МИНИМАЛЕН ПОРАЗ ОД ИСЛАНД

Машката ракометна репрезентација е поразена на Исланд во квалификациите за ЕП кое следната година ќе се одржи во Хрватска. Крајниот резултат, 30-29 за ислаѓаните доволно зборува дека малку недостасуваше тој да биде и многу поповолен за избраниците Раул Гонзалес, но малку среќата, малку и нашата нетрпеливост во нападите, падот во играта во второто полувреме сето тоа придонесе од Рејкјавик да се вратиме со наведната глава. Но, ако во секој пораз бараме нешто добро, тогаш тоа е фактот дека победата во Скопје е многу поголема од поразот на Исланд, па во евентуален круг кој би се направил во групата, при исти бодови ние би биле подобропласирани од Исланд.

Македонија почна одлично, смирено и ефикасно. На полувреме екипите заминаа без предност за било која од нив, 16-16, но во второто полувреме настапи еден пад во играта на Македонија, искусните исланѓани тоа го искористија и направија предност од четири гола. Македонските репрезентативци настојуваа да ја стигнат таа разлика, но единствено што успеаја беше поразот да го направат минимален.

Најефикасен во нашиот тим, и на натпреварот беше Кире Лазаров со 8 постигнати гола, Дејан Манасков постигна 7, а Филип Миркуловски 6. Кај победникот најефикасен беше Гудмунсон со 7, а веднаш зад него, Карасон со 6 голови.

Следниот натпревар во квалификациите Македонија ќе го игра против Украина на 15 јуни, а реваншот е во Скопје три дена подоцна.

Табела: Чешка 4 (+10), Македонија 4 (+3), Исланд 4 (-5), Украина 4 (-8)