Бисквитите ставете ги во една поголема кеса за замрзнување и поминете ги со сукало за ситно да ги издробите. Ако ви е полесно измелете ги во сецко, битно е да не ви останат поголеми парченца бисквити. Јас користев бисквити со какао бидејќи сакав да добијам по чоколадест вкус на основата.
Чоколадото и путерот стопете ги на тивок оган. Во длабок сад измешајте ги бисквитите со чоколадото и путерот.
На тацна за торта ставете еден стабилен обрач/прстен за торта со димензија од 26см.. Ставете ја бисквитната смеса и убаво израмнете ја и натапкајте ја. Ставете во фрижидер.
Јагодите измијте ги и отстранете им го зелениот дел. Ставете ги во длабок сад заедно со шеќерот во прав и измиксајте ги со рачен миксер за да добиете пире.
Од оваа смеса одвојте околу 100мл и тргнете на страна, ќе ви треба за подоцна.
Остатокот од пирето од јагоди измешајте го со јогуртот (или павлака) и крем сирењето. Мешајте со жица за матење додека да добиете еднолична смеса.
Желатинот ставете го во ладна вода да отстои неколку минути додека да омекни. Во едно мало тенџере ставете 4 лажици од пирето од јагоди (она кое го тргнавте на страна), желатинот внимателно исцедете го и додадете го во тенџерето. Загревајте на средна температура постојано мешајќи со жица за матење се додека желатинот да се стопи. Внимавајте, смесата не смее никако да ви зоврие!
Во желатинот ставете 2-3 лажици од смесата со јогурт, измешајте па додатете го сега во смесата со јогурт. Убаво измешајте и потоа рамномерно распоредете ја смесата врз бисквитната основа.
Ставете да отсои 1 час во фрижидер па потоа украсете ја одозгора со остатокот од пире од јагоди.
Тортата треба најмалку 6 часа да отстои во фижидер (а најдобро преку ноќ) пред да ја послужите.

Напомена
Смесата од јогурт е течна, па затоа погоре пишав ќе ви треба некој стабилен обрач за торта, за да не ви истече одоздола. Доколку немате таков, тогаш оставете ја смесата во фрижидер да отстои некое време (околу еден час), и кога ќе почне да се згуснува, распоредете ја врз бисквитната основа. Така може и обичниот обрач од калапот за торти да заврши работа.