ЛИ2017/Трајановски: Проширување и реконструкција на дел од бул. „Александар Македонски“

За подобрување на сообраќајот во Скопје, во новата изборна програма 2017-2021 предвидени се поголем број проекти за делумни реконструкции, проширување и приклучувања на булеварот „Александар Македонски“. Ова денеска го најавија кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за Град Скопје и општина Гази Баба Коце Трајановски и Тони Трајковски и носителот на советничката листа за Скопје Христијан Мицкоски.

– Во мојата програмата предвидени се поголем број проекти поврзани со овој булевар, а како најважен е проширување на булеварот „Александар Македонски“ со изградба на дополнителна сообраќајна лента, на потегот од „Агросервис“ до СУГС „Боро Петрушевски“. Станува збор за потег во должина од околу 1 километар, каде покрај дополнителната сообраќаја лента, ќе се изградат и нови пешачки и велосипедски патеки, рече Трајановски.

Тој посочи дека во изборната програма предвидени се и делумна реконструкција на коловозот, на потег од крстосницата со улицата „16 македонска бригада“ до крстосницата со улицата „Благоја Стефковски“, на потег во должина од околу 1.500 метри, како и изработка на техничка документација за изведба на сообраќајно решенија со кое ќе се овозможи сообраќаен пристап за жителите на населбите Инџиково и Хиподром кон булеварот „Александар Македонски“.