИТЕ

Владата го утврди работното време на угостителските објекти, со што тие добија еден час повеќе во однос на досегашното. Работното време ќе биде од 7 до 24 часот, а нон-стоп ќе работат објектите кои се наоѓаат на железничка станица или на аеродромите во земјава. Сите угостителски објекти ќе можат да работат до 1 часот по полноќ, во петок и во сабота, како и спроти и за време на државните празници.

 
   
  ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА СОЦИЈАЛЦИ

За една година бројот на домаќинствата кои добиваат социјална помош се зголемил за три илјади. Во мај минатата година, во Македонија, социјална помош примале 61.700 домаќинства, а годинава во истиот месец на списокот има вкупно 64.832. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека најголемиот број од новите корисници на социјална помош се работници кои останале без работа.

 
   
  ПИРАМИДАЛНА ИГРА И ВО МАКЕДОНИЈА?!

Контроверзниот финансиски синџир "Gem collection", кој веќе неколку години тајно егзистира во Хрватска и во Србија и Црна Гора, наводно ќе биде префрлен и во Македонија. Станува збор за пирамидална игра, која на Балканот остава илјадници измамени граѓани, ветувајќи им милионска заработка.

 
   
  ИЗВЕШТАЈ НА ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ

Во месечниот извештај за јуни Хелсиншкиот комитет нагласил дека со вклучувањето на странскиот фактор во донесувањето клучни одлуки од доменот на државното уредување не само што се урива правниот поредок на државата, туку таа и фактички ја губи самостојноста. Македонскиот Хелсиншки комитет во извештајот подвлекува дека во изминатиот месец се соочивме со две појави, кои имаат исклучително големо влијание врз развојот на Македонија како правна држава.

 
     
  АНГИОГРАФОТ ВО ДЕФЕКТ

Пациентите кои преживеале инфракт нема да можат да добијат интервентна терапија, бидејќи расипаниот ангиограф с# уште не е поправен. Секој ден има најмалку по пет-шест лица со инфракт, а просечно дневно на 40 лица од целава држава им е неопходно снимање на овој апарат.

 
     
     
     

 ВЕСТИ

 

МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

ЈА ПРОДОЛЖИ 71-ТА

СЕДНИЦА

Со усвојување на Законот за ратификација на Амандман на Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад, македонското Собрание денеска ја продолжи 71-та седница.

ПОПОВСКИ И БЛУМЕНКАМП ЌЕ

ПОТПИШАТ ДОГОВОРИ ЗА ТРИ

ЗАЕМИ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И

СВЕТСКАТА БАНКА

Министерот за финансии Никола Поповски и постојниот претставник на Светската банка во Република Македонија Сандра Блуменкамп денеска ќе потпишат договори за Заемот за прилагодување во управувањето во јавниот сектор ПСАЛМ, Заемот за имплементација на социјалната заштита СПИЛ и за Заемот за управување во здравствениот сектор.

ПОЕФТИНИ

ЛЕКОВИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

Македонските граѓани од денеска можат да купуваат поевтини лекови, но истовремено ќе можат да бираат и поскап лек со определена доплата, соопшти Фондот за здравствено осигурување.

Директорот на Фондот Никола Пановски на минатонеделната прес-конференција истакна дека осигурениците ќе имаат за 25 проценти повеќе лекови и оти лекот што е на позитивната листа ќе го има секогаш во аптеките.

"За прв пат Фондот ќе ја признава референтната цена на лекот, а осигуреникот што сака лек од друг производител ќе мора да ја доплати разликата во цената. Лекарите ќе мора да препишуваат рецепти со генеричкото име на лекот, односно супстанцијата од која е направен, а не со фабричките имиња како досега", рече Пановски.

Со измените Фондот предвидува и казни за лекарите кои ќе препишат поскапи лекови без препорака на лекари специјалисти, а разликата доколку препишат таков лек ќе треба да ја подмират самите лекари или нивните здравствени организации.

"Се очекува со неодамна завршениот локален тендер да биде остварена заштеда од 26 проценти од листата на лекови од примарната здравствена заштита и 6,72 заштеда на болничката листа. На шестмесечно ниво заштедите изнесуваат 157 милиони денари", рече Пановски.

Фондот најавува дека од денеска треба да се стабилизира состојбата со лекови, бидејќи сите фармацевтски компании ќе бидат заинтересирани да се купуваат нивните лекови, поради што почесто ќе дистрибуираат нови пратки во аптеките.

АМЕРИКАНСКА

ДОНАЦИЈА ЗА МВР

 

Пет автомобили "тојота авенсис", неколку принтери, фотокопири и камери, е донацијата што денеска Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија и ја додели на Единицата за борба против трговијата со луѓе при Министерството за внатрешни работи.

 

"Оваа церемонија е цврст доказ за силната поддршка што САД и ја даваат на Македонија во борбата против организираниот криминал, а особено во борбата против трговија со луѓе", изјави американскиот амбасадор Лоренс Батлер. Тој нагласи дека Република Македонија е поместена во нивото 1 во однос на успешноста да се справи со оваа криминална активност, но предупреди дека успесите во минатото не можат да бидат гаранција и за успесите во иднина.

 

Министерот за внатрешни работи Сиљан Аврамовски, изразувајќи благодарност за донацијата, истакна дека таа е потврда за успешните контакти меѓу МВР и САД на планот на борбата против организираниот криминал. Аврамовски изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и натаму и оти ќе се продлабочува на сите полиња особено во насока на спречување на трговијата со луѓе.

 

ГРУЕВСКИ: ПРЕГОВОРИТЕ ЗА

ТЕРИТОРИЈАЛНАТА

ОРГАНИЗАЦИЈА СЕ ФАРСА

 

"Предвидување беше дека се ќе се сведе на една фарса од преговори по која на крајот СДСМ ќе попушти за се, а ДУИ ќе биде задоволна", изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДОМНЕ Никола Груевски пред почетокот на итно закажаната седница на Извршниот комитет на партијата во врска со конечните предлози за територијалната организација на локалната самоуправа.