Намалено индустриското производство во првиот квартал годинава

Индустриското производство во периодот јануари-март годинава во однос на истиот период лани е намалено за 1,5 проценти. Во март годинава во однос на март лани е регистрирано намалување од 0,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот „рударство и вадење камен“ во март годинава, во однос на март минатата година, бележи опаѓање од 4,1 процент, во секторот „преработувачка индустрија“ опаѓање од 0,7 проценти, а во секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ има   пораст од 0,3 проценти.

Намалувањето во секторот „преработувачка индустрија“ е резултат, пред сѐ, на намаленото производство  во одделите за производство на прехранбени производи, облека,  електрична опрема, машини и уреди, неспомнати на друго место и производство на моторни возила,  приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во март годинава, во однос на март минатата година, бележи пораст кај „интермедијарни производи, освен енергија„“ за 3,9 проценти и „трајни производи за широка потрошувачка“ за 40,5 проценти, додека опаѓање е евидентирано кај „енергија“ за 3,5 проценти, „капитални производи“ за 7,6 проценти и „нетрајни производи за широка потрошувачка“ за 2,7 проценти.