На „БитФест“ отворена изложба со избрани ликовни дела на Борислав Траиковски

Во рамки на манифестациите посветени на 100-годишнината од раѓањето на битолскиот ликовен уметник Борислав Траиковски (1917-1996), синоќа на „БитФест“ беше отворена изложба со негови избрани ликовни дела.

Поголемиот дел од изложените ликовни дела се работени во техника масло на платно и во овој момент се сопственост на разни институции, компании и поединци вљубеници во делата на Траиковски кои привремено ги отстапија на јавноста, истакна Никола Главинче, внук на познатиот уметник Траиковски.

– За време на творештвото на Траиковски повеќе се бараа и откупуваа дела кои имаа своја конкретност, а доминираа цвеќињата и пејзажите. За жал ликот и делото на Борислав Траиковски и други сликари од ова поднебје, не е целосно валоризиран и можеби затоа потребата од вакви изложби е голема со цел дополнително да се опсервираат достигнувањата, рече меѓу другото Главинче на синоќешниот промотивен настан во Битола.

Борисла Траиковски е еден од најмаркантните современи македонски сликари, експресионист и сликар кој негувал слобода во изразувањето со карактеристичен уникатен колорит, експресивен израз и секогаш посветен на Битола.

Во рамки на манифестациите посветени на 100 годишнината од раѓањето на Траиковски, НУ Завод и Музеј-Битола во Музејот наскоро ќе отвори посебна постојана изложба, а Македонско научно друштво-Битола ќе издаде Монографија.