ЛИ2017/Последен ден од кампањата за локалните избори

Партиите, коалициите и независните кандидати денеска со митинзи и со средби со граѓани ја завршуваат изборната кампања за претстојните локални избори.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе одржи средби со граѓани во Дебарца и Вевчани, а митинзи во Струга и Охрид.

Карванот на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има завршен митинг во Скопје.

Демократската унија за интеграција ќе има финални средби со граѓани во повеќе општини.

Движењето „БЕСА“ организира средба со граѓани во Чаир.

Кампањата за првиот изборен круг завршува вечер во 24 часот.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.