ЛИ2017/Продолжува изборната кампања за локалните избори

Партиите, коалициите и независните кандидати и денеска на митинзи и средби со граѓани во повеќе градови и населени места, ги претставуваат изборните програми  за локалните избори закажани за 15 октомври годинава.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе одржи средба со граѓани во Сарај, како и митинзи во Центар и Карпош.

Средби со жители на Брвеница, Теарце и Јегуновце ќе има коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која што ќе одржи и митинзи во Ѓорче Петров и Куманово.

Демократската унија за интеграција, пак, ќе се претстави на митинзи во Желино и Јегуновце, додека „Беса“ организира собир со граѓани во Брвеница.

Кампањата за првиот изборен круг почна на 25 септември, а ќе заврши на 13 октомври во 24 часот.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Право на глас ќе имаат 1.814.644 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.