Македонската репрезентација до 21 година заедно со Португалија ја има најдолгата серија без пораз на официјални натпревари. Селекцијата која ја предводи Благоја Милевски нема пораз на 13 натпревари во низа.

Фудбалските херои кои го изборија историскиот пласман на Европското првенство во Полска немаат пораз од 11 јуни 2015 година кога во првиот квалификациски натпревар за пласман на ЕУРО 2017 загубија на гостувањето во Исланд.

Португалија која играше финале на последното Европско првенство, исто така има двоцифрен број натпревари без пораз. Нашите противници во Б групата од ЕУРО 2017 немаат пораз на последните 19 натпревари.

Под водство на Благоја Милевски селекцијата на Македонија има само еден пораз на 17 натпревари. Победата на последниот меч против Бугарија беше вкупно 11-та за „црвено-жолтите“ под водство на Милевски.

Првиот противник на Македонија на Европското првенство во Полска, селекцијата на Шпанија нема пораз на последните девет натпревари. Македонија на 17 јуни против четирикратниот првак Шпанија го започнува континенталниот шампионат. На 20 јуни игра со Португалија. Првите две пресметки се во Гдиња, додека последниот натпревар од групната фаза на 23 јуни, избраниците на Милевски ќе го играат против Србија во Бидгошч