Народно позориште од Белград ќе го затвори 4. МНТ Фест

Четвртиот Меѓународен фестивал МНТ Фест вечер ќе заврши со гостување на Народно позориште од Белград со претставата „Иванов“ од Антон П. Чехов во режија и адаптација на Татјана Мандиќ-Ригонат, во која насловната улога ја игра Никола Ристановски. На матичната сцена претставата премиерно е изведена во октомври минатата година.

„Иванов“ е првата поставена претстава на Чехов. Праизведбата била во 1887 година во театарот „Корша“, по која авторот направил корекции на текстот  и неколку верзии, од кои најголемата промена била во доменот на жанрот – од комедија во драма – за изведбата во Александрискиот театар.

Нејзиниот успех се должел на тоа што се однесувала на актуелните проблеми на руските интелектуалци во осумдесеттите години на 19 век. Според театролозите, во руската театарска и литаратурна критика не постои лик што предизвикал толкав број расправи, спорови и интерпретации како Чеховиот Иванов.

Годинашниот МНТ Фест почна на 3 јуни со премиера на „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов. На програмата на фестивалот беа и: „Магбет: Исплашена душа“ на Пекиншкиот оперски театар; „Дон Жуан“ на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија; Балкански стендап „Сашко Коцев и пријателите“, како и две претстави за најмладите во продукција на МНТ – „Силјан Штркот шанца“ и „Авантурите на Аладин“.