МАРКОСКИ ОТПАДНА, МИРКУЛОВСКИ НЕИЗВЕСЕН

Селекторот на машката ракометна репрезентација, Раул Гонзалес, пред заминувањето Суми, Украина, каде што треба да го одиграме првиот од двата клучни натпревари за пласман на ЕП во Хрватска, се соочува со несакани проблеми. Имено, по деталните прегледи лекарската екипа на репрезентацијата конечно одлучи дека Велко Маркоски дефинитивно нема да може да им помогне на соиграчите во Суми.

Освен Маркоски, за кого “како-така” и ќе може да најде замена во одбраната, многу поголеми проблеми на селекторот му прави повредата здобиена на тренинг на можеби единствениот комплетен плеј кој го имаме во репрезентацијата, Филип Миркуловски. Дали Миркуловски ќе може да игра ќе се знае утре, меѓутоа многу веројатно е дека Миркуловски ќе игра и на своја одговорност.

За да биде сликата целосна, овие неколку дена репрезентацијата тренира некомплетна, без Кире Лазаров и Борко Ристевски, кои дури доцна вечерва треба да пристигнат во Скопје и практично без тренинг со соиграчите ќе треба да настапат во Суми.

-Останавме без Маркоски, а неизвесно е дали ќе може Миркуловски. Денеска треба да се комплетираме, а утре заминуваме за Украина- изјави Гонзалес.

Македонија мечот со Украина ќе го игра на 15. јуни во 19 часот, а клучниот натпревар со Чешка се игра во салата на СРЦ “Борис Трајковски” на 18. јуни во 20:45 часот.