„Македонија 2025“ со поддршка за политичката стабилизација на земјава

Последното решение ќе доведе до конечно решавање на долгата политичка криза во Република Македонија, сметаат од „Македонија 2025“.

– Нашата организација е во согласност со граѓаните на Македонија кои ја поддржуваат одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот на господинот Зоран Заев, на неговата партија и коалициските партнери, со цел формирање на нова влада, соопшти „Македонија 2025“.

Една од најважните одлики на демократиите, се додава во соопштението, е беспрекорното предавање на власта, што во Македонија треба да доведе до нормализирање на демократскиот процес и ќе го овозможи изнесувањето на различните гледишта во политичкиот дијалог.

– Предавањето на власта им покажува и потврдува на сегашните и потенцијалните локални и странски инвеститори дека Македонија продолжува да биде отворена за бизнисот и гледа нанапред кон одржување на економскиот раст и просперитет преку економски развој, се вели во соопштението.

Се укажува дека „Македонија 2025“ ја одржуваше својата неутралност во текот на изборите и постизборниот период, и се додава дека ќе продолжи да делува како независна, невладина и непартиска организација.

– „Македонија 2025“ ги повикува сите релевантни партии, групи и организации кои беа опфатени од политичката криза да ги стават настрана своите партиски интереси и да се фокусираат на градење на добра економска средина, во која странските и локалните компании и претприемачи ќе бидат стимулирани да ги продолжат нивните инвестиции во Македонија. Важно е да се нагласи дека во мошне компетитивната глобална арена, земјите овозможуваат позитивна економска клима и политичка стабилност, што резултира со враќање на придобивките кон граѓаните по пат на економски раст. Ова е наша заложба како организација и кон таа цел, продолжуваме да даваме поддршка на Република Македонија и нејзините граѓани, се потенцира во соопштението од „Македонија 2025“.