Македонија годинава првпат ќе учествува на Меѓународниот саем на книгата во Варшава, Полска. Книжевната манифестација започнува денеска, а ќе трае до 21 мај. Организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво е националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

На македонскиот штанд ќе бидат изложени околу 300 изданија од областа на книжевноста, културата и уметноста, избрани публикации од капиталните издавачки проекти 135 тома „Македонска книжевност“ и антологии на македонската книжевност преведени на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски).

– За доближување на новата македонска книжевност до полските читатели и издавачките куќи, специјално се подготвени и отпечатени поединечни брошури на полски јазик за 14 современи македонски автори од помладата и средната генерација: Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Владимир Илиевски… Брошурите содржат биобиблиографии, кратки извадоци од критички осврти за делата и избрани песни или извадок од роман или расказ – соопштуваат организаторите.