НБРМ: Ризиците од политичкaта криза присутни, економските основи позитивни

Народната банка на Република Македонија оценува дека стабилноста на економските основи остануваат позитивни и остварувањата кај клучните варијабли на монетарната политика се во рамки на очекувањата, како и тоа дека ризиците од домашните политички случувања и натаму се присутни и изразени.

– И покрај политичката криза, очекувањата на економските субјекти и натаму се релативно стабилни, а позитивни се и оцените за стабилноста на економските фундаменти. Движењата на девизниот пазар се стабилни, при што на збирна основа, во првите четири месеца од годината НБРМ интервенира со мал нето-откуп на девизи. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво, наведуваат од НБРМ во соопштението од седницата на Комитетот  за оперативна монетарна политика на НБРМ.

Додаваат дека априлските податоци покажуваат годишен раст на инфрлацијата од 1 отсто, односно просечен раст на цените за 0,6 отсто во првите четири месеци од 2017 година што е резултат на цените на енергијата и на базичната инфлација, при и натаму пониски цени на храната.

Девизните резерви во април во однос на крајот на 2016 година покажуваат пад, во најголем дел, според НБРМ, како резултат на достасувањето на девизните депозити на домашните  банки  кај НБРМ,  како  и  на  трансакциите  со  привремен ефект.

– Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Исто така, податоците за менувачкиот пазар од почетокот на април упатуваат на вообичаени нето-приливи од приватни трансфери. Во март 2017 година, беа остварени поволни движења и во надворешната трговија. Имено, извозот оствари значаен годишен раст од 21,4 отсто, при раст на увозот од 13,1 отсто, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за 3,4 отсто на годишна основа, појаснуваат од НБРМ.

Од аспект на банкарскиот систем, како што стои во соопштението, првичните податоци за април 2017 година покажуваат пад кај штедењето во однос на претходниот месец. Ваквите остварувања, сметаат од НБРМ, го одразуваат намалувањето на депозитите и кај двата сектора, населението и претпријатијата, иако поумерено кај депозитите на населението во услови на зголемена неизвесност.

Кај кредитната активност, првичните податоци со април покажуваат раст на кредитите на месечна основа, со натамошно поизразено кредитирање на секторот население.

– Во април, непосредно по неколку месечниот пораст, ликвидноста на банките умерено се намали, главно поради сезонски повисоката побарувачка за денарска готовина на населението, којашто е карактеристична пред велигденските и првомајските празници. На девизниот пазар беа реализирани вообичаени сезонски движења проследени со релативно пониска побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, којашто беше делумно надоместена со зголемената понуда на девизи од менувачниците, наведуваат од НБРМ.

Според нив повисоката понуда на девизи на менувачкиот пазар главно е резултат на сезонски ефект во текот на велигденските празници. – Ваквите движења на девизниот пазар, додаваат, овозможија подобрување на девизната ликвидност на банките и интервенција на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи. Во втората половина од месецот дојде до засилување на побарувачката на девизи од клиентите на банките, што следствено се одрази и врз растот на побарувачката на девизи и на меѓубанкарскиот пазар.

Во текот на месецот, заради ефикасно управување со ликвидноста, банките активно тргувале  на пазарите на пари, а вишокот на средства на нивните сметки го насочувале кон расположливите депозити кај Народната банка.

На седницата на Комитетот е одлучено дека и покрај солидните економски фундаменти, а со оглед на сѐ уште присутните ризици од домашните политички случувања, каматната стапка на благајничките записи да се задржи на непроменето ниво од 3,25 отсто. Со оглед на стабилизирањето на потенцијалната ликвидност на банките е одлучено на аукцијата што се одржува денеска, понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 30.000 милиони денари.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од движењата во екстерниот сектор, како и од домашниот политички амбиент