Нема опасност за Трескавец, но активни два пожара во Прилепско

Изгаснат е силниот пожар кој синоќа се ширеше околу Трескавец и повеќе нема опасност за манастирскиот комплекс.
Ова денеска уште еднаш го потврдија Станко Колески, командир на противпожарната единица од Прилеп, и градоначалникот Марјан Ристески, кои направија увид на пепелиштата од големиот пожар кој синоќа почна од новите градски гробишта и се закануваше да го опфати манастирот Трескавец.
Според Колески, повеќе од сто луѓе ноќеска се оѕваа на апелот да помогнат во гаснењето на огнената стихија, а сега сликата е морничава на пепелиштата од пожарот кој опфати над 50 хектари. Но, во моментов има два активни пожара.
– По синоќешниот повик веднаш се пријавија над сто доброволци кои цела ноќ се бореа со огнената стихија. И во овој момент околу манастирот има распоредено 70-ина луѓе кои ќе останат таму и во наредните 24 часа за да не се повтори пожарот, рече Колески.
Сега се работи на догасување на одредени терени кои се наоѓаат претежно во нискиот дел. Кон манастирот, рече тој, огнот е целосно изгаснат и не постои опасност за ова светилиште.
– Но догасувањето е важно исто како и самото гаснење, така што ние ќе го чуваме ова место уште цели 24 часа. Што се однесува до другите два активни пожара. За едниот, во селото Крушевица, имаме сознанија дека денеска имало надлетување од авионите од Дирекцијата за заштита и спасување. Има уште еден мал дел кој гори и мислам дека во текот на денот и тој пожар ќе биде ставен под контрола. Пожарот, пак, во село Никодим е во поразгорена фаза. Има екипи кои гаснат, исто така има барање до Дирекцијата за заштита и спасување за дејствување со авиони. Тој пожар тешко ќе го ставиме денеска под контрола, додаде Колески.
Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески денеска им се заблагодари на сите доброволци кои синоќа учествуваа во гаснењето на пожарот околу манастирот Трескавец.
– Во текот на ноќта страшна беше глетката околу манастирот, гореше на сите страни, навистина со крајни натчовечки напори на противпожарната едница, припадниците на јавните претпријатија, навивачите, жителите на селото Мажучиште, планинарите и другите доброволци се спречи и се локализираше овој пожар, истакна Ристески.
Додаде дека во околината на Прилеп неколку недели има повеќе пожари кои, рече, се предизвикани намерно или ненамерно, а тоа треба да го утврдат надлежните институции.
– Јас ги повикувам сите надлежни фактори дека еднаш мора да се открие виновникот за пожарите кои се случуваат во Прилеп и Македонија, затоа што јас мислам дека поголем дел од пожарите се намерно подметнати. Со тоа се прави огромна материјална штета. Повикувам граѓаните совесно да се однесуваат надвор од населените места, да се придржуваат до забраната и да не се движат по пределите каде има шума, да не палат оган на отворено и сите оние кои ќе видат сомнителни лица да пријават веднаш во МВР и во другите институции, рече Ристески.