Одбележан Светскиот ден на археологијата

Институтот за археолошки истражувања – Скопје денеска го одбележа Светскиот ден на археологијата кој се празнува во изминатите седум години на иницијатива на археолозите од Обединетото Кралство.

На настанот се придружуваат археолози од целиот свет кои преку текстови, видеа, фотографии ја промовираат археологијата на нивните земји и сите материјали преведени на англиски јазик се споделуваат и објавуваат на заедничка веб-страница.

Во организација на Институтот за археолошки истражувања, во Археолошкиот музеј на Македонија беа одржани осум предавања на различни теми од оваа област. Според претседателот на Институтот Радомир Ивановиќ, целта е да се промовира македонската археологија пред светската јавност, но намерата на настанот не им е, како што рече, презентација на научни трудови разбирливи само за стручните лица, туку предавања што ќе бидат популарни и интересни и за луѓето што не се археолози со цел да се подигне свеста за значењето на археологијата и заштитата на нашето културно наследство.

– Годинава имаме презентери вработени во национални установи низ Македонија, од граѓанскиот сектор кои се занимаваат со заштита на културното наследство, како и студентско здружение кое ќе промовира нивно списание. Предавањата се за одделни археолошки локалитети, како за Стакина чешма – Валандово, Стибера – Прилеп, демиркаписки локалитети – Стрезов град, Марков град, предавање за транзицијата во времето на неолитот, како и теми кои не се врзани конкретно за еден локалитет туку се поширока слика, изјави Ивановиќ.

Покрај предавања, беа презентирани и снимки од неколку археолошки локалитети во Македонија направени со дрон, претставени фотографии од изминатите изданија на изложбата „Archaelogy in Progress“ и беа промовирани две стручни списанија за археологија.

Светскиот ден на археологијата на учесниците на настанот им го честиташе и новиот директор на Археолошкиот музеј на Македонија Горан Санев. Истакна дека нивната институција, која наскоро ќе одбележи сто години од основањето, отсекогаш поддржувала вакви иницијативи за презентација и популаризација на археолошкото наследство на Македонија.

– Светскиот ден на археологијата е показател за ентузијазмот и за љубовта кон професијата, кои се присутни и кај нашите археолози, истакна Санев на одбележувањето на Светскиот ден на археологијата.