Македонска вечер во Париз

Вечерва  во организација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации ИНАЛКО во Париз и на Амбасадата на Р. Македонија во Р. Франција, се одржува македонска вечер, јавува дописникот на МИА од Париз.

На настанот ќе се претстават студентите по македонски јазик од институтот, преку читање поезија и проза на македонски јазик и преку музичка изведба на македонски народни песни.

На програмата се стихови од Ацо Шопов, Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Никола Маџиров, Николина Андова-Шопова…

Во организацијата и во подготовката на програмата за настанот, кој ќе се одржа во просториите на Амбасадата во Париз, освен студентите-македонисти, се вклучени и шефот на катедрата за македонски јазик на ИНАЛКО, Фроса Пејоска-Бушро, потоа Александра Николоска-Сондермајер, предавач на институтот, како и в.д. амбасадор на Р. Македонија во Р. Франција, Габриел Атанасов.

На настанот се очекуваат гости од македонската дијаспора во Франција, како и многумина француски пријатели и љубители на македонскиот јазик, на македонската литература и на македонската култура, кои, покрај уживањето во изведбата на студентите-македонисти од ИНАЛКО, ќе имаат можност да пробаат и дел од македонската традиционална кујна на коктелот организиран од страна на Амбасадата.