Мониторинг извештај за работата на Судскиот совет на РМ

Нетранспарентноста на Судскиот совет при информирање на јавноста за суштинските одлуки по кои се гласало, како и за аргументите за и против изборот на претседатели на судови, една од главните забелешки во вториот мониторинг извештај за работата на Судскиот совет на РМ и Советот за утврдување на факти од февруари до април 2017 година, кој денеска беше презентиран и спроведен од Институтот за човекови права.

Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права рече дека во извештајот е збележано и дека седниците на Судскиот совет во овие три месеци се закажувани во краток временски период, односно во истиот момент кога почнува и се објавува и оти ќе има седница.

– Имаше проблем околу веб страната на Судскиот совет која сега е изменета и може да ги задоволи само техничките критериуми. Многу често се среќава една ситуација да имаме презентација на голи факти кадешто аргументите тешко можат да се извлечат и да може да се коментираат или да се оценува работата преку оваа транспарентност, истакна Николовска.

Посочи дека и отчетноста е еден од проблемите, но и начинот на изборот на судии односно посебно околу изборот на претседателот на некој суд во однос на кандидатите кои се на листата. Таа забележа дека има нема информации во јавноста за новиот правилник… и додаде дека ефективноста на Судскиот совет се уште е предмет на оценка.

Според неа детектирана е селективност во носењето на одлуките на Судскиот совет на Македонија, но и дека нема аргументи презентирани од Советот кои дополнително би можеле да бидат оценувани од јавноста. Таа рече дека јавноста многу малку е запознаена со работата на Судскиот совет.

– Во однос на изборот на судии, Судскиот совет врши избор на судии во првостепените судови исклучиво од листата што му е дадена од Академијата за судии и обвинители, а таа листа е многу дискутабилна ако се видат оценките и има проблеми во самото оценување во делот на изготвување на таа листа, рече Николовска.

Според Ранко Марјан судија на Врховниот суд и поранешен член и претседател на Судскиот совет на Хрватска кој говореше за искуствата во изборот на судии и дисциплински поистапки во Хрватска, поставувањето на темелот за слободата на човековите права на граѓаните се неважечки на хартија ако судовите и судиите се неодговорни и недоволно стручни тие права да ги претворат во живот.

– На секоја држава и треба независна судска влас, а за да се има независна судска власт треба да се има и орган кој по објективни и стручни критериуми ќе знае и може да ги избере најдобрите. Сите мора да знаат дека слободата на медиумите зависи од независното судство и тоа е еднакво како што независното судството зависи од слободата на медиумите кои ќе знаат да ја промовира независноста на судот над секоја политика, истакна Марјан.

Во периодот од февруари до април 2017 година Судскиот совет на Македонија одржал осум седници, избрал претседател на Врховен суд, ВД претседател на Основен суд Скопје 1, избрал 85 судии поротници, донел и изменил дополнувања на Деловодник за работата на Судскиот совет и не објавил годишен извештај за својата работа за 2016 година и не го доставил до Собранието.