ЛИ2017/Поенти од митинзи: Заев-Потребни се чесни политичари, Груевски-Нови работни места

Политичките партии и на синоќешните митинзи и средби со граѓани упатија различни пораки до граѓаните. Ветуваа проекти и бараа поддршка за претстојните мандати на градоначалниците и советниците.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев синоќа најави гасификација на Кратово и Штип, отворање нови работни места, пари за младите земјоделци, средства за магистрирање и докторирање на универзитети со цел да се задржат младите во државата.

– Во буџетот има пари, но потребни се чесни политичари. За неполни четири и пол месеци заштедени се 45 милиони евра, а само од еден тендер од РЕК Битола заштедени се 6 милиони евра, и токму преку таа заштеда парите се враќаат со повторното воведување на евтината тарифа на струјата за домаќинствта, кои ќе заштедат околу 8 милиони евра, истакна Заев пред штипјани.

Од Пробиштип Заев истакна дека државата ќе му помогне финансиски на секој млад човек што сака да оди на магистратура и докторат.

– Секој друг млад човек, кој што бара работа, а е невработен, завршил образование може да побара работа насекаде, каде било во приватниот сектор, а притоа газдата или директорот да не мора за првата година да му обезбеди плата. Државата обезбедува бруто плата за првата година, за секој млад човек да тргне на работа, нагласи Заев во Пробиштип.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од митингот во Велес најави нови 150 илјади работни места и намалување на невработеноста под 10 проценти до крајот на наредната декада.

– Затекнавме 560 илјади вработени во 2006 година, а кога заминавме во мај оставивме 733.000 вработени, за 173 илјади повеќе. Ако успеавме да ја намалиме невработеноста од безмалку 40 отсто кога дојдовме во Владата на 22,5 отсто колку што е сега, бидете сигурни дека ќе успееме да ја намалиме под 10 проценти до крајот на наредната декада, потенцира Груевски.

Од митингот во општина Аеродром Груевски посочи дека претстојните избори не се обични и оти граѓаните на 15 октомври ќе решат за тоа каква иднина ќе има нашата држава.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети од митингот во спортската сала на Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово ја нагласи потребата за продолжување на раководењето со општините со кои, како што рече, досега раководевме за да постигнеме поголеми резултати.

– Јас би им порачал на нашите противници да не зборуваат премногу за нашите достигнувња и проекти бидејќи само ако сакаат да ги набројат би им требало неколку денови. Но, народот ќе знае тоа да го цени и ќе реши кој ќе ја води локалната власт во следниот период, истакна Ахмети. Апелираше партиите да се придржуваат кон правилата за демократски и фер изборен процес бидејќи, како што рече, на сите ни се потребни кредибилни избори.

Кандидатот за градоначалник на општина Гостивар од Алијансата за Албанците Арбен Таравари ја побара поддршката од граѓаните и посочи дека на советничката листа има петмина доктори на науки, пет магистри и докажни професионалци.

– Немам сомнеж дека со таква екипа ќе бидеме најдобри. Затоа кога ќе гласате, гласајте за нив, рече Таравари.

Кандидатот за градоначалник на општина Тетово од ДПА Бардиљ Даути вети разрешување на постојните проблеми во Тетово.

– Нашата програма има 15 приоритетни точки меѓу кои се транспарентност и отчетност, засилување на локалниот економски развој, развој на градот со посебен осврт на главните градски булевари, ефикасен јавен транспорт, развој на туризмот и рурален развој, рече Даути на митингот во Тетово.