ЛИ2017/Поенти: Заев – Заврши времето на политичари кои етнички и верски не делеа, Груевски – на 15. октомври се решава дали ќе почне нова ера, Ахмети – соработка со СДСМ

Партиските лидери и кандидатите за градоначалници на  синоќешните митинзи упатија различни пораки до граѓаните, со цел да ја добијат нивната доверба на локалните избори на 15 октомври.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев од митинзите во Арачиново и Гази Баба испрати пораки за заедништво, мултетничност и соживот.

– Македонија ја правиме заедничка и земја за почит. Испишуваме историја, градиме едно општество за сите, носиме живот еднаков за сите, истакнаа лидерот Заев и кандидатката за градоначалничка на Арачиново, Миликије Халими.

Заев рече дека со Миликие Халими се отвора ново поглавје за Арачиново и за Македонија.

– Времето на политичари кои не делеа етнички, верски или на било кој друг начин заврши. Времето на лажни политики е минато свршено време. Македонија отвора нови перспективи. Секој граѓанин е важен, власта ќе им служи подеднакво на сите граѓани. Заедничка, единствена, сплотена Македонија е нашата иднина, порача Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, од Валандово и Гевгелија, истакна дека 15-ти октомври се решава дали ќе продолжи слободното паѓање или тоа ќе биде сопрено и ќе почне новата ера во Македонија.

– Не гласаме само за нашите градоначалници, за нашите градови туку сите ние  заедно ќе одлучиме каква ќе биде Македонија по 15-ти октомври, рече Груевски.

Пред валандовчани и гевгеличани вети и поволни услови за стекнување сопствен дом со пониски трошоци, како и отпис на комунални долгови за социјално загорозените граѓани.

– Отписот на долгови за вода и комуналии ќе биде донесен како мерка на првата седница на новите совети на општините и ќе стапи во сила веднаш, односно од ноември 2017 година, рече Груевски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, од митингот на плоштадот Скендербег во Скопје, порача дека од 15 октомври скопската општина Чаир ќе ја води нивниот кандидат Висар Ганиу.

Ахмети уште еднаш се осврна на соработката со СДСМ на локалните избори и нагласи дека ова партнерство се состои во помагање еден на друг во тие општини каде што едната партија нема можности за победа.

Тој исто така позитивно ја оцени десегашната работа на Владата, со посебен акцент на подобрувањето на односите со соседите, спомнувајќи го Договорот за добрососедство со Бугарија  и одлучноста за градење добри односи и со Грција.

Движењето Беса, пак, одржа митинг во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, од каде кандидатот за градоначалник Дритон Сулејмани и кандидатите за советници, најавија дека приоритетен проект ќе им биде решавање на сообраќајниот метеж во градот со изградба на кружни токови, проширување на постоечките булевари.

Сулејмани посочи дека програмата со која настапуваат на овие избори е конкретна со проекти кои се планираат да се завршат во периодот од четири години.