ЛИ2017/ Китев: На Кавадарци му се потребни промени

На Кавадарци му се потребни промени, рече на денешната прес-конференција Бетиан Китев, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.

– Напредокот на Кавадарци и подобрувањето на животот на сите граѓани на Кавадарци, отсекогаш ми биле примарна цел во мојата политичка кариера. Токму со таа цел да придонесам за подобрување на животот во Кавадарци, ја прифатив кандидатурата за градоначалник на Кавадарци. Силно верувам дека Кавадарци, со напорна и посветена работа, но и со искрени и некорумпирани луѓе на чело на општината, може да стане еден од најразвиените градови во Македонија, рече тој.

Тој додаде дека на Кавадарци му е неопходен чист воздух, подобра инфраструктура, посредени улици и патишта, нови градинки, спортски терени, гасификација. .

– За младите мора да отвориме нови можности и повисоки плати со цел да не ни заминуваат во странство. И секако на сите граѓани им е потребна отворена и услужна општина, рече Китев.

Ги наброја петте клучни проекти кои ќе бидат приоритет на новата локална власт.

– Во соработка со Владата, целосно ќе го гасифицираме Кавадарци. Граѓаните и фирмите ќе плаќаат поевтини сметки за електрична енергија и до 50 отсто. Ќе изградиме затворен пазар со подземен паркинг простор. Пазарџиите и граѓаните повеќе нема да мрзнат зимно време на отворено. Во Кавадарци ќе изградиме нова детска градинка. Родителите повеќе нема да имаат грижи каде би биле згрижени нивните деца додека тие се на работа. Целосно ќе ги реконструираме главните улиците и булевари во Кавадарци и ќе го замениме асфалтот на сите оштетени улици во градот. Исто така, планираме и изградба на три нови кружни текови. Планираме да го комплетираме колекторскиот систем на реката Луда мара до селото Марена, соопшти Китев.